Македонија

Десет македонски винарници на саем во Дизелдорф

18 Mar 2019

Македонски вина на 10 винарници од земјава се претставуваат на меѓународниот саем за вино ProWeine во Дизелдорф, Германија, што се одржува од 17 до 19 март.

На саемот учествуваат винарските визби: „Тиквеш“, „Сковин“, „Стоби“, „Далвина“, „Бовин“, „Камник“, „Езимит“, „Попов“, „Мовино“ и „Имако“. Во фокусот на претставувањето на годинашниот саем е сортата „вранец“.

Во рамки на саемот, македонските винарници организираат специјални дегустации за бројните дистрибутери, увозници и професионални купувачи од целиот свет да ги осознаат уникатните карактеристики на вранецот. Дегустациите ги води Каролин Гилби, реномиран вински експерт и еден од најголемите познавачи на вината од земјите на Југоисточна Европа.

Дополнително, посебен дел од македонскиот национален штанд е посветен на оваа сорта, со изложување на 20 различни вина од десетте винарници, со цел да се прикажат можностите и различните стилови на производство. Вината произведени од сортата „вранец“ изложени во специјалниот дел од штандот се организирани во три категории: вина произведени во инокс танкови, вина зреени во дабови буриња и вина создадени со комбинирање на вранец со друга сорта.

„Вранецот“ е наш најголем адут во напорите за градење препознатливост во меѓународни рамки и одвојување од останатите вински региони. Кон тоа придонесува и заедничкиот настап на саеми, со заеднички национален штанд што го посетуваат многу увозници и дистрибутери. Сепак, за етаблирање и препознатливост на македонското вино потребна е поширока стратегија фокусирана на виното како производ со додадена вредност. Виното е меѓу призводите со најголемо учество во бруто домашниот производ што го создава земјоделскиот сектор и непходно е да се посвети поголемо внимание во развојот на винската индустрија, изјави Елена Младеновска – Јеленковиќ, директор на здружението „Вина од Македонија“.

Македонскиот национален штанд и оваа година е финансиски поддржан од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството и руралиот развој за 2019 година на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.  Поддршка обезбедува и здружението „Вина од Македонија“.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...