Колумни

Дејан Манев: Стратегии за долгорочен напредок vs инфлација

24 Feb 2025

Во време на глобална економска нестабилност, инфлацијата не е само економски феномен кој доведува до раст на цените. Не, инфлацијата е сигнал дека нешто во економијата мора да се менува. Таа не е само краткорочен проблем кој бара брзи решенија, туку предизвик за поголеми и системски промени. Ајде вака, да гледаме подалеку и неконвенционално, инфлацијата им дава шанса на успешните компании и држави да постават темели за долгорочен успех. Како што напиша германскиот економски советник(на крајот од својот мандат) на македонската влада, господинот Јоханес Хајдекер во својот последен јавен пост на LinkedIn: „...but good companies found solutions.“, би додал дека ова е значајно и не се однесува само на компаниите - истото мора да важи и за државите кои знаат да пронајдат иновативни решенија во услови на инфлација и високи цени.

 Пишува: Дејан Манев, експерт за развој на малопродажни мрежи

 

Компаниите и државите кои успеваат да преживеат, не се само оние што реагираат, туку и оние што долгорочно предвидуваат

Инфлацијата не треба да се чека и не може да биде изговор за неактивност. Успешните компании и држави знаат дека ништо не се случува случајно. Тие не реагираат кога веќе е доцна, туку тие предвидуваат и се подготвуваат. Идејата дека компаниите само „чекаат да видат што ќе се случи“ е погрешна. Многу компании во историјата, наместо да се плашат, активно се адаптирале на новите економски услови и излегле посилни. Добрите компании не чекаат економски шок да ги изненади. Тие се подготвени за тоа. Не чекаат некоја голема криза за да започнат да размислуваат и да се менуваат. Уште на почеток, ги изградиле системите кои сега им помогаат да се прилагодат. Една од клучните стратегии што успешните компании ја користат е оптимизацијата на синџирите на снабдување. Наместо да се потпираат на неколку големи добавувачи, тие диверзифицираат свои извори на суровини и репроматеријали, што ја намалува изложеноста на непредвидливи шокови. Оваа стратегија се покажа како клучна во последните години, кога глобалните синџири на снабдување беа сериозно нарушени. Компаниите кои не ја имаа оваа стратегија, на крајот завршија со големи загуби, додека оние кои беа подготвени, поедноставно се приспособија и го продолжија растот.

Успешни држави: Системски и долгорочни решенија

Државите, исто така, не можат да чекаат да се случат економски кризи. Тие мораат да креираат стабилни и долгорочни стратегии. Земји кои успешно ја регулираат инфлацијата, немаат краткорочни решенија. Наместо тоа, тие работат на создавање стабилна и диверзифицирана економија која ќе ги минимизира негативните ефекти од инфлацијата. И ако размислиме, успешните држави не се оние кои само ги регулираат цените, тие се тие кои создаваат услови за раст. Државите кои инвестираат сериозни средства во инфраструктура и нови технологии привлекуваат инвестиции кои ја зголемуваат продуктивноста и ја намалуваат зависноста од надворешни фактори. Таквите инвестициски потези не се само одговор на инфлацијата, туку и долгорочни стратегии за економски раст и напредок.

Инвестиции во технологија и човечки капитал: Клучот за конкурентност

Покрај инвестициите во нови технологии, успешните компании исто така инвестираат во својот најголем ресурс - човечкиот капитал. За да бидеш успешен во денешниот “весел” економски амбиент, мораш да имаш работници кои се подготвени за сè. Ако сакате компанијата да напредува и да издржи економски стресови, треба да ги поддржите своите вработени преку континуирани програми за обука и усовршување. Кога работниците се обучени и мотивирани, тие стануваат ваши најсилни партнери во прилагодувањето на новите пазарни услови. Ова не само што го зголемува нивниот капацитет, туку ја прави компанијата поотпорна и поуспешна во решавањето на неочекуваните економски предизвици.

Развиените држави исто така активно и директно поддржуваат образовни програми кои создаваат квалификувана работна сила. Така, тие се грижат за подготвеноста на идните генерации да се справат со новите економски предизвици и трендови. Тоа е еден вид економска инвестиција која носи резултати на долг рок. Со поддршка на овие иницијативи, државите го намалуваат ризикот од висока невработеност и ја поттикнуваат продуктивноста.

Пристап кон потрошувачката: Иновации како одговор на високи цени

Кога станува збор за потрошувачката, успешните компании не ги префрлаат сите зголемени трошоци на потрошувачите. Наместо тоа, тие се фокусираат на иновации кои ќе овозможат да се создадат поекономични опции за потрошувачите. Овој проактивен пристап им овозможува да задржат лојални клиенти и да се борат со инфлационите притисоци, без да го загрозат својот пазарен дел. Компаниите кои работат на иновации постојано ја зајакнуваат својата конкурентност, и тоа без потреба да се грижат за краткорочните економски шокови.

Затворање на кругот: Инфлацијата како можност за долгорочен успех

Во исто време, државите кои активно ја регулираат инфлацијата без да ги нарушат основите на пазарот создаваат амбиент во кој економијата може да расте стабилно. Постојаната адаптација, поддршката на иновациите и стимулирањето на продуктивноста се главни фактори кои создаваат основа за долгорочен економски раст. Државите кои работат на овие стратегии не само што ја регулираат инфлацијата, туку ја зајакнуваат и својата економска позиција на светската сцена.

Инфлацијата не е само предизвик - таа е и можност

Иако многумина ја гледаат инфлацијата како сериозен проблем, на крајот на денот, таа е можност за економски развој. Компаниите и државите кои имаат стратегија за адаптирање и иновација, кои не се борат со последиците, туку ги претвораат во предности, излегуваат посилни од секоја криза. Способноста да иновираме и да се адаптираме е она што ги прави успешните компании и држави различни. Како што кажавме на почетокот „..good companies found solutions.“, да, тоа навистина е така. Не станува збор за избегнување на предизвиците. Клучот за долгорочен раст лежи во нашата способност да ги најдеме решенијата кои ќе водат до успешни резултати.

 

Дејан Манев е експерт за развој на малопродажни мрежи, Country Director за Македонија во Evapify Group, претходно бил директор за развој во „Кам маркет“ за Македононија, Косово и Бугарија.

Фото: Pexels



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...