Локално

Бесник Исаки: Нашата мисија е да обезбедиме доверливи решенија за вашата логистика

18 Dec 2024

Тринаесет години „БЕ-ДА Логистик“ е присутна на пазарот и оттогаш успеа да ја стекне довербата на над 800 компании во 37 држави. Компанијата им овозможува на своите клиенти логистички услуги на домашно и на меѓународно ниво, овозможувајќи им на сите видови индустрии да дојдат до посакуваните дестинации. За почетоците, состојбата на пазарот и иднината на компанијата, разговараме со сопственикот и директор на „БЕ -ДА Логистик“, Бесник Исаки.

Разговараше: Петар Чаушевски, petar@instore.mk

Вашата компанија „БЕ-ДА Логистик“ од 2011 година е присутна на пазарот како една од водечките компании за интернационален транспорт и логистика. Како дојдовте до идеја да ја основате компанијата и на што се должи успешното работење?

„БЕ-ДА Логистик“ е third-party логистичка компанија која нуди транспортни и логистички решенија.
Нашата мисија е да бидеме доверливи партнери на клиентите и нивниот прв избор кога станува збор за логистика. Секогаш гледаме да им ги олесниме процесите кога е во прашање безбедно и навремено движење на нивниот продукт за тие да се фокусираат на својот основен бизнис. Од основањето во 2011 година, нашата визија е да обезбедиме комплетни логистички услуги на домашно и меѓународно ниво. Денес, благодарение на постојаната иновација и инвестиции во модерна технологија, нудиме оптимизација, транспарентност и следење на транспортот во вистинско време за сигурност на клиентите. На секој клиент му е доделен посветен транспортен агент, кој обезбедува поддршка и логистички консултации во текот на целото работење.

Од 2016 година се проширивме регионално со канцеларии во Драч, Албанија, во 2021 година во Торонто, Канада, и во 2022 година во Приштина, Косово. Започнавме скромно, но со квалитетот на нашите услуги изградивме репутација и денес опслужуваме пазари низ цела Европа и Балканот.


Какви видови транспорт и логистика нуди Вашата компанија и колкав е бројот на компании со кои соработувате?

Нашата компанија нуди патен, морски, авионски и железнички транспорт, со фокус на Европа и Балканот. Покриваме широк спектар индустрии, со портфолио од над 800 компании кои ни ја довериле својата логистика – доверба која нè прави горди и одговорни за секој утовар.

Наша силна страна е нашата структура: секој сектор е поддржан од професионален тим и посебен оперативен систем, што ни овозможува да се фокусираме на секој аспект на логистиката без да го оптоваруваме тимот со преголем број задачи.

Дополнително, нудиме LTL (транспорт на збирни пратки), FTL (транспорт со полн капацитет), контејнерски транспорт, продажба и изнајмување на контејнери, складирање стока, како и шпедитерски услуги и царина – сè на едно место.

Грижата за нашите транспортни партнери е една од нашите основни вредности. Секогаш се стремиме да го поедноставиме процесот на транспорт низ Европа и Балканот. Нашиот посебен оддел за поддршка на транспортните компании се грижи за сите детали, што ја олеснува нивната работа.

Годината 2024 ќе ја затвориме рекордно, со над 9.000 реализирани утовари и околу 190.000 тони транспортирана стока

Со какви капацитети располагате во поглед на складишта, возен парк и човечки ресурси?

Нашата компанија комбинира сопствени ресурси и стратешки партнерства за да обезбеди сеопфатни и флексибилни логистички решенија. Располагаме со сопствен возен парк, кој вклучува камиони-ладилници и церади, како и соработки со над 300 доверливи транспортни компании. Ова ни овозможува да покриваме извоз и увоз низ Балканот и Европа, со значителен број утовари во текот на целата година.

Во однос на складирањето, работиме со хабови во Полска, Словенија и во Италија, овозможувајќи конкурентни цени и побрза организација, особено на збирен транспорт. Нашите складишта нудат услови за чување различни видови стоки, обезбедувајќи целосна сигурност за клиентите.

Нашиот тим брои 50 професионалци, распоредени во канцелариите во Скопје, Драч и во Приштина. Тимот опфаќа агенти за транспорт, логистички специјалисти, финансии, продажба, техничка поддршка и маркетинг, со посветеност на навремена и квалитетна испорака на логистички услуги.

Со оваа структура и капацитети, нудиме решенија кои ги задоволуваат различните потреби на нашите клиенти во индустрии низ Европа и Балканот.

Планирате ли во наредниот период одредени инвестиции во проширување на капацитетите?

