Владата на Србија денеска одлучува да ја крене рампата за забрана за извоз на пченица и сончогледово масло за јадење за Македонија. Непосредно пред состанокот, министерот за земјоделство Љупчо Николовски, информираше дека разговарал со своите колеги и дека е договорено испораките да почнат да се вршат.
Ние како држава не увезуваме пченица од Србија. Тоа си го прават нашите приватни трговци, кои имаат склучено договори со тамошните компании. Според нашите сознанија од овдешните компании, бил договорен увоз на 50.000 тони пченица, како што веќе информиравме. Но, од Србија ни кажаа дека според податоците од нивните комори, договорени се 100.000 тони пченица, изјави Николовски.
Во однос на реакциите на сопствениците на мелниците, Николовски информираше дека нивниот надзор покажал оти во март се потрошени 20.000 тони пченица од домашните силоси, што е и вообичаена количина на месечно ниво, а дека во силосите има уште 25.000 тони.
Со пченицата што ќе стигне од Србија, нема да имаме никаков проблем во снабдувањето. Од друга страна, за два месеца ќе има нова жетва и сите прогнози се дека таа ќе биде успешна, рече Николовски.
Тој потврди и дека се прават разговори со Бугарија околу снабдување со пченица.
Факт е дека идната година пченицата ќе биде поскапа, затоа е подобро да имаме што е можно повеќе извори за снабдување. Бугарија како држава, преку нивна државна компанија ќе купува пченица и ние разговараме како може да земеме од таа количина, рече Николовски.
Од Србија се очекува и увозот на нерафинираното сончогледово масло за јадење, кое се рафинира во нашите производствени капацитети.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.