4. FMCG-самит: Едукативен и инспиративен ден

18 мај 2018

Повеќе од 350 учесници од над 130 компании од земјава, кои имаа можност да видат одлични презентации и студии на случај, беа поттикнати да размислуваат како иновациите, дигитализацијата, големите бази на податоци и креативноста влијаат врз процесите на работење, како компаниската култура може да се издигне „над линијата", како да се зголеми продажбата...

Силно верувам дека едукацијата и нетворкингот се единствениот вистински пат за развој на луѓето од одредена професија и за развој на фирмата. Затоа и InStore како медиум има цврста определба да информира и да едуцира. Затоа и секоја година одново се нафаќаме на организација на FMCG-самитот. Верувам дека на сите ни треба барем еден ден во годината во кој ќе се инспирираме, и формално и неформално ќе се дружиме и ќе разменуваме идеи и мислења, истакна Верица Мартиновска, директор на InStore – Македонија, која го отвори големиот трговски настан. 

Маја Антеска, главен менаџер за советодавни услуги од ЕБОР (програмски поддржувач на самитот), имаше кратко излагање во кое ја нагласи отвореноста на Банката за поддршка на компаниите што позитивно ќе придонесат во развојот на македонската економија.

Секоја приказна има своја патека..., беа воведните зборови на Енвер Малиќи, сопственик на „Гемак трејд", кој го раскажа својот инспиративен пат од нереализиран фудбалер до успешен бизнисмен во повеќе различни индустрии, како што се трговијата и дистрибуцијата, телекомуникациите, недвижностите и угостителството во земјава и во странство (Косово и Албанија).

Следуваше Милан Радивојевиќ, директор за стратегија и бизнис-развој во „Нелт", со презентацијата на тема „Моделот на стратешки мапи и balanced scorecard како алатка за спроведување на долгорочната стратегија", кој ја истакна важноста на писменоста во бизнисот: Суштински е вработените да знаат каде плови бродот – дали во црвениот океан, кој е полн со риби што се борат меѓусебно, или во синиот, во нови, иновативни води.

Јелица Ивановска, консултант за организациски развој, го презентираше принципот на Оз како еден од начините за промена на организациската култура. Принципот на Оз нè учи како да престанеме да бидеме жртви и да преземеме одговорност за резултатите што треба да ги оствариме; да постигнеме индивидуална и компаниска извонредност; да ја смениме својата и компаниската професионална култура за да бидеме најдобри во тоа што го работиме, истакна таа.

Најголемото внимание од учесниците беше фокусирано кон Хрватот Миодраг Боројевиќизвршен директор на рускиот трговски синџир „О’кеј", кој го презентираше огромниот извозен потенцијал на рускиот пазар: На рускиот FMCG-пазар, кој во 2017 година изнесуваше 485 милијарди евра, повеќе од 50% од производите се увезени. Постои голема можност за увоз од Македонија и од регионот, но тој огромен пазар нема да се приспособи кон нас – ние мора да тргнеме кон него и да се менуваме. Едно од најдобрите решенија е регионалната синергија и фокусот на премиум сегментот во областа на приватните трговски марки, истакна тој. Учесниците имаа голем број прашања за Боројевиќ, а тие што не успеаја да ги добијат одговорите во терминот предвиден по презентацијата, ја имаа таа можност за време на паузите, преку остварување директни контакти со него.

Директорката на истражувачката агенција ГфК – Србија, Маријана Агиќ-Молнар, презентираше на тема „Користете ги мудро вашите податоци". Во времето на четвртата индустриска револуција, која со себе ги носи автоматизацијата, интернетот на нештата и вештачката интелигенција, изворот на идната конкурентска предност е во ефикасното искористување на податоците, заклучи таа.

Џорџ Ангелакис, сениор консултант на ЕБОР, ги претстави најдобрите менаџмент-практики што FMCG-компаниите треба да ги имплементираат за да преживеат во услови на хиперконкуренција, бидејќи ако не реагираат брзо, ќе ја изгубат играта.

