Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) ќе поддржи 15 микро и мали компании во рамки на пост Ковид 10 трансформативната програма, финансиски поддржана и од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем.
Компаниите ќе добијат директна поддршка за обезбедување ликвидност, за зачувување на работните места, како и приклучување во синџирот на снабдување на Комората, што ќе значи проширување на домашниот пазар преку стратегија за продажба, преговори, маркетинг активности и управување со кризи.
Дриљон Исени, извршен директор на СКСЗМ истакнува дека преку програмата ќе се поддржат 15 локални микро и мали компании, кои ќе станат членки на Комората во наредните две години и ќе добијат бесплатно членство во првата година.
Тие ќе добијат информации за законската усогласеност, деловни можности и пристап до финансии. Обезбедуваме обуки за далечинско и дигитално работење и е-трговија во рамки на Центарот за обуки на Комората, што ќе резултира со приближување до нови пазари преку дигитализацијата. Комората ќе обезбеди низа промотивни алатки за секоја компанија и создавање маркетинг содржина за социјалните медиуми, видео промоција и организирање состаноци со други бизниси, вели Исени.
Од Комората очекуваат поддршката да им помогне на компаниите во прилагодување и трансформирање на своите активности согласно околностите од пандемијата на вирусот Ковид-19. Компаниите добитници ќе бидат избрани преку отворен повик и врз основа на принципот „прв дојден – прв услужен“. Секоја компанија ќе добие сопствена пост Ковид 19 трансформативна програма, односно ќе добие изработка на бизнис план, обуки за продажба, онлајн маркетинг, преговарање, потоа менторство, како и промотивно видео.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.