На пролетното издание на еден од најкредибилните вински натпревари во светот – „Мундус вини“ 2023, вината на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux&Domainеs“ освоија една специјална награда, четири златни и две сребрени медали, во силна конкуренција на познати вински брендови од целиот свет, соопштија од винарницата.
Највисоки оценки – златен медал и специјална награда „Најдобро црвено вино од Македонија“ доби виното Vranec Luda Mara 2020. Златен медал освои и новото вино што допрва ќе се најде на пазарот Babuna red 2021, во кое доминира сортата плавац мали, како и вината Terrasse a l’Ombre 2020 и Domaine Lepovo Grand Cuvѐe 2019. Со сребрен медал се закитија вината Domaine Lepovo Chardonnay 2021 и Viognier Bela Voda 2022.
Оценките на вината на овој светски вински собир ги дава меѓународно жири, кое е составено од врвни енолози, сомелиери, вински новинари, експерти и трговци. За успехот на вината дополнително зборува и фактот што согласно критериумите на овој натпревар, најмногу 40% од испратените вина може да добијат награди заради големиот број вина кои се натпреваруваат. Винарската визба „Тиквеш“ редовно учествува на „Мундус вини“ и на други реномирани светски вински натпревари и годишно освојува над 100 медали и специјални признанија. Овие награди ја зацврстуваат позицијата на вината на „Тиквеш“ на интернационалните пазари, зголемувајќи ја нивната препознатливост, но истовремено промовирајќи ја и Македонија како винска земја, велат од винарницата.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.