Македонија

Зголемени цените и трошоците за живот

16 Feb 2021

Индексот на трошоците за живот во јануари 2021 година, во однос на идентичниот месец лани, бележи зголемување од 1,9 отсто, додека индексот на цените на мало пораснал за 1,6 отсто, соопшти Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоците на ДЗС, што се однесува до индексот на трошоците на животот во јануари 2021 година во споредба со претходниот месец, тој изнесува 99,8, а индексот на цените на мало изнесува 100.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јануари 2021 година во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компири и други коренести плодови за 6,5 отсто, свежото и разладеното овошје за 1,6 отсто, виното за 0,5 отсто, месото за 0,4 отсто, рибата и морските плодови, сирењето и урдата за 0,3 отсто, минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,2 отсто.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај домашните миленици и сродните производи за 2,7 отсто, течните горива за домаќинствата за 1,9 отсто, опремата за спорт, кампирање и рекреација на отворено за 1,3 отсто, информатичката опрема за обработка на податоци за 1,1 отсто и обувките за 1 отсто.

Пораст на индексите на трошоците на животот во јануари 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,5 отсто, маслото и маснотиите за 0,4 отсто, жестоките пијалаци за 0,3 отсто.

Во јануари, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај електричните апарати за лична хигиена за 4 отсто, гасот за домаќинствата за 3,6 отсто, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 2 отсто, мебелот и покуќнината за 1,6 отсто, велосипедите за 1,4 отсто, големите електрични апарати за домаќинствата за 1 отсто и патниот патнички транспорт за 0,8 отсто.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...