
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Компанијата „Марс“ го објави глобалниот извештај за одржливост Sustainable in a Generation за 2025 година, во кој наведува дека продолжува напредокот во реализацијата на нејзините иницијативи за одржливост.
Благодарение на мерките за декарбонизација на работењето, компанијата ги намалила емисиите на стакленички гасови од сопствените операции (Scope 1 и Scope 2) за 42,6% во однос на базната 2015 година.
Истовремено, вкупните емисии низ целиот синџир на вредност (Scope 1, Scope 2 и Scope 3) во текот на 2025 година се намалени за 6,4%. Со тоа, вкупното намалување на емисиите од 2015 година достигнало 16,9%, иако работењето на компанијата во истиот период пораснало за приближно 75%.
„Одржливоста е од клучно значење за нашиот раст и успех, не само затоа што тоа е правилно за животната средина, туку и затоа што претставува единствен начин да ја зајакнеме отпорноста на целиот синџир на вредност. Во текот на 2025 година остваривме дополнителен значаен напредок. Горд сум на нашите континуирани напори да обезбедиме квалитетна работна средина и да ги поддржиме вработените и заедниците, додека продолжуваме да градиме поотпорна и поодржлива иднина за сите“, изјави Пол Вајраух, извршен директор на „Марс“.
Компанијата го проширила портфолиото на проекти за климатски одговорно земјоделство на вкупно 77 иницијативи во 26 земји, кои опфаќаат 12 различни земјоделски култури.
Меѓу најзначајните проекти е петгодишната програма за подобрување на отпорноста на кикиритките, во која „Марс“ инвестирал околу 5,2 милиони долари, односно околу 4,5 милиони евра. Целта на проектот е развој на сорти поотпорни на суша и болести, како и помош на земјоделците при приспособувањето на непредвидливите временски услови.
Компанијата инвестира и околу 20 милиони долари, односно околу 17,2 милиони евра, во програмата Raising Rice Right, која се спроведува во периодот од 2020 до 2030 година. Програмата промовира климатски поодговорно одгледување ориз, едукација на земјоделците и зајакнување на нивната отпорност на климатските промени.
„Марс“, заедно со „ПепсиКо“ и „АДМ“, започна програма за регенеративно земјоделство во Полска, која вклучува 24 земјоделски производители и повеќе од 5.450 хектари земјиште. Во рамките на проектот, „Марс“ го поддржува регенеративното одгледување пченица на 3.450 хектари за потребите на брендовите Whiskas и Pedigree, со цел подобрување на здравјето на почвата, зачувување на биодиверзитетот и зајакнување на отпорноста на климатските промени.
„Марс ГмбХ“ продолжува со електрификацијата на транспортот и до крајот на 2025 година, заедно со логистичкиот партнер „Ригтеринк“, вклучила пет камиони Mercedes-Benz eActros 600 во својата флота. Овие возила можат да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид до 280 тони годишно, во зависност од поминатата километража.
Дополнително, соработката со шведската компанија „Ајнрајд“ опфаќа уште шест електрични камиони eActros 600 на рутите меѓу Германија и Холандија. Се очекува тие годишно да ги намалуваат емисиите за околу 1.860 тони CO₂ на рута со вкупна должина од приближно 760.000 километри.
„Марс“ планира до 2030 година во Европа да користи вкупно 300 електрични камиони, што би можело да донесе годишно намалување на емисиите од околу 20.000 тони CO₂, односно приближно 10% од емисиите што произлегуваат од европската логистика на компанијата.
Преку иницијативата Zusammen.Halt, „Марс Вригли Фондација“ издвоила 100.000 долари, односно околу 86.000 евра, за поддршка на две општествено значајни иницијативи во Минхен. Средствата се наменети за интеркултурниот центар на организацијата Über den Tellerrand kochen München и инклузивниот уметнички простор FLUX во рамките на Пинакотеката на модерната уметност.
Компанијата во текот на 2025 година постигнала и важна цел во областа на енергетската транзиција. Сите десет фабрики за слатки производи на „Марс Вригли“ во Европа, вклучувајќи го и погонот во германски Вирзен, сега користат исклучиво енергија од обновливи извори.
Покрај инвестициите во енергетска ефикасност и преминувањето кон обновливи извори на енергија, компанијата обезбедила и сертификати за потекло на електричната енергија и биометанот, со кои се покриваат преостанатите енергетски потреби на производството.