На малопродажбата често се гледа како на област во која клучен фактор се политиките за набавка и дистрибуција на производите, политиката на цените и маржите, објектите кои треба да бидат луксузни и привлечни на око. Секако дека ова се клучните елементи кои се неопходни за успех, но сепак, како неизбежен дел од формулата за раст треба да го споменеме најважниот ресурс на секоја компанија – вработените! Тие имаат свои потреби, очекувања и со нив треба да се работи, да се вложува континуирано во нивниот развој и вештини. Тука се секако и лицата кои се на раководни позиции, кои неопходно треба да поседуваат лидерски компетенции, да сакаат да развиваат луѓе и самите да вложуваат во личниот развој.
Пишува: Наташа Ивановска, Сертифициран тренер и бизнис коуч и основач и генерален директор на „Инсајт груп“
Лидерството во малопродажбата е еден од клучните фактори за успехот на било кој бизнис во овој сектор. Во светот во кој трендовите постојано се менуваат и има високо конкурентна пазарна средина, способноста на компаниите да се истакнат и да се прилагодат на потребите на потрошувачите е критична за нивниот раст и развој. Ефективното лидерство може да ги води малопродажните компании низ различни предизвици и да ги постави на патот кон долгорочен успех. Оваа област во која водечките компании вложуваат за развој на своите клучни вработени, нуди значајни
Клучни аспекти на лидерството во малопродажбата:
- Визија и стратегија
На прашањето “Кои се вашите визија и мисија?” често компаниите кажуваат дека се напишани на нивната интернет страница. Во пракса не се поврзуваат со напишаното, а вработените не се поистоветуваат со тоа што компанијата сака да го постигне. Лидерот во малопродажбата мора да има јасна визија за иднината на бизнисот и стратегија за нејзино остварување. Тој треба да ги препознае трендовите во индустријата и да ги искористи за да ја подобри позицијата на компанијата на пазарот. Независно дали се работи за менаџер на маркет или сопственик на малопродажен ланец – потребата е иста: да се работи со долгороччна визија, наместо со политики на краток рок.
- Извонредно управување со тимот
Ефективното лидерство подразбира и способност за управување и водење со тимот. Лидерот треба да ги мотивира, обучува и развива свои вработени, создавајќи култура на тимска работа, личен ангажман и одговорност. Добро обучени и мотивирани вработени се клучни за успешна интеракција со потрошувачите и обезбедување квалитетна услуга, која генерира лојални купувачи и развој на компанијата. Постоење на менторски програми и обучени ментори за вовед на работно место се неопходни за брз и ефикасен влез на нови вработени во тимот, како и за развој на постоечките.
- Фокус на потрошувачот
Лидерот мора да има длабоко разбирање на потребите и желбите на потрошувачите. Разбирањето на нивните очекувања и постојано подобрување на услугите и производите според тие потреби е клучно за зголемување на задоволството на потрошувачите и нивна лојалност. Оваа врска со потрошувачите е клучна за сите вработени – сите знаеме како се чувствуваме кога на продажното место ни го знаат името и омилениот производ.
- Иновација и прилагодување на пазарот
Постигнувањето на успехот во малопродажбата е невозможно без иновација. Лидерот треба да биде способен да ги следи најновите технолошки и индустриски промени и да ги интегрира во својот бизнис модел. Развојот на нови производи, нови продажни стратегии и нови начини на комуникација со потрошувачите ќе помогнат во задржување на конкурентната предност. Тука спаѓа и иновацијата во делот на управување со човечки ресурси, унапредување и дигитализација на процесите, со еден збор – постојано унапредување на бизнис практиките.
- Етичко и одговорно лидерство
Со продолжениот фокус на одржливост и етика, лидерите во малопродажбата треба да бидат пример на одговорно водство. Ова не се однесува само на односите со потрошувачите, туку и на односите со вработените и со целокупната заедница. Примената на принципите на етика и одржливост ќе доведе до поголема доверба и репутација на брендот. Не е доволно само да се спонзорираат настани – потребно е да се покаже дека во секојдневното работење, кон вработенте и сите учесници во бизносот етиката е на највисоко ниво.
- Корисничка поддршка и однос со клиентите
Лидерот во малопродажбата треба да постави стандарди за извонредно корисничко искуство. Постигнувањето на високото ниво на поддршка на клиентите е од суштинско значење за задржување на постојаната база на клиенти и привлекување нови кленти – онлајн линија за комуникација со корисници, телефонска линија за решавање поплаки, сето тоа придонесува кон задоволни корисници кои го препорачуваат бизнисот.
Лидерството во малопродажбата не е само за водство на тимот, туку и за донесување стратегиски одлуки кои ќе го обликуваат развојот на бизнисот во иднина. Компаниите кои ќе успеат да изградат силно лидерство во малопродажбата и ќе ја интегрираат визијата, иновацијата и ориентираноста кон клиентите во своите стратегии, ќе бидат подготвени за успешен раст и развој на пазарот. Компаниите кои вложуваат во развојот на своите лидерски капацитети, низ обуки и други форми на организациски развој, се компании кои континуирано ќе растат, без оглед на случувањата во околината. Всушност, тие знаат како случувањата да ги претворат во своја предност.

Се вчитува следна вест...