
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
„Грин институт“ предложи воспоставување мрежа супермаркети во јавна сопственост, вредна 25,1 милијарда долари, која би им конкурирала на трговските синџири „Колс“ и „Вулвортс“ во Австралија, пренесува порталот C-Store.
Планот на истражувачкиот центар, наречен Fair Go Grocers, предвидува федералната влада во период од пет години да инвестира средства за присилно преземање 200 продавници на компаниите „Колс“ и „Вулвортс“, како и три дистрибутивни центри.
Дополнително, би биле изградени уште 424 продавници и десет дистрибутивни центри низ земјата, со цел новиот синџир да освои 20% од пазарот на супермаркети.
Макс Чендлер-Мадер, извршен директор на „Грин институт“, изјави дека предвидените трошоци се скромни во споредба со другите расходи на федералната влада.
„За половина од цената на една подморница од програмата AUKUS би можеле да воспоставиме национална мрежа супермаркети во јавна сопственост, која на семејствата би им заштедила илјадници долари при купувањето прехранбени производи, би го разбила доминантното влијание на двата најголеми трговски синџири и би донела трајно олеснување на животните трошоци за милиони Австралијци“, изјави Чендлер-Мадер.
Fair Go Grocers, според предлогот, би бил синџир супермаркети со целосен асортиман, кој би нудел попусти од 30% на основните производи, како овошје и зеленчук, леб, млеко и месо, во споредба со цените во „Колс“ и „Вулвортс“.
За преостанатиот дел од асортиманот би се применувале помали попусти.
„Грин институт“ проценува дека домаќинствата во просек би заштедувале 22% при секое купување, односно 3.134 долари годишно за просечно четиричлено семејство.
Планот се заснова на претпоставката дека приходите од продавниците би ги покривале трошоците за работење и набавка на стоки, како и дека по пет години синџирот би работел без дополнителни трошоци за државата.
Од институтот наведуваат дека елиминирањето на профитните маржи, високите плати на раководството, исплатите кон акционерите и маркетиншките трошоци би ги намалило расходите на Fair Go Grocers значително под нивото на големите трговски синџири.
„Здравиот разум налага дека, ако сакате попристапни цени на основните производи, мора да го елиминирате профитот преку јавна сопственост“, изјави Чендлер-Мадер.
Истражување за поддршката на супермаркетите во јавна сопственост
Предлогот беше објавен заедно со истражување на агенцијата YouGov, нарачано од „Грин институт“.
Истражувањето покажало дека 84% од Австралијците би биле посклони да гласаат за политичка партија што поддржува супермаркети во јавна сопственост со цел намалување на цените на прехранбените производи.
„Децата одат гладни на училиште, семејствата прескокнуваат оброци, луѓето се откажуваат од основните потреби, а сето тоа затоа што Лабуристичката партија им дозволила на „Колс“ и „Вулвортс“ да ги зголемуваат цените за дополнителен профит, без оглед на последиците за граѓаните“, изјави Чендлер-Мадер.
Институтот укажа и на федералните закони против неоправдано зголемување на цените, кои стапија во сила на 1 јули.
Според истражувањето, 90% од испитаниците не забележале никакво подобрување во трошоците за купување храна оттогаш.
Одделно истражување на „Грин институт“ покажало дека профитот на компаниите „Колс“ и „Вулвортс“ од 2019 година пораснал за 58%, односно 41%, додека реалните плати се намалиле за 6%.
Меѓународни примери како основа за предлогот
Планот се потпира и на меѓународни примери.
Како еден од нив се наведува најавата на градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, за отворање пет супермаркети во јавна сопственост, со попуст од 30% на основните производи.
Дополнително, се посочуваат и американските воени продавници, кои повеќе од 150 години на припадниците на вооружените сили, ветераните и нивните семејства им нудат прехранбени производи по цени до 25% пониски од пазарните.