Македонија

InStore со производителите: Побарувачката на Брилијант е зголемена, производството стабилно

20 мар 2020

Во периодот на изолација, кога е видлива зголемена набавка на основните намирници, меѓу кои и зејтинот, InStore разговараше со „Витаминка“, во чии рамки работи фабриката „Брилијант“.

Од компанијата потврдија дека е забележано зголемување на побарувачката на Брилијант, но производствениот процес е континуиран и стабилен, со доволни резерви.

Производството се одвива нормално и непречено, а рафинеријата за масло работи во полн капацитет. Нема потреба од стравување дека нема да има производ, бидејќи дел од нашата долгогодишна стратегија е да набавуваме суровини за подолг период. Пазарот во секој момент ќе биде задоволен и побарувачката соодветно одговорена, истакнаа од „Витаминка“.

Во поглед на набавката на суровини и дали е планиран увоз, од компанијата потврдија дека и увозот и извозот на суровини се одвива без потешкотии, а нивната практика за предвремена набавка на неопходните суровини гарантира производство според предвидените планови.

Сега е моментот кога компаниите треба да ја покажат и докажат својата одговорност кон општеството најмногу досега, односно да го дадат својот придонес со тоа што ќе се стават во служба на граѓаните и државата.

За да се одвива производството без застој, но и да се заштитат вработените, производителите мораа да ги применат одлуките и превентивните мерки во согласност со препораките на Владата и Министерството за здравство.

Направена е едукација на вработените за максимално доследна примена на потребни хигиенски навики. Во сите погони и влезови во фабриката, но и на други видни места, се истакнати информативни табли со важни информации за превенција од ширење на болеста. Се откажаа и одложија сите службени патувања на вработени во странство и се забранија посетите. Се ограничија сите интерни состаноци, обуки и собири во поголем формат и се препорача онлајн-комуникација, како внатрешно, така и надворешно. Се обезбедија неопходните заштитни средства и средства за дезинфекција, а се спроведува и зголемена дезинфекција на сите простории и се поставени средства за дезинфекција во ходниците и просториите. Секаде ставени се во функција зголемен број дезобариери при влез во фабриката, погоните и управните згради. За сите надворешни лица преку службата за обезбедување се спроведува анкета и се мери температура со новонабавени далечински топломери. Сите надворешни возила кои влегуваат во фабричките кругови се дезинфицираат (со специјално средство) од страна на службата за обезбедување и со поддршка од контролата во фабриката. Ослободени од работа се сите вработени кои доставија потребна документација, а имаат деца до 10-годишна возраст или имаат хронични болести (според пропишаната листа од Министерството за здравство) или станува збор за бремени работнички. За да се амортизира во одреден обем ваквото намалување на бројот на работници, се прави организација на работата на дневна основа со погонски и сменски разместувања и усогласувања, соопштија од „Витаминка“.

Од „Витаминка“ се согласија дека настанатата ситуација е неочекувана и секако дека ќе предизвика промена на сликата на секојдневното живеење, а ќе се променат и многу нешта во функционирањето на компаниите.

Од таму додаваат: Сега е моментот кога компаниите треба да ја покажат и докажат својата одговорност кон општеството најмногу досега, односно да го дадат својот придонес со тоа што ќе се стават во служба на граѓаните и државата. Од друга страна и државата мора да пронајде соодветни начини за намалување на штетите по работењето на компаниите, со овозможување непречен проток на стоки долж коридорите. Нашата улога станува клучна во многу аспекти. Но, сега важно е пред сè да бидеме фокусирани да го поминеме овој период.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...