Актуелно

Инвестиции: „Даути комерц“ отвори дистрибутивен центар во Црна Гора

28 Jun 2018
 

Инвестицијата за изградба на дистрибутивниот центар ќе овозможи пораст на работењето на црногорскиот, но и на другите пазари каде што работи компанијата.

Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk

По 28 години постоење на „Даути комерц" во Македонија и 17 години во Црна Гора,  компанијата одлучи да го реализира сонот - на секој пазар да изгради сопствен дистрибутивно-логистички центар преку кој ќе се третира увезената стока од Македонија, Србија, ЕУ, Азија и Јужна Америка. За реализираната инвестиција во Црна Гора, чие официјално отворање беше кон крајот на мај годинава, но и за идните планови на компанијата зборувавме со Хамим Даути, сопственик на „Даути комерц".

 Вредноста на инвестицијата изнесува повеќе од 3,5 милиони евра. Дистрибутивниот центар зазема простор од 13.000 м², со магацински капацитет од 3.000 м² и деловен простор од 1.000 м².

Компанијата на пазарот во Црна Гора одлично се развива, што придонесе за обезбедување соодветни простории. Најдобро се работи во сопствени простории креирани според потребите на компанијата, што овозможува подобри перформанси и пласман на производите што ги дистрибуираме на овој пазар, објасни Даути.

Вредноста на инвестицијата изнесува повеќе од 3,5 милиони евра, а е обезбедена од сопствени средства, без задолжувања во банки. Дистрибутивниот центар, кој е позициониран во Тузи, во Подгорица, зазема простор од 13.000 м², со магацински капацитет од 3.000 м² и деловен простор од 1.000 м². Изграден е според најсовремени стандарди, регал-системи и современи магацински технолошки системи.

Магацинскиот простор е функционален со простор за редовна стока која се складира во регал-системи, како и посебни зони за чувствителни производи со режим на одржување со +5 и -18 степени. Во магацинот има простор за бесцаринска зона, за производи кои не се царинети и кој ни служи за дистрибуирање стока до другите пазари, истакна Даути.

Кога почнуваш да инвестираш, очекуваш и си подготвен да се соочиш и со одредени препреки, но битно е крајот да биде украс на вложениот труд

Дистрибутивниот центар ќе функционира на ист начин како централниот во Скопје и центрите во Косово и во Албанија. Постојат четири дивизии - група на прехранбени производи, производи за хигиена, млечни производи и производи наменети за каналот хорека.

Во поглед на опремувањето на дистрибутивните центри на „Даути комерц", Даути додава дека секоја година инвестираат во софтверски и хардверски решенија. Се обидуваме да ги следиме трендовите, вклучувајќи технолошки новитети, интегрирање нови софтвери, со кои успешно го контролираме бизнисот.

Во Црна Гора „Даути комерц" се грижи за дистрибуција и пласман на производите на неколку големи и помали македонски компании. За пласманот на производите Даути истакнува: Македонските производи се одлично прифатени на црногорскиот пазар и има простор за нивно понатамошно развивање и пласирање.

Засега, во дистрибутивниот центар се вработени 60 луѓе, а главната координација оди преку Скопје. Со новите можности за понатамошен развој, Даути очекува да се јави потреба за нови вработувања, за конечната бројка да стигне до 200 вработени.

Возниот парк со кој располага компанијата во дистрибутивниот центар во Црна Гора е повеќе од 30 возила од различни категории.

Со Даути позборувавме и за текот на изградбата на објектот и со кои препреки се соочувала компанијата при реализацијата на инвестицијата. Изградбата на објектот траеше една година. При изградбата не се соочивме со проблеми, но имавме пролонгирање на рокот во поглед на собирање на потребната документација за земјиштето, интегрирање во главните проекти и сл., објасни тој и додаде: Кога почнуваш да инвестираш, очекуваш и си подготвен да се соочиш и со одредени препреки. Битно е крајот да биде украс на вложениот труд.  

Иако инвестицијата заврши годинава, плановите на компанијата и понатаму се големи и со голем ентузијазам Даути ни зборуваше за идните инвестиции: По комплетирањето на трите објекти, планираме во рамките на објектот во Косово да изградиме нов објект на два ката од 8.000 м². Потоа ќе следува изградба на сопствен објект и во Албанија, каде што по седумгодишното работење се отвораат потреба и можности за ваква инвестиција.

За крајот Даути ни откри која е тајната за успехот на компанијата: Со добрата соработка, со  партнери чија меѓусебна доверба е бескомпромисна, може да се очекува успешност и развој на компанијата. Тука заслужни се и менаџментот и тимот на компанијата. Наши долгогодишни соработници и партнери се „Алкалоид", „Макпрогрес", „Витаминка", „Вива хол", „Иноспектар", „Дием ГП", „Бентон-НЛ", „Стелимпекс" и „Извор", кои ни го доверија пласманот на своите производи на пазарите каде што работиме. Станува збор за повеќе од 70 регионални и меѓународни партнери и 50 партнери од Македонија.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...