Актуелно

„Игра на нерви“ меѓу пекарите и Владата

01 мар 2023

Најголем дел од пекарниците утрово не испорачале леб во маркетите - просторот за леб во најголемите трговски синџири остана празен, или со по некоја останата векна од вчера. Засега не се знае ни дали ќе добијат леб подоцна во тек на денот, ниту како ќе биде од утре. 

Вакви одговори доби InStore од трговците, откако ги прашавме дали имаат тазе леб во нивните продавници. 

Леб утрово донесе само еден добавувач. И тој го чекавме до последен момент, дали воопшто ќе стигне. Количината не е доволна за да ги покрие потребите на нашите купувачи, ни одговорија од голем трговски синџир.  

Трговците немаат информација како да постапат. 

Крешник Бектеши: Сметаме дека 33 денари е соодветна цена и може да го прашате секој производител на леб дали со таа цена на брашното и актуелните трошоци 450 грама леб треба да е поскап од 32 денара, вклучувајќи шест денари профит што останува кај пекарите. Значи, 32 денара со шест денара профитна маржа од страна на пекарите, пет отсто маржа од трговците или во малопродажба и пет отсто ДДВ. 

Состојбата со снабдувањето со леб ескалира откако Владата на вчерашната седница одлучи од денес да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари и да ја укине субвенционираната струја за прехранбените компании кои не ги намалија цените. Одлуката за замрзната цена на лебот веќе е објавена во „Службен весник“ и ќе важи до 31 мај. По ова, реагираше пекарската индустрија, со став дека тоа ќе значи запирање на производството на леб.  Ваква одлука донеле едногласно 32 индустриски пекари од целата држава плус здруженија на мали пекари од повеќе градови, на итниот состанок што вчера беше одржан во Стопанската комора на Македонија. Дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цените во Службен весник, од наредниот ден нема да се произведува леб и да се носи на пазарот, најави вчера Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко - пекарска индустрија.

Додека Владата тврди дека компаниите не се оштетени со замрзнување на цената на лебот, пекарите велат дека за населението да добива евтин леб, државата мора да ги следи примерите од соседството за субвенционирање на брашното, платите и енергијата.

Горан Малишиќ: Цените на пазарот веќе се намалени, и тоа повеќе од субвенциите. Во формирањето на цените не влегува само струјата, туку и цените на брашното, работната рака, нафтата, опрема за пакување. Со оваа одлука се прави штета на бизнисот, не се гледа целата слика туку само одредени цени. Таа мерка ќе им донесе на пекарниците штета и ќе ги доведе до нивно идно затворање. Штетата во зависност од големината на индустриските пекарници би изнесувала од 3 до 15.000 евра на ден.  

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...