Ценовните шокови сѐ посилно удираат по џебот на граѓаните, Сојузот на синдикати на Македонија објави дека и во февруари годинава јазот меѓу две минимални плати и минималната потрошувачка кошничка останува речиси 300 евра.
Пресметките на Сојузот на синдикати покажуваат дека синдикалната кошница за месец февруари тежи 57.476 денари, сума потребна на четиричлено семејство некако да го истурка месецот купувајќи го само најнеопходното.
Потресите кои направија големи промени во светот, предизвикани од пандемијата на ковид, војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток, направија огромен притисок врз цените на енергентите и храната на светските берзи.
Како прва од серијата владини мерки за справување со кризата со цените на храната и енергијата може да се смета прогласувањето „енергетска криза“ зимата 2021/22 година, со што се овозможи да се префрлат дополнителни средства од централниот буџет кон компаниите за производство на електрична енергија и централно греење.
Првиот пакет мерки од март 2022 содржеше 27 мерки, со проценет финансиски обем од 400 милиони евра. Вториот пакет мерки од октомври 2022 содржеше 19 мерки со проценета вредност од 360 милиони евра, иако само 5 од овие мерки беа нови, а преостанатите 14 повторување на мерките од првиот пакет, кои сѐ уште беа во сила за време на објавувањето на вториот пакет. Третиот пакет антикризни мерки од ноември 2023 содржеше 24 мерки и тежеше 662 милиони евра, но покрај овој буџет, како дел од пакетот беа претставени и три системски мерки за зголемување на платите на вработените во јавниот сектор и на пензиите, со вкупна вредност за 2023 и 2024 година од 516 милиони евра. Додека во последниот пакет е додадена и мерката за замрзнување на цените на избрани основни прехранбени производи, која е во сила од крајот на 2023 година, а формално не беше претставена како дел од пакетот-мерки. Од сите мерки од последниот пакет, 10 беа нови, а преостанатите продолжение или повторување на мерките од претходните пакети.
Од крајот на февруари 2022 овој притисок драматично порасна и многу бргу се пренесе во македонската економија. Пикот на ценовниот раст беше постигнат во октомври 2022, кога индексот на трошоците за живот порасна за рекордни 19,8%. Оттогаш до денес инфлацијата постепено забавуваше и се сведе на 3,2 проценти во јануари 2024 година, стои во истражувањето спроведено од Институтот „Фајнанс тинк“.
Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со мерките што Владата ги креира како одговор на високите стапки на инфлација заштитен е животниот стандард.
Животниот стандард на граѓаните го заштитивме, мерките што ги креираше и ги спроведуваше Владата како одговор на високите стапки на инфлација предизвикани од економската и енергетската криза дадоа мерливи резултати, објави Фатмир Битиќи на својот фејсбук-профил.
Економскиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека владините мерки биле избрзани, не дале никакви резултати и дека биле донесени без никакви консултации со стручната јавност.
Дефинитивно владините економски мерки не даваат и не покажуваат никакви резултати бидејќи се донесени набрзина, без консултација со експерти и со производителите. Дека не даваат никакви резултати ќе препознаете по негодувањето на јавноста, а најмногу на потрошувачите, и тоа не само на оние со ниски примања, туку буквално сите потрошувачи. Нема ден да нема некој штрајк или најава за штрајк поради галопирачката инфлација и растот на цените. Еве ќе ја земам за пример Словенија - цените на месото, јајцата и основните продукти се пониски отколку во Македонија, а просечната плата е околу 1.200 евра. Цената на свежиот лосос во Македонија е 20-25 евра, додека во Словенија е 10-12 евра, или пак цената на свежото мисиркино месо е околу 8 евра, на млекото е околу 1 евро. Ама тоа е така затоа што владеат пазарни принципи и тука мерките ги носат компетентни луѓе, вели Пекевски за Instore.
Според анализата на „Фајнанс тинк“, трансмисијата од месец во месец укажала дека кога глобалните цени растеле, тие се пренесувале од производителите и трговците, но со позасилен интензитет од трговците. Во периодот кога глобалните цени опаѓале, преносот врз македонските цени бил главно оневозможен и од производителите и од трговците, со тоа што повторно улогата на трговците во отпорот цените да се намалуваат била значајно поголема.
Една од владините мерки за запирање на ценовните шокови беше одлуката за ограничување на цените за дел од производите. Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени, која завршува на крајот од февруари, туку, како што најави ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики.
Стопанствениците сметаат дека ваквата одлука за замрзнување на цените е во спротивност со пазарната економија и дека ѝ прави штета на економијата, а аналитичарот Пекевски смета дека постојат голем број други мерки наместо да се замрзнат цените на производите.
Веројатно процениле дека најлесно и наједноставно е да се замрзнат тие цени и да покажат грижа. Наместо замрзнување на цените, можни се други мерки, како поголема контрола на увозот и форсирање македонски продукти, наметнување мерка во секоја продавница минимум 50% од асортиманот да бидат македонски производи и тоа во сите категории, откуп на вишокот земјоделски производи од страна на Владата и купување на истите од страна на маркетите по истите цени. Субвенциите што им се даваат на земјоделците за одгледување разни култури може да се искористат во насока тие се откупат од Владата, а не од прекупци кои диктираат цени, потоа финансирање изградба на ладилници и да не продолжувам. Политиките на Владата се креирани за профитирање на одредени бизнисмени блиски до Владата и намерно не се консултираат бизнис-секторот и експертите при креирањето на мерките, потенцира Пекевски.
Според истражувањето спроведено од Институтот за економски анализи и политики „Фајнанс тинк“ мерките спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, особено на посиромашните домаќинства, а особено мерките од последниот пакет кои се во сила. Според уделот, мерките најпозитивно влијаеле кај најсиромашните семејства.
Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки, зависно од проблемите што евентуално се присутни на терен. Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производниот процес или на цените од увоз е значајно намален, а кај некои производи дури и негативен, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата, се наведува во анализата на „Фајнанс тинк“.
Со донесувањето на законот за нефер трговски практики, според министерот Бектеши, ќе ѝ се стави ред на нелојалната конкуренција во трговијата и тоа ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и на земјоделските производи, изјави Бектеши за МИА.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, уште во декември 2023 година, на предлог на Министерството за економија, беше усвоен од Владата и доставен до Собранието.
Со стапувањето на овој закон во сила оваа година, се очекува да се заштити растот на цените на производите.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.