Македонија

Замрзнува цената на лебот - нема да биде над 33 денари

27 Feb 2023

Ќе се замрзне цената на лебот и нема да биде над 33 денари и за белиот и за полубелиот леб, најави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Ова е само прв чекор од производите наведени во одлуката на Владата. Ќе следат и нови одлуки за замрзнување на цените. Се прават анализи за тестенините и тие средства ќе се користат за укинување на некои давачки, рече Бектеши на прес конференција. 

Мерката, според Бектеши, ќе важи се додека ќе биде во интерес за граѓаните. Се прават анализи и за тестенините, генерално за макароните и шпагетите и тие средства, како што посочи, ќе се користат во укинување на некои давачки, а со тоа ќе се влијае и во намалување на цените на истите производи и ако има потреба и за другите наведени во одлуката ќе ги замрзнат цените.

Не може да има разлика во делот на цената на лебот 28 до 38 денари на истиот леб. Дополнителнио ќе се утврди и количината и Државниот пазарен инспекторат ќе провери не само за цената, туку и за количината бидејќи е утврдено дека одредени производители, трговци ги намалуваат цените, но ги намалуваат паралелно и количините на тој производ. Затоа, под 450 грама бел и полубел леб не може да се продаде и тоа ќе биде со утврдена цена за највисока можна цена. Под тоа може да биде, над тоа не може да биде, кажа Бектеши.

Цените, како што појасни Бектеши, нема да се зголемат по завршување на мерката, освен ако се зголемат цените на суровините и тогаш може да има нагло покачување на цената.

За овошје и зеленчук, Бектеши рече дека, чекаат предлог од МЗШВ, додека за другите производи речиси неделно ќе се прават поединечно анализи за сите производи и ако гледаат дека тоа се злоупотребува тогаш ќе донесат соодветни одлуки.

Инаку, како што информира тој, Министерството за економија ги заврши сите анализи за мерките за субвенционирање на електрична енергија за индустријата, за прехранбениот сектор во нашата држава и веќе е пратена предлог-одлука за укинување на истата мерка имајќи предвид дека не е почитувано од страна на тие компании кои добиле субвенционирана струја тоа што беше претходно договорено со Владата. Моментално, рече Бектеши, чекаат одговор од страна на законодавството во Владата дали оваа мерка ќе почне да се применува од 1 март, односно веднаш од наредната недела или од 1 април. Речиси 500 илјади евра разлика добиваат месечно од страна на Владата преку АД ЕСМ.

Најавата за можно укинување на мерката за субвенционирана струја за компаниите од прехранбената индустрија бидејќи не се намалени цените на основните прехранбени производи, се официјализираше со таков предлог од Министерството за економија до Владата.

Со мерката, што се применува веќе три месеци, се опфатени компании што произведуваат – масло за јадење, леб и пекарски производи, брашно, млеко и млечни производи, како и месната и живинарската индустрија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...