Владата воведува три новини во мерката за субвенционирање на 14.500 денари плата за компаниите како поддршка за справување со последиците од пандемијата.
На конференцијата одржана од министерката за финасии Нина Ангеловска, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска и директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамки на регионот на Европа и Централна Азија, Марко Мантованели беа претставени новините и условите и начинот на аплицирање.
Ангеловска појасни дека станува збор за подобрување на мерката од вториот пакет економска помош од Владата за стопанството за која се издвоени 100 милиони евра, а која треба да стартува со примена за неколку дена и да опфати 250.000 вработени. Новините се во координација со Светска банка, која ќе финансира дел од оваа мерка со заем од околу 50 милиони евра, а на нив се работело заедно со Управата за јавни приходи.
Ангеловска потенцираше дека мерката се однесува за сите дејности и оти во неа се вградени сите предлози, критики, сугестии и барања што ги слушанеле од стопанството во изминатиот период.
Првата новина се однесува на олабавувањето на условите за задржување на бројот на вработени при користење на мерката. Со сегашните услови малите и микро претпријатија можат да го задржат истиот број на вработени минус 15%, средните до минус 10% и големите фирми до минус 5% од вработените. Пред промената на овој услов тие беа обврзани да го задржат истиот број на вработени до јули, односно два месеца по користење на мерката.
Со втората новина им се излегува во пресрет на најпогодените дејности од Ковид-19: угостителството, туризмот и транспортот со дополнителна поддршка. Овие три дејности ќе може да ги комбинираат антикризните мерки 14.500 денари по вработен и 50 проценти субвенција на придонеси, што не беше случај досега. Доколку фирмите немале загуба две години по ред, односно за 2018 и 2019 година, не се на листата на должници на УЈП од март 2020 година, заклучно февруари не доцнеле со плаќање на обврски по основ на кредити подолго од 90 дена од денот на достасување ќе можат да ги користат и двете антикризни мерки.
Третата промена е поврзана со трансформирањето на финансиската поддршка во грант, па така микро, малите и средните компании нема да ја вратат добиената помош доколку ги исполнат условите: за претходните 2 години да имаат искажано добивка, да не се на листата на должници на УЈП, да не доцнат со плаќање на обврската по основ на кредити подолго од 90 дена од деност на достасаноста, како и да инвестираат еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработените, надградба на просеци, продуктивен капитал.
Барањата за овие придобивки ќе бидат пропишани во следниот период, а секако за истите ќе се аплицира во 2021 година, односно со поднесување на даночната пријава за остварениот биланс. Значи се работи за здрави и добро обмислени критериуми, дополнителна флексибилност и сеопфатност со овие три клучни промени кои беа посочени – вели министерката за финансии.
Таа додаде дека работодавачите со оваа мерка ќе добијат 14.500 денари по работник за финансирање на потребните за исплата на платите за април и мај, додека работниците ќе добијат извесност во смисла за задржување на работните места во време на коронакризата.
Министерката рече дека оваа мерка се однесува за сите работдавачи од сите дејности кои ги исполнуваат условите, односно имаат најмалку 30 проценти пад на приходите во мај и април, просекот на највисоките плати на 10 проценти од вработените да не надминува 100.000 денари по вработен, како и да не исплаќаат дивиденди, бонуси, награди за деловната успешност за времетрање на мерката.
Оваа мерка се однесува за сите работници, кај сите работодавачи, освен за оние кои имаат повисока нето-плата од 39.900 денари, вработените за кои се користи ослободување на придонесите преку проектот „Македонија вработува“, како и вработените за кои се користи анти-кризната мерка за субвенционирање на придонесите (освен за најпогодените сектори).
Мерката според Ангеловска ќе може да се комбинира со други мерки за финансиска поддршка, како што е субвенција на придонесите за покачување на платата од 600 до 6.000 денари, потоа 50 проценти субвенција на придонесите за фирмите на најпогодените три сектори.
Во поглед на враќањето на средствата, компанијата која оставарила загуба нема да ја врати финансиската поддршка. Компанија нема да ги враќа средствата доколку истите ги инвестира во еднаков или поголем износ на добиената поддршка во тренинзи на вработените, надградба на просеци, продуктивен капитал кои ќе придонесат за дополнителен раст на истата. Фирма која забележала добивка во 2020 година ќе врати лимитиран износ до 50 проценти од добивката пред оданочување.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска соопшти дека работодавачите за користење на мерката од следниот месец треба да поднесат барање за финансиска поддршка преку системот е-даноци најдоцна до 7 мај за платите во април, односно до 7 јуни за платите во мај. барањето УЈП ќе го потврди во рок од три дена од денот на прием.
Директорот на Светска банка за Северна Македонија и Косово во рамки на регионот на Европа и Централна Азија, Марко Мантованели, пак, потенцираше дека повеќето од нивните препораки се вклучени во главната рамка усвоена од нашата Влада и оти неколку се дел од уредбата што беше претставена денеска за мерката.
За да ги поддржиме нашите препораки за време на примената понудивме мобилизација од неалоцирани средства од проекти на Светска банка кои се веќе одобрени за финансирање на мерката на Владата за субвенција на платите за неколку месеци. Тие треба да се насочат за поддршка за добростоечки макро, мали и средни претпријата врз основа на лесно применливи критериуми. Таргетирањето го правиме бидејќи веруваме оти тие претпријатија ќе бидат јадрото на економското закрепнување на земјата, наведе Мантованели.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.