Македонија

ОРМ: Половина од компаниите не можат да најдат работници

14 Oct 2021

Ако порано зборувавме за креирање на работни места, сега говориме како истите да ги задржиме. Како резултат на миграциите во и надвор од земјата, повеќе од половина од компаниите во Македонија се соочуваат со проблем на задржување на работната сила на подолг временски период, посебно на помладите, изјави претседателката на Организацијата на работодавачи (ОРМ), Владанка Трајкоска на денешниот консултативен состанок во Струга, повикувајќи се на податоците од направените анализи на организацијата.

Оваа појава е посебно изразена кај техничките работни места за кои е потребно практично искуство, како и во угостителско - туристичкиот сектор.

Предлагаме да се изврши редуцирање на гимназиските и општествените смерови, на сметка на техничките и стручните смерови во средните училишта, а во високото образование да се предвидат критериуми за оценка дали студиските програми имаат општествена оправданост, рече таа.

Претставниците на асоцијацијата на котелиерите (ХОТАМ)побараа да се поедностави  моделот на пријавување на работниците и намалување на трошоците што ги имаат работодавачите за вработените во овој сектор, чиј број од година во година се повеќе се намалува.

ХОТАМ започнаа со спроведување на активностите од пилот -проектот во охридско – струшкиот регион кои се во насока на олеснување на условите за пријавување на работниците во туристичко-угостителскиот сектор преку преземање на административните активности за пријавување на работниците и покривање на придонесите за вработените кои се ангажирани преку проектот, како и организирање на бесплатни обуки за работниците. На основа на искуствата и резултатите од овој пилот-проект ќе се изготват конкретни предлози за измена на законската регулатива кои ќе бидат доставени до Владата,  рече претседателот на ХОТАМ,  Крсте Блажевски.

Покрај за начините како да се намали растечкиот недостиг на работна сила на пазарот на труд и за неопходноста од реформи во стручното образование и зајакнување на дијалогот меѓу факултетите и стопанството, на овој состанок членките на ОРМ разговараа и за други прашања од интерес за работодавачите кои понатаму ќе бидат споделени со останатите партиципиенти и партнери во социјалниот дијалог по што истите ќе бидат преточени во предлози за измени во законската регулатива.

Организацијата на деловните појадоци е поддржана од Проектот„Зајакнување на социјалниот дијалог“, што е финансиран од Европската Унија, а го спроведува Меѓународната организација на трудот (МОТ)*.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...