 

„Програмата за лојалност во служба на трговскиот синџир, потрошувачот и доставувачот (case study: Гомекс)" беше следната презентација на Петар Медаревиќ, директор на ИТ маркетинг-агенцијата „One Stop Marketing", кој подвлече дека лојалити-програмите се синергија меѓу ИТ и маркетингот. Преку анализа на лојалти-програмата на трговскиот синџир „Гомекс", тој ја претстави реалната употребна вредност за сите учесници во системот, покажувајќи на кој начин функционираат конкретните механизми и алатки, како изгледаат извештаите и што сè е потребно за почнување на овој систем.

Никола Мизо, директор на профитен центар за хемикалии, козметика и ботаника во „Алкалоид", ги анализираше клучните фактори што влијаат врз порастот на продажбата на домашниот и на извозните пазари денес: Комуникацијата преку дигиталните медиуми овозможува доближување на производителот до крајниот потрошувач, можност што досега не постоеше. Комуникацијата се одвива непречено и двострано, што е огромен плус кој носи пораст на продажбата, рече тој, презентирајќи пример за кампања за зголемување на продажбата.

За потребите на презентацијата „Аналогно одиме кон дигитално" на Ивица Соколовски, менаџер за истражувања во „Ипсос" – Македонија, агенцијата спроведе истражување на предизвиците на е-трговијата пред кои се исправени производителите и трговските синџири. Најважните аспекти на е-трговијата, кои ќе го движат понатамошниот развој се: иновативност при креирањето на дигиталната понуда; директна, но ненаметлива релација меѓу потенцијалниот потрошувач и компанијата; овозможување едноставно е-пазарење; запазување на принципот на повеќеканалност; дистрибуција до дома; безбедни трансакции во земјата и од странство...

Дарко Лукиќ, консултант за маркетинг, на прашањето „Дали FMCG-индустријата е следната жртва на дигитализацијата?", резимираше: Брендовите мора да креираат единствено потрошувачко искуство. Тоа значи дека треба да ги следат технолошките трендови и да ги користат тие што се во согласност со стратегијата на компанијата, да ја прифатат новата реалност на приватните трговски марки, да ги следат потрошувачките трендови и иновации и да бидат еден чекор пред конкуренцијата, да ги евалуираат новите видови дистрибуција и логистика, да ја градат вредноста на брендот.

FMCG-самитот по четврти пат ја потврди големината на регионалната сила на InStore. Годинешната најголема посетеност е потврда дека InStore останува да биде моторот што придвижува кон позитивни промени во секторот.

Се гледаме на следниот, петти FMCG-самит – следната година, на исто место и во исто време!

Марина Наскова, „Макпрогрес"

Веќе четврта година сме учесници и поддржувачи на самитот затоа што силно веруваме во можноста за инспирација, размена на искуства и идеи од овој настан. И годинава ги потврдивме очекувањата. Имавме можност да видиме и да слушнеме одлични презентации што нè поттикнува да размислуваме за иновации, дигитализација и унапредување на процесите на работење.

Дејан Бешлиев, Македонско-руска стопанска комора

Присуствував на собир, на кој присутните имаа прекрасна можност да слушнат успешни бизнис-приказни, да „уловат" совети за подобрување на претприемничките потфати и да откријат нови деловни можности од врвни бизнис и креативни лидери. Посебно би го издвоил настапот на Боројевиќ, поради исклучително практичните совети за големиот руски пазар. Недостигаат вакви квалитетни и практични бизнис-собири во земјава.

Ирена Јакимова, „Инспирит коучинг"

Фактот што неколкупати се истакна важноста на луѓето, вработените, менаџерите и потребата од постојано вложување во личниот и професионалниот развој ме воодушеви и ми потврди дека сме на добар пат. Без разлика за кој бренд се залагаат на пазарот, луѓето работат со луѓе. Ако тие се развиваат, брендот и производите (услугите) уште побрзо ќе се развиваат.

Билјана Спасевска, „Актифф"

Самитот е сè поквалитетен секоја година. Извонредни говорници, инспиративни и иновативни презентации – богата содржина што опфаќа сè што е поврзано со секојдневното работење, ни покажува каде се движи светот, каде сме ние во него... дали сме на вистинскиот пат! Највпечатлив говор имаше Боројевиќ, а многу инспиративна, со моќен настап и многу позитивна енергија настапи и Јелица Ивановска.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...