Истражувањето продолжува да се фокусира на промената на однесувањето на потрошувачите и вклучува нови прашања за промената на приватниот и професионалниот начин на живот, одржливоста, како и за здравствените и безбедносните грижи.
Извор: „Еуромонитор интернационал“
Групирањето на потрошувачите исклучиво според демографските карактеристики при анализа на нивното однесување поврзано со купувањето и одлуките за купување може да даде искривена слика на нивните секојдневни навики и начин на живот. Наместо тоа, „Еуромонитор“ ја надминува стандардната демографија и персонализирано ги профилира различните типови потрошувачи, на глобално и на локално ниво.
Овој извештај е ажурирање на глобалните типови потрошувачи, генериран со годишните податоци од истражувањето „Voice of the Consumer: Lifestyles Survey 2021“, спроведено во јануари и февруари годинава. Истражувањето за животниот стил продолжува да се фокусира на промената на однесувањето на потрошувачите и вклучува нови прашања за промената на приватниот и професионалниот начин на живот, одржливоста, како и за здравствените и безбедносните грижи. Опфатени се испитаници од 40 развиени и земји во развој.
Голем дел од клучните навики и начин на живот на глобалните типови потрошувачи годинава се во согласност со извештајот за 2020 година, со исклучок на дигиталниот ентузијаст, кој повеќе не се следи.
Врз основа на личните ставови и карактеристики на потрошувачите, како што се консумацијата на медиумски содржини, однесувањето при купување и индивидуалните аспирации, оваа сегментација ќе им помогне на компаниите да размислуваат креативно за потенцијалните купувачи и да создаваат производи и кампањи приспособени на нивните ставови и интереси. На пример:
ТИПОВИ ПОТРОШУВАЧИ ПРЕКУ „ПАТОТ ДО ПОЛИЦА“
„Патот до полица“ ги опфаќа навиките за купување и донесувањето одлуки кај потрошувачите, од иницијалниот поттик и мотивации до претпочитаните канали за купување и влијателните карактеристики. Разбирањето на однесувањето на потрошувачите и преференциите во сите фази на „патот до полицата“ им овозможува на брендовите и компаниите да создадат таргетирани маркетиншки и продажни стратегии. Во услови кога потрошувачите постојано добиваат пораки за нови производи и услуги, компаниите треба да бидат во можност да ги усогласат новитетите и целото искуство при купувањето кон потребите на потрошувачите.
Ориентиран на попусти и на поволни понуди, но истовремено сака да биде во чекор и со најновите трендови. Честопати бара персонализирани и привлечни искуства, ангажман на брендовите, трговски услуги итн.
Импулсивниот трошач ужива да пребарува и онлајн и офлајн, дури и кога не планира да врши набавка. Сепак, неговото купувачко искуство треба да биде приспособено на неговите индивидуални потреби и карактеристики. Иако овој тип потрошувач е претпазлив во споделувањето информации преку интернет, сепак, ќе направи отстапка доколку добие пристап до производи и услуги што одговараат на неговите потреби и вредности.
Најдобри начини да се таргетира:
- Практични и едноставни услуги во продавницата за да се олеснат брзите набавки;
- Приспособено и персонализирано искуство;
- Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
- Достапност на онлајн и офлајн-платформите, повеќеканално купувачко искуство.
Потрошувач што не му придава голема важност на сопствениот имиџ и има скромен животен стил. Тој е штедлив и не купува луксузни и несуштински производи.
Минималистичкиот трагач е насочен кон едноставен начин на живот и големо внимание им посветува на прашањата поврзани со заедницата и одржливоста. Тој ретко купува несуштински производи и малку е веројатно дека импулсивно ќе купи нешто. Честопати истражува за производите и за услугите пред да реши да ги набави. Отворен е да проба нови производи и не е многу лојален кон одредени брендови и производи. За него, најважен е квалитетот и е подготвен да плати повеќе ако тоа значи дека набавката ќе биде долговечна. Фокусот на намалувањето на отпадот значи и дека тој е склон да поправа предмети наместо да купува нови, но и да купува половни предмети.
