
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Асоцијацијата на светски трговски центри (World Trade Centers Association – WTCA) го одржа годинашниот Форум на членките на WTCA во онлајн формат, на 27 и 28 октомври. Дводневниот собир обедини околу 200 учесници од 109 организации на светски трговски центри (WTC), од 42 земји и територии.
На форумот се разговараше за тоа како промените во светската трговија, новите технологии и меѓународните партнерства ја обликуваат иднината на деловното работење.
Годинашниот форум се одржа под слоганот „Поврзуваме идеи. Ја обликуваме иднината“, со акцент на значењето на активната размена на знаења, градењето меѓусебни односи и зајакнувањето на меѓународната соработка во рамките на мрежата WTCA.
Преку дискусии, презентации и сесии предводени од самите членки, учесниците разменија искуства и согледувања за промените во трговските текови, пазарите во развој, вештачката интелигенција (AI) и начините за унапредување на работењето на нивните WTC организации.
Особено беше нагласена важноста на односите засновани на доверба за поттикнување на растот на меѓународното деловно работење.
Ново раководство и амбиција за проширување на мрежата
Форумот воедно го означи почетокот на ново поглавје за WTCA, под водство на новоименуваната извршна директорка Анет Грег.
На воведната сесија, Грег и Џон Е. Дру, претседател на Управниот одбор на WTCA, ја претставија својата визија за иднината на асоцијацијата.
Тие зборуваа за значењето на глобалната мрежа заснована на доверба и нагласија дека поврзувањето на луѓето станува сè поважно во услови на сè посложено меѓународно деловно опкружување.
„Она што особено ме привлече кон WTCA е нејзината мисија да ги поврзува компаниите ширум светот. Таа мисија ги симболизира иновациите и соработката, нашата способност да ги надминуваме поделбите и да градиме мостови преку границите. Тоа денес му е потребно на светот повеќе од кога било“, изјави Грег.
Таа истакна дека, откако се приклучила на асоцијацијата, се уверила дека брендот WTCA е добро познат и ценет.
„Гледам можност на пошироката јавност да ѝ покажеме што прават светските трговски центри за локалните заедници и како WTCA, во услови на постојани геополитички промени, може да стане главен и доверлив партнер во прекуграничната трговија“, додаде Грег.
Дру го претстави процесот на избор на Анет Грег за извршна директорка и ја нагласи важноста од проширување на глобалното присуство на WTCA, со истовремено зајакнување на врските меѓу постојните членки.
Долгорочната цел е мрежата во следните десет години да порасне на 500 WTC членки.
„Анет има богато искуство во работењето со асоцијации како нашата и им помагала да се развиваат на меѓународно ниво. Под новото раководство ќе се потпреме на силата на глобалната мрежа и ќе создадеме услови за понатамошен раст на асоцијацијата“, изјави Дру.
Тој нагласи дека ова е особено значаен период за WTCA, бидејќи седиштето на асоцијацијата се вратило на местото каде што била основана.
„Со нетрпение очекуваме следната година да ги пречекаме членките на форумот во нашето ново седиште во облакодерот One World Trade Center“, додаде Дру.
Светската трговија се приспособува на новите предизвици
Една од централните теми на форумот беше приспособувањето на светската трговија кон промените во трговските политики, царините и динамиката на синџирите на снабдување.
На сесијата „Global Café – трговија во транзиција“, Алис Анкона, оперативна директорка на WTC Мајами, истакна дека светската трговија продолжува да се развива во нови насоки.
Учесниците разговараа за растечките можности на пазарите во развој, меѓу кои се Виетнам, другите земји членки на АСЕАН и Индија.
Компаниите сè повеќе се насочуваат и кон пазари надвор од Кина, со цел да ја намалат зависноста од еден пазар во синџирите на снабдување, да развијат меѓународни партнерства и да пронајдат нови инвестициски можности.
Вештачката интелигенција отвора нови деловни можности
Вештачката интелигенција и другите нови технологии го менуваат начинот на кој компаниите работат и се поврзуваат.
Учесниците на форумот разгледуваа како AI може да помогне во развојот на деловното работење, да ги поедностави секојдневните процеси и да отвори нови можности.
Истовремено, беше нагласено дека личните односи и довербата остануваат незаменливи за успехот на меѓународните партнерства.
Способноста за градење такви односи преку границите и натаму претставува една од најголемите предности на мрежата WTCA.
Покрај глобалните трговски текови, форумот се фокусираше и на практичните начини преку кои членките можат да го унапредат своето работење.
На сесијата „WTC организации подготвени за иднината – создавање простори што ја обликуваат иднината“, учесниците разговараа за тоа како организациите што работат во секторот на недвижности можат да одговорат на новите барања на пазарот.
Сесијата „Од разговор до соработка – како настаните ги поттикнуваат идеите“ покажа како организаторите на конференции и саеми можат да придонесат првичните деловни контакти да прераснат во партнерства и нови можности.
Беше претставен и „WTCA Business Club Playbook“, водич со примери од WTC локации кои се наоѓаат во различни фази од развојот на деловните клубови и моделите на членство.
Дополнителен дел од програмата беше посветен на професионалното усовршување, промоцијата на социјалните мрежи, воведувањето нови технологии и подоброто искористување на можностите што ги нуди глобалната мрежа.
Глобалниот деловен форум WTCA 2027 ќе се одржи во Виетнам
На членките им беше претставен и Глобалниот деловен форум WTCA 2027 (GBF), кој ќе се одржи од 4 до 7 април 2027 година во Виетнам, во партнерство со WTC Binh Duong New City.
Под мотото „Ја обликуваме иднината на трговијата и инвестициите“, форумот ќе обедини деловни лидери од целиот свет.
Во фокусот ќе бидат пазарите во развој, зајакнувањето на прекуграничните партнерства и новите можности за трговија и инвестиции, како во земјата домаќин, така и низ целата мрежа WTCA.
Програмата ќе вклучува целни деловни состаноци меѓу компании, вмрежување и дискусии за промените што ја обликуваат светската трговија, инвестициите, секторот на недвижности и деловното работење.
На тој начин, учесниците ќе добијат нова можност контактите и знаењата стекнати преку мрежата WTCA да ги претворат во конкретни деловни можности.