За индустрија која со право го носи своето име "брзообртни потрошувачки производи" (FMCG) промените секогаш беа и останаа динамични и брзи. Кога велам FMCG тука се подразбираат увозниците и дистрибутерите, големопродажбата, малопродажбата и секако потрошувачите, т.е. сите актери во овој сегмент.
Пишува: Илија Лазовски, менаџер за развој во „Хенкел“ - Македонија
Како некој кој функционира во овој сектор 20 години бев сведок на многу промени кои биле одраз на внатрешни и надворешни фактори. Со тоа на ум, би сакал да споделам мои видувања за моменталните состојби. Самите категории на производи, без разлика дали зборуваме за храна или не, полека но сигурно ги следат светските процеси од аспект на портфолио, потрошувачки навики и динамика. Она што можеби е елемент на кој малопродажбата треба да посвети повеќе внимание е секако еден практичен и прагматичен category management. Тој треба да ги отсликува локалните карактеристики но секако да воведува и новини кои би служеле за подобра едукација и информираност на потрошувачите со цел развој на категориите. Очигледно е дека одредени категории сѐ уште се мали и растат додека други се на ниво на регионалните трендови. Трговците треба да сфатат дека ограничениот простор на полица е нивната најголема актива за менаџирање и дека категориите се жива материја па она што функционирало пред 20, 15 или 10 години можеби не носи исти резултати денес. Причината за тоа е што во текот на изминатите години дојде до еден вид презаситување на категориите каде што потрошувачите се бомбардирани од разноразни производи и информации и не можат да ги исфилтрираат истите па „играат на сигурно". Сѐ уште се учиме што е нето тежина, број на перења во детергент, парчиња во пакување, итн.
Од аспект на развојот на клучните купувачи на пазарот полека станавме пазар доминиран од хард дисконтери. Најголемите три ланци на маркети успешно функционираат со тој бизнис модел па беше прашање на време кога и „Лидл“ ќе го најави своето присуство. Секако придобивката за конкурентни цени што е клучна ознака на овој канал полека се преточува во борба за атрактивен асортиман на производи. Од друга страна и развојот на дрогерискиот канал е во полн ек така што не би ме зачудил влез на нов играч и во тој сегмент. Неминовно на крајот на денот потрошувачот е „крал" и оној кој одлучува каде да го направи неделното пазарување и дали ќе купи бренд или приватна марка.
Исто така самите дистрибутери преку знаење и вештини стекнати од домашните и странските партнери напреднаа во однос на оперативното функционирање и со право може да се каже дека ги следат новите технологии. Вработените во овие фирми без проблем би можеле да функционираат на многу покомплексни пазари од нашиот. Она што секако би било круна на тоа е доколку некој од нив реши да влезе на некој од соседните пазари како што тоа го имаат направено дистрибутери од соседните земји кај нас. Исто така со текот на годините стана очигледна потребата да се создаде асоцијација на дистрибутивни куќи која ќе ги артикулира ставовите и искуствата на оваа бранша кога и каде е потребно. Во моментов постои еден вакуум кој се пополнува со нецелосни или погрешни информации што имаат спротивен ефект. На пример, постојат повеќе законски регулативи кои доколку се спроведуваат доследно би требало да имаат позитивен ефект за оние што играат фер (Закон за финансиска дисциплина, Закон за нефер трговски практики, Закон за заштита на потрошувачи, Закон за хемикалии, итн.)
Неминовно е да се адресираат и тековните предизвици како смирувањето на инфлацијата, нејзиното влијание на животниот стандард и ценовните политики на владата. За да имаме долгорочно зголемување на животниот стандард и поголема резистентност кон ценовни промени (во економија која е претежно увозно ориентирана) е секако потребна реална стимулација на домашното производство на производи и услуги. Да се потсетиме дека само раст на БДП носи зголемен квалитет на живот, се останато во најдобар случај е само привремена мерка. Од друга страна сите ние кои сме дел од FMCG треба да бидеме самокритични и да си го поставиме прашањето кога носиме одредени одлуки - дали ова е најдобра можна одлука за сите засегнати?
За крај потсетување дека само промената не се менува. Она што сигурно ќе остане е фактот дека потрошувачот ги носи одлуките кои на крај на ден ги наградуваат или казнуваат брендовите - слушајте ги и нема да згрешите. Направете фокус група, поставете прашања, влезете во домот на една фамилија и видете како се користат производите, ви ветувам дека ќе научите многу нови и корисни работи.
П.С. Сакам да им симнам капа на сите вработени во овој сектор што додека беше пандемијата во 2020-2021 беа на висина на задачата и генерално повеќето производи беа обезбедени низ ланецот на набавка па немавме премногу критичен out-of-stock.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.