Македонија

Што ќе донесе бојкотот на маркетите?

31 Jan 2025

Македонските граѓани се приклучија на иницијативата за бојкот на маркетите која најпрвин започна во Хрватска и се рашири во земјите во регионот. Иницијативата за бојкот на маркетите се појави на социјалните мрежи и со неа се повикуваат граѓаните на 31.1  да не купуваат производи од маркетите .

Приредил: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити, се вели во фејсбук групата БОЈКОТ!!! СТОП ЗА ВИСОКИТЕ ЦЕНИ НА ХРАНАТА!!!

Економскиот аналитичар, Абил Бауш, смета дека бојкотот на маркетите е обид на потрошувачите да изразат незадоволство од зголемените цени на основните прехранбени производи и општиот трошок за живот. Според него, вакви акции можат да имаат симболична и психолошка тежина, бидејќи покажуваат дека граѓаните се подготвени да реагираат и да бараат одговорност од бизнис секторот и од владините институции.

Сепак, економската ефикасност на еден ваков еднодневен бојкот е ограничена, бидејќи не носи директен финансиски притисок врз трговските ланци. Поголемо влијание би можело да се постигне преку подолгорочни и координирани потрошувачки движења, како што се таргетирани бојкоти на конкретни производи или синџири на маркети, или преку системски решенија што би резултирале со долготрајна стабилизација на цените. Денешниот бојкот претставува сигнал дека граѓаните се свесни и подготвени да реагираат на економските предизвици, но сам по себе нема да биде доволен за структурни промени во цените. Доколку ваквите иницијативи се надополнат со конкретни мерки од страна на институциите и ако постои јасен план за долгорочно стабилизирање на цените, ефектите би можеле да бидат поголеми. Суштинското прашање останува – како владата, трговците и граѓаните ќе најдат заедничко решение кое ќе ги балансира економските интереси и социјалната одржливост, вели Бауш.

Успешноста на ваквите иницијативи, Бауш смета дека зависат од неколку фактори. 

Масовноста и организираноста, доколку има значителен број учесници и ако потрошувачите останат доследни на барањата, тогаш тоа може да предизвика одреден притисок врз трговците.  Еднодневен бојкот нема големо економско влијание врз маркетите, но ако иницијативата добие поддршка и продолжи со јасни барања, може да доведе до одредени корекции. Одговорот на маркетите и производителите, доколку синџирите на маркети забележат значителен пад во продажбата, можеби ќе бидат принудени да ги намалат цените или да понудат дополнителни промоции за да ги задржат потрошувачите. Долгорочната можност за ширење на овој бојкот зависи од економските услови во земјата. Ако цените продолжат да растат, граѓанските иницијативи може да станат поорганизирани, вклучувајќи и барања за владин ангажман во регулацијата на цените или субвенции за основните производи, потенцира Бауш.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека има лично разбирање за акцијата за бојкот на маркетите, тој  соопшти дека имал координација со министерот за економија и труд, претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата и директорот на Државниот пазарен инспекторат и најави дека ќе започнат ригорозни контроли во маркети и во останатите трговски објекти.

Според податоците на Сојузот на синдикати на Македонија минималните трошоци на едно четиричлено семејство во јануари се зголемени за 391 денар во однос на декември. Вредноста на синдикалната минимална кошничка за само една година пораснала за 6.089 денари што значи зголемување од 10,63 проценти.

Според Бауш, намалувањето на цените во маркетите бара системски пристап кој вклучува повеќе економски мерки:

Зголемена конкуренција – Пазарите во Македонија се концентрирани околу неколку големи синџири на маркети. Поттикнување на поголема конкуренција, поддршка за мали и средни трговци, како и олеснет увоз на одредени производи би можело да доведе до пониски цени.

Контрола на профитните маржи – Владата може да воведе привремени регулативи или стимулативни мерки кои би ги ограничиле високите маржи што ги наплаќаат трговците и дистрибутерите, особено за основните прехранбени производи.

Намалување на трошоците во синџирот на снабдување – Високите цени често се резултат на зголемените трошоци за транспорт, складирање и посредници. Поддршка за домашно производство и директни договори меѓу производителите и маркетите може да доведе до стабилизирање на цените.

Фискални политики – Владата може да размисли за привремено намалување на ДДВ за основните производи, субвенционирање на одредени трошоци за производителите, или воведување на контролирани механизми за цените во време на економска криза.

Подобра информираност и едукација на потрошувачите – Кога потрошувачите активно ја следат ценовната политика на маркетите и го приспособуваат купувањето врз основа на економски и рационални одлуки, трговците се принудени да нудат подобри цени за да ја задржат продажбата, истакнува економскиот аналитичар Абил Бауш.

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...