Управата за јавни приходи (УЈП ) информира дека од денеска работодавачите ќе можат да аплицираат за добивање на финаниска помош за исплата на минимална плата.
На веб страната на УЈП, веќе е поставен клиентскиот софтвер преку кој може да се поднесе барање за финансиската помош, за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата.
Работодавачите кои сакаат да користат ваква државна помош, при поднесување на МПИН, во полето 3.23 треба да ја внесат шифрата 405, за сите вработени за кој побаруваат финансиска помош.
Работодавачите кои веќе ја исплатиле мартовската плата а не побарале финансиска помош, истото може да го сторат со поднесување на исправка со внес на шифра 103, само за вработените лица за кои бараат обезбедување на финансиска помош.
Право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите работодавачи кои не се ослободени од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување или данок на личен доход за вработеното лице. Апликантите потребно е да имаат статус на активен обврзник и да ги имаат подмирено обврските за исплата на плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци, заклучно со последниот ден од месец февруари или сите следни месеци за кои ќе бараат ваква финансиска помош.
Финансиската помош се остварува по исплата на платата за месецот за кој се обезбедува. Исплатата ќе се врши преку Министерството за труд и социјална политика.
Финансиска помош не може да користи работодавач кој користи субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување за работници заради зголемување на плата, обврзник кој користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување за работници, за периодот додека ја користи мерката, орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи и јавни претпријатија основани од Република Северна Македонија или од општините од градот Скопје, како и од општините во градот Скопје, приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај работодавач од јавен сектор, соопштија од УЈП.
Работодавачите кои ќе добијат финансиска помош се должни работникот за кој ќе добијат поддршка да го задржат на работа најмалку една година по завршувањето на користење на мерката. Работодавачите кои нема да го испочитуваат оваа правило, по отпуштање на работникот ќе треба во рок од 30 дена да го вратат износот на добиената помош. Оваа одредба нема да важи ако работникот за кои е добиена помош во меѓувреме се пензионира, ако настане смрт или пак ако работникот сам си даде отказ од работното место.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.