Последните картички до корисниците треба да стигнат најдоцна до 18 јули, а ако не се потрошат до 15 август, парите што останале на нив ќе се вратат во буџетот
Пишува: Сунчица Стојановска Зоксимовска, sunchica@instore.mk
Трговците мораат да обезбедат обезбедат посебно обележани рафтови и гондоли со ознаката „Купувам домашно“ на кои ќе изложат македонски производи. Истото се однесува и за онлајн продажбата –и тука треба посебно да се издвојат македонските производи и услуги. Во спротивно ќе следува глоба во износ од 100 до 500 за микро трговец, од 300 до 1.000 евра за мал трговец, од 1.000 до 3.000 евра за среден и голем трговец. Казни од 100 до 500 евра ќе има и за одговорните лица.
Тоа е нова обврска за трговците, регулирана со посебна Уредба, за да се спроведе мерката на Владата со која им дава платежни картички на одредени категории граѓани. Се прецизира и дека фискалната сметка што ќе биде издадена задолжително содржи линија за вкупен промет остварен од македонски производи со текст „промет од македонски производи“, пресметан данок на додадена вредност од македонски производи прикажан по даночни стапки и вкупен износ на данок на додадена вредност од македонски производи.
Kако малопродажен и големопродажен сектор ние веќе работиме за правилно да ги означиме и презентираме производите од домашно потекло на рафтовите користејќи го логото „Купувам домашно“, како и софтверско прилагодување за полесно пазарење, вели Драган Иванов, комерцијален менаџер, „ТД-ТД“ Кавадарци.
Во Уредбата е објаснето и кои производи се македонски: „Македонски производи“ се производи и стоки за финална потрошувачка произведени од правни и физички лица вршители на стопанска дејност, резиденти на Република Северна Македонија, освен алкохолни пијалаци, тутун и преработки на тутун.
На граѓаните ќе им треба дополнителен „поттик“ околу спроведувањето на оваа мерка, посочува трговскиот сектор.
Купувачите најчесто не се свесни и не се едуцирани за потребата од купување на домашни производи и потребна е пообемна кампања за поволностите кои се добиваат за целото општество, смета Горан Арсовски, генерален менаџер на „Арис Деграс“.
Владата објави дека за првпат, 324.479 граѓани добиваат директна парична поддршка од државата со цел да се зголеми куповната моќ и да се стимулира приватната потрошувача. Со оваа мерка 28 милиони евра преку граѓаните, одат директно во домашната економија за купување домашни производи и услуги во домашни стопански субјекти. Право на платежна картичка добија: невработените, активни баратели на работа кои оствариле примања до 180.000 денари во текот на 2019 година и до 60.000 денари од јануари до април годинава, како и примателите на социјална заштита. Тие добиваат финансиска помош од 9.000 денари. Вработените кои за периодот од јануари до април годинава оствариле примања не повеќе од 60.000 денари, добиваат финансиска помош до 3.000 денари на платежна картичка и ваучер за домашен туризам вреден 6.000 денари. Средношколците и студентите од 16 до 29 години добиваат платежни картички со вредност до 3.000 денари. Повеќе од 4.300 здравствени работници кои беа на првата линија во борбата против коронавирусот ќе добијат 40 отсто од последната основна нето плата.
Со картичките ќе може да се плаќа во објекти за сместување, хотели, кампови, ресторани, кафулиња, во трговијата на мало, во аптеките, туристичките агенции, на тезгите и пазарите, фризерските салони и слично. Последните картички до корисниците треба да стигнат најдоцна до 18 јули, а ако не се потрошат до 15 август, парите што останале на нив ќе се вратат во буџетот.
НЛБ Тутунска банка е единствената меѓу деветте банки која картичките на корисниците им праќа на домашна адреса. Оваа банка прави картички за најголем број корисници, над 100.000.
Драган Иванов, комерцијален менаџер, „ТД-ТД“ Кавадарци
Моето мислење е дека мерката за доделување платежни картички ќе значи директно финансиско помагање на ранливите групи граѓани, зголемена потрошувачка, а воедно и индиректно помагање на домашниот производствен сектор кој исто така е длабоко погоден од кризата.
Во однос на нашето досегашно искуство околу потрошувачката на домашни производи, можам да кажам дека нашата држава е увозно зависна од производи за широка потрошувачка и затоа нашите домашни производи можат да бидат потиснати од увозните производи, користејќи ја економијата од обем , односно големите пазари од каде доаѓаат увозните производи произведени кај странските производители. Со тоа нудат пониски цени, широк асортиман и подобар квалитет во однос на нашите домашни производи.
Горан Арсовски, генерален менаџер, „Арис Деграс ДООЕЛ“
Мерката е во секој случај добредојдена и очекуваме реално зголемување на продажбата. Иако нашата компанија не е погодена од кризата и со вонредната состојба, освен потрошувачката од HORECA каналот, сепак се надеваме на зголемена продажба од оние групи на граѓани кои поради помали примања трошењето го насочија првенствено на купување на храна и го одложуваа купувањето на средствата за хигиена.
На пазарот реално имаме проблем со обезбедување позиција во поголемите ланци на маркети. Ние, како лидери во делот на одмрснувачите, не сме застапени во неколку ланци на маркети.
Зошто домашните производи често „губат“ на сметка на увозните? Тоа се должи на политиката на странските синџири голем дел од производите да донесат од нивната матична држава по исклучително ниски цени, а некои од домашните производи кои се избориле на пазарот или имаат имиџ и квалитет и потрошувачите ги бараат, истите прифаќаат да ги држат во асортиманот но по неприфатливи дури и некоректни услови за нас. Нашата компанија во тој случај е ставена пред избор или да работиме само со нив без акумулација која ќе ни гарантира развој и да ги ставиме во подредена позиција сите други купувачи или да ја откажеме соработката. Втора причина се високите буџети на увозните компании за маркетинг и позиционирање на производите кои им ги одобруваат странските производители. На тој начин се прави еден вид на монопол кога една компанија ќе го откупи 50-60% просторот за одредена група артикли. Во таа ситуација, кога е лимитиран продажниот простор, први испаѓаат од игра македонските производи. Македонските компании не можат да си дозволат такво инвестирање во промоција на продажбата. За да се реши овој проблем, за кој знам дека ги мачи скоро сите домашни компании, потребно е обезбедување на дел или процент од полиците да бидат резервирани за производи од домашните компании, за да воопшто би биле достапни на крајните купувачи. Интервенција со намалување на ДДВ за домашни производи или поголем процент враќање на дел од ДДВ спрема граѓаните во веќе постоечката мерка. На крај, покривање на дел од трошоците за промоција на продажбата на компаниите кои вршат дистрибуција на домашни производи, како би имале малку поконкурентна позиција на полици во маркетите.
Поради природата на нашето производство, на почетокот, март, април, пандемијата не влијаеше на нашето производство дури имавме мал пораст. Во мај веќе се чувствува извесно стагнирање, но сепак не можеме да кажеме дека е загрозено нашето работење. Имаме прекината продажба во HORECA каналот но тоа сега со попуштање на мерките се надевам дека ќе се надмине.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.