
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Британските добавувачи на храна се најдоа на удар на актуелниот бран сајбер-напади насочени кон системите за ладење низ Европа, што дополнително ја зголеми загриженоста за безбедноста на храната и сигурноста на синџирите на снабдување, пренесува Grocery Gazette.
Како што пренесува медиумот, хакери од далечина ги менувале поставките на ладилниците и замрзнувачите во прехранбените компании, а еден британски трговец на големо со овошје и зеленчук пријавил дека биле компромитирани дури шест од десет разладни уреди.
Лондонската компанија „Лангриџ Органик“ соопшти дека напаѓачите ги промениле поставките на системите за складирање на ниски температури, активирајќи циклуси на одмрзнување пред вработените да успеат да интервенираат и да спречат оштетување на стоката.
Здружението на независни добавувачи на месо (Association of Independent Meat Suppliers) потврди дека повеќе негови членови биле погодени од нападите, кои предизвикале нарушувања и во работењето на супермаркетите низ Европа.
Според здружението, кај еден добавувач на месо температурата на разладните уреди била зголемена на дури 100 Целзиусови степени, додека кај уште двајца добавувачи системите неочекувано преминале во режим на одмрзнување.
Сепак, во овие случаи не дошло до загуба на месо, бидејќи погодените уреди во тој момент биле празни.
Националниот центар за сајбер-безбедност на Велика Британија (NCSC), кој функционира во рамките на разузнавачката агенција GCHQ, потврди дека соработува со погодените компании по идентификувањето случаи на искористување безбедносни слабости во технолошките системи.
„Запознаени сме со овие инциденти во Обединетото Кралство и соработуваме со погодените организации. Ќе продолжиме да ја следиме ситуацијата. Во моментов влијанието е ограничено“, изјави Пол Чичестер, директор за операции во NCSC.
Нападите во Велика Британија следуваат по слични инциденти во Белгија, Ирска, Шведска, Луксембург, Холандија, Естонија и Финска.
Одредени европски трговци биле принудени да уништат разладени и замрзнати производи откако хакерите од далечина ги зголемиле температурите во системите за ладење.
Слични напади минатиот месец погодија стотици супермаркети во Франција.
Ричард Хорн, извршен директор на NCSC, ги повика компаниите да ги зајакнат мерките за сајбер-заштита и да ја забрзаат модернизацијата на ранливата опрема.
Засега не е потврдено дека некој британски трговски синџир бил директна жртва на најновите напади, но инцидентите покажуваат колкави ризици можат да претставуваат ваквите сајбер-напади за малопродажбата и прехранбените синџири на снабдување.