Свет

ЕУ издаде препораки за иднината на винскиот сектор

15 Jan 2025

Работната група за вино на Европската комисија издаде  препораки кои треба да обезбедат одржливост на винскиот сектор, а кои беа поддржани од сите земји-членки.

Истакната е  потребата од управување со потенцијалот за производство на вино за да се реши прекумерната понуда. Овие алатки, велат од работната група, вклучуваат насочени програми за расчистување лозови насади за одредени региони или вински сорти, привремена модулација на производниот потенцијал преку пофлексибилен систем за управување, односно одобренија за садење и повторно засадување винова лоза или механизми за олеснување на приспособувањето на приносите на грозје.

Групата, исто така, ја нагласува потребата да се зајакне отпорноста на лозарите на пазарните и климатските ризици преку поефективна борба против нефер трговските практики.

Кога станува збор за буџетот на заедничката земјоделска политика за винскиот сектор, се препорачуваат промени во националните програми за поддршка за да ги направат пофлексибилни и да овозможат побрз одговор на нарушувањата на пазарот или климатските промени.

Понатаму, се нагласува важноста од адаптирање на секторот на променливите преференци на потрошувачите и трендовите на глобалниот пазар, охрабрувајќи ги иновациите и развојот на производи како што се безалкохолизираните вина.

Се препорачува да се олесни директната продажба од производителите на потрошувачите и да се поттикне винскиот туризам, како и да се промовираат вината од ЕУ како симбол на одржливост, рурален развој и културно наследство.

Неопходно е да се зајакне отпорноста на нашиот вински сектор, како и да се прилагоди на новите пазарни трендови за да се обезбеди долгорочна одржливост. Преку овие мерки, кои вклучуваат зголемување на конкурентноста, одржливоста и издржливоста, ќе обезбедиме секторот да биде подобро подготвен за иднината и подобро да се справи со предизвиците што претстојат, нагласи Кристоф Хансен, комесар за земјоделство и храна.

 

 

Извор: Agroklub

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...