Нова група од 337 кредитни барања е одобрена од третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, која се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија, преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата.
Од кредитната линија, за која се предвидени средства до 31 милион евра, досега вкупно се одобрени 2459 кредитни барања, на вкупен износ од 27,9 милиони евра, кои ги исполниле условите од јавниот повик објавен на 7 декември 2020 година.
Според структурата на досега одобрените кредитни барања, 1307 кредитни барања се од мали компании, 945 од микро компании, 157 кредитни барања од трговци-поединци и 50 кредитни барања се од занаетчии.
Најголем дел од одобрените 2459 кредитни барања, доаѓаат од скопскиот регион и тоа 31 отсто, а по него следат полошкиот регион со 15 отсто, па југозападниот и југоисточниот регион со по 12 отсто. Следни се источниот и пелагонискиот регион со десет отсто од одобрените кредитни барања, додека од вардарскиот и североисточниот регион доаѓаат пет отсто од одобрените кредитни барања.
Од Разввојната банка наведуваат дека кредитните барања се обработуваат хронолошки, според времето на пристигнување, согласно Јавниот повик и информациите наведени во него.
Одобрувањето на кредитните барања се врши во групи, сè додека не се исцрпат расположливите средства од Фондот за микро и мали претпријатија.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.