Најдобри начини да се таргетира:
- Јасни информации на пакувањето и на етикетите на производите во продавницата и на интернет, со акцент на екологијата, одржливоста, локалните извори и високо квалитетните состојки;
- Едноставни споредбени платформи за олеснување на процесот на донесување одлука за купување;
- Промоција на производи со карактеристики што имплицираат намалување на отпадот (материјали за рециклирање или набавки од втора рака).
Овој тип потрошувач активно избегнува купување. Лесно може да го расколеба цената и најверојатно ќе ја купи најевтината алтернатива.
Не му придава голема важност на имиџот и ретко ги следи најновите трендови. Врз него е тешко да се влијае бидејќи ретко прави импулсивни купувања, ретко пробува нови производи и обично ги купува основните артикли. Тој е скромен во навиките за купување, честопати се фокусира на ниските цени и многу му значи доколку заштеди пари. Попустите понекогаш можат да влијаат врз неговите навики за купување, предизвикувајќи го да ја избере најевтината алтернатива. Иако почна да ја прифаќа технологијата во последните години (особено по појавата на ковид-19), сепак, повеќе ги цени услугите во физичката продавница. Поверојатно е дека најпрвин ќе истражи онлајн, а потоа ќе го купи производот од продавница.
Најдобри начини да се таргетира:
- Услуги со кои ќе се ублажат сите негови загрижености при користење на технологијата;
- Јасни ознаки на промотивните производи, ниските цени и попустите – особено за основните артикли;
- Практично и едноставно искуство во продавницата за да се минимизира неговото време поминато при пазарување.
Потрошувач чиј приоритет е автентичноста и честопати се занимава со глобални проблеми. Внимателно ги анализира сопствените постапки и однесувања за да се осигури дека се во согласност со неговите вредности.
Покрај грижата за глобалните прашања, овластениот активист ја цени сопствената благосостојба. Честопати бара производи со еколошки и одржливи карактеристики. Пред да ја направи набавката, често инвестира време за истражување на производите што би се усогласиле со неговите вредности. Производите и услугите треба да бидат јасно означени и со конкурентни цени за да го привлечат неговото внимание. Иако овластениот активист е воден од вредноста за парите и од ниските цени, истовремено, тој е и многу лојален кон одреден бренд или производ. Обично се држи до набавки што се испробани. Во текот на пандемијата неговиот приоритет од глобалните прашања повеќе се префрли кон локалните проблеми и личната благосостојба.
Најдобри начини да се таргетира:
- Јасни и чисти ознаки, со акцент на одржливоста и еколошките карактеристики;
- Производи со конкурентна цена;
- Награди, програми за лојалност и попусти за брендовите што редовно ги купува;
- Ангажман на компанијата и на брендот преку јасни стратегии за одржливост, благосостојба и добротворни платформи.
Трендовски потрошувач, подготвен да троши пари (и онлајн и офлајн) за да го задржи својот статус. Им дава приоритет на искуствата и на слободните активности, како и на брендовите и луксузните производи.
Тој ужива во животот и не се грижи премногу за иднината. Повеќе претпочита да троши пари отколку да штеди и редовно купува импулсивно. Статусот и имиџот се на првото место. Не му придава големо значење на тоа што другите мислат за него и секогаш е во тек со најновите трендови и стилови. За разлика од другите типови потрошувачи, непоколебливиот борец е безгрижен во навиките за трошење. Ужива да пробува нови производи и да експериментира со различни брендови, додека во исто време активно бара премиум и добро познати производи, дури и ако треба да плати повеќе.
Најдобри начини да се таргетира:
- Приспособени и персонализирани искуства, висок ангажман на брендот;
- Промоција на најновите трендови, особено преку социјалните медиуми;
- Достапност на онлајн и офлајн-платформи, непречено повеќеканално купувачко искуство;
- Јасни и чисти ознаки, со акцент на одржливоста и еколошките карактеристики.
Потрошувач што високо ги цени семејните релации и личните работи. Малку е веројатно дека му придава голема важност на сопствениот имиџ и оти ги следи најновите трендови.
