Економија

Шринкфлација – стратегија меѓу транспарентноста и довербата во брендот

26 Feb 2025

Поимот шринкфлација не е непознат во земјава и како стратегија се применува од страна на македонските производители. На оваа тема позборувавме со асс. д-р Моника Арсова од Економскиот факултет во Штип и со Деспина Туманоска, програмски координатор во „Фајнанс тинк“. Тие ги кажаа своите мислења за тоа дали шринкфлацијата е неопходна стратегија кога инфлацијата е поголема; дали транспарентноста е клуч за одржување на довербата кај потрошувачите и дали може да ја намали вредноста на брендот, а го дадоа и својот коментар дали треба да постои законска регулатива или правилник со кој ќе се регулира шринкфлацијата.

 

 Асс. д-р Моника Арсова, Економски факултет, Универзитет „Гоце Делчев“, Штип

Инфлацијата е стапката со која општото ниво на цените на стоките и услугите расте во одреден период, обично една година. Таа покажува колку се намалува куповната моќ со зголемувањето на цените.

Помалку познатиот поим за јавноста е шринкфлацијата, која пак се однесува на намалување на големината, односно количината или квалитетот на производот, додека неговата цена останува иста. Овој тип стратегија може да ја применуваат дадени деловни субјекти во услови на зголемена инфлација, со цел да прикажат дека не ја зголемуваат цената на своите производи, односно услуги.

Оправданоста на шринкфлацијата, односно нејзината примена во практика може да се оправда или критизира, зависно од тоа кои фактори се земаат предвид. Може да споменеме неколку аргументи за и неколку против.

Еден од аргументите за примена на шринкфлацијата е управувањето со трошоците, без притоа да се влијае врз цената, што од една страна им помага на компаниите да се справат со зголемите трошоци за различните инпути (работна сила, суровини и сл.), а од друга страна, влијае врз тоа да се задржат ценовно чувствителните потрошувачи. Друг аргумент за примена на оваа стратегија е економската стабилност, која може да се постигне на начин што ќе се влијае на потрошувачите, односно ќе им се ублажат инфлаторните очекувања, на начин што ќе се спречи психолошката спирала „цена-плати инфлација“.

На другата страна може да споменеме аргументи кои водат против шринкфлацијата, а еден од нив е ерозија или уништување на довербата на потрошувачите кај најголем дел од брендовите на пазарот. Овде исто така мора да се спомене влијанието на оваа стратегија врз ранливите категории, односно оние што се потпираат на поголеми (веќе планирани) количини од дадени производи/услуги. Најважниот аргумент против примена на шринкфлацијата е дека претставува краткорочно решение кое влијае врз намалување на последиците, а не оди подлабоко односно во причините на појавата. Оттука, привремено ќе се неутрализираат ефектите на зголемената инфлација, меѓутоа на долг рок ќе влијае негативно на целокупниот синџир на снабдување.

Како заклучок би можела да кажам дека примената на стратегијата шринкфлација може да биде практичен одговор на појавената инфлација, меѓутоа не е секогаш најдобра и најодржлива стратегија. Примената зависи од многу фактори, како што се целите на компанијата, динамиката на пазарот и најважно од сè базата на потрошувачи и нивната лојалност. Потранспарентен и избалансиран пристап често помага да се зачува довербата, лојалноста и долгорочната профитабилност.

Во поглед на транспарнетноста и задржувањето на довербата на потрошувачите, можам да кажам дека креирањето, одржувањето и негувањето на довербата на потрошувачите е долг, комплексен пат на кој компаниите мора да посветат доволно внимание за да ги задржат задоволните потрошувачи и да присвојат нови.

Транспарентноста, заедно со конзистентноста, емпатијата, комуникацијата, видливоста, квалитетот на производите и услугите, ажурноста и уште многу други елементи заеднички влијаат врз довербата која потрошувачите ја имаат во одреден бренд.

Транспарентноста во основа значи да бидете искрени со потрошувачите, да ги дадете сите неопходни информации со цел да донесат правилна одлука. Одржувањето на довербата на потрошувачите преку транспарентност е генерално добар пристап, меѓутоа може да се случи сценарио во кое потрошувачите може да ја сфатат погрешно. Во дадениот случај, истакнување пред потрошувачите дека производот кој тие го купуваат е со намалена грамажа, може да биде сфатено многу погрешно. Оттука, постојат неколку аспекти на кои компаниите треба да внимаваат кога објавуваат вакви или слични информации, со што ќе се намали негативното влијание врз вредноста на брендот.

Компаниите е добро да креираат позитивна транспарентност, што значи дека при објавата за намалена грамажа да ги потенцираат позитивните практики како обезбеден квалитет, одржливост или достапност до производот. Друга добра практика преку која се намалува негативното влијание е поврзување на транспарентноста со понуди со додадена вредност, односно се потенцираат некои придобивки како награда за лојалност, учество во наградна игра, добивање гратис производ и сл.

Транспарентноста за намалување на тежината на производот може да помогне на компанијата да ја одржи довербата на потрошувачите, но најважно од сè е како ќе биде реализирано. Најголем акцент треба да се стави на позитивната комуникација, односно истакнувањето на посветеноста на брендот кон квалитет, понуда на додадена вредност за потрошувачите и други позитивни практики за да се задржи нивната доверба и секако да не се случи недоверба, отпор од страната на потрошувачите што би подразбирало намалена вредност на брендот.

