Македонија

Уште не е изгласан законот за недела - неработен ден

21 Sep 2021

На само девет дена пред рокот кога требаше да стапи во сила (1 октомври 2021 година) пратениците уште не го изгласаа Законот за работни односи, со што неделата треба да биде неработен ден за најголем дел од работниците.  

Законот вчера требаше да помине на второ читање на седница на Комисијата за труд и социјална политика, но тоа не се случи бидејќи Комисијата не успеа да се состане. За да може да стартува од 1 октомври, законот треба да се изгласа во Собранието најдоцна до крајот на оваа недела. 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска вчера ги повика пратениците што поскоро да го донесат законското решение, со цел, како што рече, на работниците да им се овозможи баланс меѓу професионалниот и приватниот живот.

Апелирам до пратениците, затоа што работниците се нашиот најголем човечки капитал, да се погрижиме да им овозможиме да се воспостави баланс меѓу приватниот и професионалниот живот. Верувам дека пратениците заеднички ќе го донесат ова законско решение и ќе може да се применува од први октомври, како што е предвидено, рече Шахпаска.

За неделата да биде неработен ден потребно е да се изгласаат измени не само во Законот за работни односи, туку и во Законот за трговија, бидејќи се предвидува вкупно 42 дејности да бидат исклучок. Но, работниците во дејностите кои е неопходно да работат ќе добиваат за 50% повисока дневница и слободен ден во текот на следната седмица. Предвидено е и трговските центри да работат во недела, но само од 10 до 18 часот, а вработените за тој ден да добиваат двојно повисока дневница.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...