Внимателно ги троши парите. Не бара познати брендови или премиум производи, туку обично се држи до основните набавки. Времето повеќе го посветува на себе и на најблиските отколку на материјалните добра. Иако можеби нужно нема да потроши пари, ужива во трговското искуство и во разгледувањето на продавниците. Незаборавните и уникатни искуства за пазарување (специјални промоции, попап-продавници, ограничени изданија) може да го привлечат и да го наведат на повремени импулсивни купувања. Не се одликува со голема лојалност кон брендот, па затоа новите производи на пазарот или приватните трговски марки можат да го освојат доколку се со конкурентна цена и имаат слични карактеристики со редовните набавки.
Најдобри начини да се таргетира:
- Промоција на производи што ја подобруваат личната благосостојба и го збогатуваат времето поминато со семејството и блиските пријатели, со акцент на самогрижата;
- Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
- Достапност на онлајн и офлајн-платформите, повеќеканално купувачко искуство;
- Погодни услуги за олеснување на брзите набавки, но и уникатно искуство.
Овој потрошувач е отворен да експериментира со нови работи и инвестира во сопствената иднина, честопати поставувајќи си големи лични и професионални цели.
Претпазливо ги троши парите и честопати бара квалитетни производи – познати и премиум брендови, но внимава и на вредноста за парите. Личниот имиџ и статус не се многу важни. Одлуката за купување вообичаено е под влијание на ценатa. Тој е подготвен да проба нови производи и услуги, особено ако се со конкурентни цени. Насочен е кон иднината, често штеди пари и планира однапред. Постојано настојува да се развива себеси, без разлика дали преку кариерата, личното здравје, глобалните проблеми или врските со семејството и пријателите. Неговиот фокус е на физичката и на менталната благосостојба.
Најдобри начини да се таргетира:
- Промоција на производи што го подобруваат личното здравје и благосостојбата;
- Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
- Погодни услуги за брзи набавки;
- Производи и услуги за надградување на квалитетот на кариерата и личните врски.
Потрошувач што е внимателен со своите пари и ретко прави импулсивни набавки. Поверојатно е дека ќе купи испробани и тестирани производи и нема да биде заведен од најновите трендови.
Тој претходно решава што ќе купи – мала е веројатноста да отстапи од списокот и импулсивно да купи несуштински производи. Пред да направи набавка, спроведува детално истражување преку интернет и во продавниците за да се осигури дека ќе ја избере најдобрата вредност за парите. Претпазливиот планер веројатно нема да бидат привлечен од најновите трендови. Иако им дава важност на квалитетните и доверливи брендови, заштедата на пари е исклучително важна за него и тој е подготвен да отстапи од вообичаените набавки доколку алтернативниот производ нуди подобра вредност за парите.
Најдобри начини да се таргетира:
- Јасни и чисти ознаки за цените и карактеристиките, што ќе му овозможи полесно да ги донесе одлуките за купување;
- Производи со конкурентна цена;
- Јасно наведени прегледи и сведоштва;
- Награди, програми за лојалност и попусти за брендовите што редовно ги купува;
- Погодни услуги за олеснување на брзите набавки, но и уникатно искуство.
Овој потрошувач е фокусиран на сопствената физичка и ментална благосостојба. Често им дава приоритет на сопствените потреби и желби пред глобалните проблеми.
Се фокусира на себеси, првенствено на сопственото здравје и благосостојба. Редовно прави физички вежби, консумира витамини и додатоци, балансирано се храни. Сепак, неговиот внатрешен фокус не е само физички. Високо го цени времето што го има за себе, семејството и за блиските пријатели. Истовремено, бара духовност во секојдневниот избор. Претежно е задоволен од животот и настојува да го поедностави. Иако бара погодност и одвреме-навреме ужива во технологијата, таа не е движечка сила во неговиот начин на живот. Не е насочен премногу кон глобалните проблеми, како што е одржливоста. Наместо тоа, ги насочува времето и енергијата кон себеси. Повеќе претпочита да троши на меѓународни патувања и културни искуства отколку на материјални работи.
Најдобри начини да се таргетира:
- Промоција на производи што го прават поефективно времето поминато со семејството и блиските пријатели;
- Промоција на производи што ја подобруваат личната благосостојба – физичка, ментална и здравствена;
- Маркетинг-производи и услуги кои вклучуваат патувања и културни искуства.