Постоењето на законски прописи, правила и уредници на шринкфлацијата е комплексно прашање, од аспект на тоа што постојат повеќе аспекти за неговата (не)оправданост. Практиката на намалување на големината или количеството на производот додека се одржува истата цена - може да биде фрустрирачка за потрошувачите, бидејќи често се чувствуваат измамени.

Постоењето на регулатива која ќе ја уредува шринкфлацијата може да има позитивен импакт во општеството, гледано од повеќе аспекти како што се: спречување на измамнички практики од компаниите, каде регулативите ќе може да поттикнат фер конкуренција на пазарот; регулативата може да ги заштити ранливите категории од непотребен економски притисок од аспект што нема да има непропорционално намалување на инфлацијата. Но, во креирање на таа легислатива може да се случат голем број неправилности и правила кои нема да се во корист на потрошувачите.

Најдобро решение би било поставувањето на некои општи правила (закони) во насока да се обезбеди балансиран пристап. Барање од компаниите за задолжително означување, што ќе биде во насока на обелоденување на големината на производот и во случај на негово намалување во поглед на големината.

Сметам дека најважна од сè е едукацијата, односно можноста потрошувачите да бидат подготвени во процесот на донесување одлука за купување, подготвеност да забележуваат различни промени кои се прават од аспект на количество, цена, квалитет и сл. За таа цел, едно од најдобрите решенија може да биде креирање и спроведување образовни кампањи, кои на потрошувачите ќе им помогнат да донесуваат информирани одлуки, а од друга страна, да ги забележуваат намалувањата на инфлацијата или нејзиното зголемување.

На другата страна, кај компаниите е важно да постои регулатива за стандардизирано известување, односно развивање систем преку кој ќе се известуваат потрошувачите за различни промени. Тоа може да се реализира преку некоја база на податоци, каде што централизирано ќе се информираат сите клиенти во неа или преку употреба на апликација. Овој принцип е лесно остварлив, согледувајќи ги последните податоци, а тоа е дека 63,5% од македонските интернет-корисници направиле онлајн-нарачки во 2024 година. Фактот дека имаме зголемен интерес за онлајн-нарачки ја покажува подготвеноста на потрошувачите да се информираат онлајн, односно преку различни апликации или друг тип онлајн-алатки.

Примената на стратегијата шринкфлација може да биде практичен одговор на инфлацијата, меѓутоа, не е секогаш најдобра и најодржлива стратегија. Примената зависи од многу фактори, како што се целите на компанијата, динамиката на пазарот и најважно од сè − базата на потрошувачи и нивната лојалност.

Деспина Туманоска, програмски координатор, „Фајнанс тинк“ 

Шринкфлацијата е стратегија која ја користат производителите за да се справат со растечките трошоци, особено во време на висока инфлација. Наместо да ја зголемат цената на производот, тие ја намалуваат неговата количина, задржувајќи ја истата цена. Во одредени случаи, оваа стратегија може да се смета за неопходна бидејќи им овозможува на компаниите да ги ублажат зголемените трошоци за суровини, енергија и транспорт, а притоа да избегнат нагли и непопуларни покачувања на цените. Сепак, оваа практика треба да се користи внимателно и умерено бидејќи премногу агресивно намалување на количината на производите може да предизвика негативен ефект кај потрошувачите, кои се свесни за промените и можат да се почувствуваат измамени. Балансот е клучен – со шринкфлација да се зачува достапноста на производот, но да не се премине границата на довербата со потрошувачите.

Транспарентноста е апсолутно клучна за одржување на довербата кај потрошувачите. Кога компаниите отворено истакнуваат дека производот е со намалена грамажа, тие испраќаат порака дека ги почитуваат своите клиенти и ги третираат со почит. Потрошувачите денес се многу информирани и свесни за ваквите промени, и секој обид за сокривање може да ја поткопа нивната доверба кон брендот. Сепак, јасната комуникација за намалувањето на количеството не мора да значи дека ќе се намали вредноста на брендот. Напротив, брендовите што ја покажуваат својата искреност и транспарентност можат да ја зајакнат својата репутација, доколку јасно објаснат дека ваквата мерка е потребна за одржување на стабилноста на производот и неговата достапност. Важна е автентичноста во пристапот – компаниите треба да бидат искрени, но и креативни во комуникацијата со потрошувачите.

Регулативата околу шринкфлацијата е комплексно прашање. Од една страна, потребно е да се заштитат потрошувачите од манипулативни практики и сокриени намалувања на количината на производите. Регулативи кои бараат јасно и видливо означување на промените во пакувањата можат да помогнат да се задржат довербата и транспарентноста. Од друга страна, премногу ригидна законска регулатива може да ја ограничи флексибилноста на производителите да се приспособат на економските услови, што би можело да доведе до директни покачувања на цените. Затоа, најдобриот пристап би бил воспоставување основни стандарди кои ќе ја поттикнат транспарентноста и ќе обезбедат јасно информирање на потрошувачите, но без да се создадат непотребни административни пречки за бизнисите. Важно е регулативата да се развива во соработка со сите засегнати страни, вклучувајќи ги производителите, потрошувачите и експертите за заштита на правата на потрошувачите.

Сепак, нема посебна статистика која се занимава со шринкфлација, така што нејзината застапеност и обем се во сферата на шпекулаците.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...