Македонија

Балканот заеднички ќе се промовира како вински регион

28 Jun 2019

„Виното како мост за поврзување на Балканот“ е нов проект во чии рамки ќе се поврзуваат земјите од регионот во насока на промоција на Балканот како вински регион.

Иако Балканот како регион е еден од најголемите производители на вино во светот се уште не е познат на винската и пошироката јавност и затоа неговото поврзување и насочено заедничко делување може да донесе придобивки за сите земји од регионот. Целта е сите чинители во секторот во сите земји на Балканот да разменуваат знаења и вештини, да учат едни од други, да можат да користат знаења од реномирани експерти и заеднички да го промовираат регионот, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на „Вина од Македонија“.

Здружението „Вина од Македонија“ во партнерство со организации од Белград (Wine Q – Центарот за винска култура во Република Србија), Требиње (Здружение на граѓани Салон Жилавке од Босна и Херцеговина) и Подгорица (Винската Академија на Црна Гора) добија поддршка од Фондацијата Western Balkan Fund за креирање на мрежа во регионот, која ќе делува во доменот на поврзување и заедничка промоција на виното од балканските земји.

Целта на проектот е во првата година да се создаде мрежа на субјекти кои се активни во земјите на Западен Балкан, но и во останатите земји на Балканот, а кои работат во насока на подобрување на винската индустрија и винскиот туризам и да се постави план на делување по одделни активности кој ќе започне да се реализира од 2020 година.

Иницијативата ќе биде финансиски поддржана од Western Balkan Fund, интернационална организација основана од владите на Македонија, Црна Гора, Србија, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...