Потрошувач што практикува балансиран начин на живот, фокусиран на уживањето во сегашноста и планирањето на иднината. Често му дава приоритет на времето поминато со пријателите и со семејството.
Прагматичен потрошувач, претпазлив во трошењето на парите. Нему многу му значи личната среќа, па затоа честопати прави мали импулсивни набавки за да си угоди себеси, на семејството или на пријателите. Иако тој обично трага по силни брендови и премиум производи, во зависност од поводот, сепак, ги вреднува и производите со ниски и конкурентни цени. Ужива во искуствата, обидувајќи се да го збогати животот со учење за различни култури. Го цени времето што го троши за себе, како и активностите во слободното време со пријателите. Вообичаено бара едноставни и удобни искуства и услуги при купувањето, кое не трае долго. Генерално, балансираниот оптимист не им придава голема важност на глобалните теми, како што се одржливоста или политиката. Едноставно, оптимист е дека неговите сегашни активности ќе му овозможат светла иднина.
Најдобри начини да се таргетира:
- Промоција на производи што ја подобруваат личната благосостојба и го збогатуваат времето поминато со семејството и блиските пријатели, со акцент на самогрижата;
- Јасна промоција на цените и попустите, конкретно истакната вредност за парите;
- Достапност на онлајн и офлајн-платформите, повеќеканално купувачко искуство;
- Погодни услуги за олеснување на брзите набавки, но и уникатно искуство;
- Приоретизирање на карактеристиките за идна благосостојба и долгорочна среќа во производите и услугите.
ВЛИЈАНИЕ ОД КОВИД-19
Имајќи го предвид бројот на политички, еколошки и човекови права што излегоа на површина во 2020 година, поголемиот дел од потрошувачите сметаа дека треба да преземат одредени активности годинава. Како резултат на тоа, анализата на типовите потрошувачи во 2021 година покажува дека се зголеми бројот на тие што се категоризирани како непоколебливи борци и овластени активисти.
Од друга страна, поради финансиската несигурност, загубата на работни места и економските рецесии, голем дел од потрошувачите повеќе се фокусираа на сопствената благосостојба и идната финансиска сигурност. Тие стекнаа повеќе навики на штедење, а индивидуалната среќа доби ново, повисоко значење. Тие промени во однесувањето резултираа со зголемен број безбедни традиционалисти и балансирани оптимисти.
Каде е дигиталниот ентузијаст?
Во анализите за типовите потрошувачи од 2019 и 2020 година беше идентификуван уште еден тип – дигитален ентузијаст. Овој тип потрошувач имаше голем афинитет кон дигиталниот свет, честопати избирајќи ги виртуелните искуства пред тие од реалниот живот. Тој ги претпочиташе онлајн-платформите за комуникација и за набавка на производи.
Како резултат на пандемијата на ковид-19, многу потрошувачи беа принудени да ги променат навиките и однесувањето поради карантинот и другите владини политики што го ограничија движењето. Комуникацијата и купувањето преку интернет, како и многубројните виртуелни настани, станаа неопходен начин за да се поврзат со светот.
Поради зголемената употреба на интернетот и на технологијата од страна на голем број потрошувачи, дефинирачките карактеристики повеќе не се специфични и единствени за дигиталниот ентузијаст. Тие карактеристики сега можат да се однесуваат на сите други потрошувачки профили.
ЗАКЛУЧОК
Сегментацијата и анализата на „Еуромонитор“ за типовите потрошувачи може да биде моќна алатка и да им помогне на компаниите да ги разберат и соодветно да пристапат до целните пазари. Надминувајќи ја типичната сегментација, која се заснова врз демографските карактеристики, како што се возраста и полот, и групирајќи ги потрошувачите врз основа на заедничките карактеристики и преференции, компаниите можат подобро да ги развијат производите и маркетинг-кампањите за клучните купувачи.
Со рапидно менување на политичките, социјалните и технолошките фактори, за брендовите и за компаниите станува неопходно да се усогласат со вредностите и начинот на живот на потрошувачите за да бидат успешни во иднина.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.