Речиси 500 милиони денари овој месец ќе легнат на сметките на граѓаните по основ на поврат на ДДВ, врз основа на скенирање сметки преку МојДДВ во текот на третото тримесечје и за време на мерката Викенд без ДДВ што се реализираше на 10, 11 и 12 октомври.
За третото тримесечје повратот е 430 милиони денари, додека од Викендот без ДДВ нешто над 63 милиони денари.
Во текот на ноември Управата за јавни приходи ќе спроведе исплатата за финансиски средства по основ на враќање на дел од данокот за додадена вредност за месеците јули, август и септември 2020 година, согласно Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица, информираат за МИА од Управата за јавни приходи.
Оттаму додаваат дека во текот на ова трето тримесечје во месеци јули, август и септември 2020 остварен е промет од 29,8 милијарди денари, од кои прометот од македонски производи изнесува 7,8 милијарди денари, а прометот од останати производи изнесува 21,9 милијарди денари.-На граѓаните за ова тримесечје ќе им се врати, односно исплати околу 430 милиони денари, како дел од ДДВ што го оствариле граѓаните од скенирани фискални сметки во јули, август и септември 2020 година.
Во текот на овој месец се очекува исплатата и на поврат на ДДВ од остварениот промет за време на Викеднот без ДДВ. За ова се чека на донесување на ребалансот на буџетот кој е во собраниска процедура и за кој веќе се расправа на пленарна седница. Расправата почна во четвртокот и веќе се расправа три дена, а најмногу согласно Деловникот може да трае пет дена.
Мерката Викенд без ДДВ е дел од четвртиот сет антикризни мерки, кои пак се условени од усвојување на ребалансот на Буџетот на РСМ во Собранието на РСМ. Штом ребалансот биде усвоен од страна на Собранието, ќе се создаде законска можност за спроведување на мерките вклучително и оваа мерка и ќе се исплатат средствата. Сите граѓани кои оствариле право на враќање на целосниот износ на данокот на додадена вредност за време на ,,Викендот без ДДВ, ќе им се исплатат финансиските средства на нивната трансакциска сметки, истакнуваат од Управата за јавни приходи.
Викендот без ДДВ се реализираше на 10, 11 и 12 октомври. Според податоците на УЈП во овие три дена вкупно 204 088 граѓани купиле македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Во Викендот без ДДВ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на ДДВ во износ од 66.853.929 денари.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.