„БЕ-ДА Логистик“ активно инвестира во проширување на своите капацитети и услуги за да одговори на пазарните трендови и да ја зајакне својата конкурентност.

Веќе воведовме модерен софтвер за автоматизација на процесите, кој овозможува подобрено следење на пратките, полесна комуникација со клиентите и користење напредни технологии, вклучително и вештачка интелигенција. Овој уникатен софтвер ќе им овозможи на нашите партнери да управуваат со нарачките, да следат пратки во реално време и имаат брз пристап до информации.

Нашата нова платформа, Green Route, ќе биде официјално лансирана до крајот на јануари. Дополнително, обезбедивме штанд на најголемиот саем за транспорт и логистика во Минхен, Германија, каде што ќе се претставиме пред водечките транспортни компании во светот.

И, последната инвестиција што ја направивме е нов деловен објект во Скопје, создавајќи модерни простории и подобри услови за работа.

     

Компаниите се соочуваат со недостиг на работна сила. Го има ли Вашата компанија тој проблем и каде го гледате решението?

Како и многу други компании во нашата земја, и ние се соочуваме со предизвикот на недостиг на работна сила, особено со оглед на глобалните миграциски трендови. Според статистиката, многу млади и квалификувани лица се одлучуваат за работа во странство, што го намалува бројот на достапни таленти на домашниот пазар.

Сепак, нашата компанија активно работи на решавање на овој проблем преку нашиот сектор за човечки ресурси, кој се фокусира на привлекување силни и посветени индивидуи кои можат да придонесат за понатамошен раст и развој. Постојано се трудиме да обезбедиме развојни можности и добра работна атмосфера за нашите вработени, што е од клучно значење за нивното задржување и мотивација. Се обидуваме да ги одржиме мотивирани и активни преку учество на обуки, тим-билдинзи и бонуси за добри резултати.

Тимскиот дух и посветеноста се основни за нашата стратегија за раст, и тоа ни помага да се справуваме со оваа предизвикувачка ситуација.

Кои се главните предизвици со кои како компанија се соочувате на македонскиот и на регионалниот пазар и што треба да се направи за да се подобри состојбата со транспортот и логистиката во државава и регионот?

Нелегалната конкуренција и недекларирани или нелиценцирани транспортни и логистички компании создаваат нелојални услови за работа на пазарот. Овие компании неретко даваат нереално ниски цени, мотивирани од краткорочна заработка, без визија за долгорочен развој. Најчесто, по неколку години тие исчезнуваат од пазарот, оставајќи зад себе нарушен екосистем. Државата треба да ја зголеми контролата преку засилени инспекциски надзори за да обезбеди фер пазарни услови.

Покрај тоа, балканските земји се соочуваат со многубројни административни и инфраструктурни бариери кои негативно влијаат врз транспортниот сектор. Нестабилните регулативи и недостигот на соработка меѓу земјите кои се надвор од ЕУ создаваат значителни проблеми, како што се долги колони на граничните премини, зголемени административни трошоци, доцнења во транзитот и слично.

Сето ова директно влијае врз транспортните компании и компаниите што увезуваат или извезуваат стоки, доведувајќи до повисоки трошоци за транспорт што, на крајот, ги плаќа крајниот корисник.

Неопходна е подобра регионална координација, особено во однос на граничните премини, со цел да се намали времето на чекање и да се олесни движењето на стоките. Ова не само што ќе ги намали трошоците за транспорт, туку и ќе го поттикне економскиот раст во регионот.

Дополнително, транспортниот сектор бара поголемо внимание од државата. Потребни се иницијативи за стимулирање на младите да се вклучат во оваа индустрија, преку субвенции за обука и финансиска поддршка за вработување. Со ваков пристап може да се обезбеди континуитет и квалитет во транспортните услуги, како и развој на секторот на долг рок.

Како компанија која активно ги следи новите технологии и иновации, ние сме технолошки напредни и имаме капацитети за брзо усвојување на новите стандарди.

Колку е подготвена компанијата за ЕУ (ICS 2) и какво влијание имаат овие правила врз работењето на „БE-ДА Логистик“?

„БЕ-ДА Логистик“ е целосно подготвена за усогласување со новите ЕУ-прописи, вклучувајќи ги правилата на ICS 2 (Integrated Customs Declaration System). Како компанија која активно ги следи новите технологии и иновации, ние сме технолошки напредни и имаме капацитети за брзо усвојување на новите стандарди.

ICS 2 има големо влијание врз нашето работење бидејќи бара поголема транспарентност и претходно пријавување на податоци за стоките. Со користење напредни системи и автоматизирани процеси, ние обезбедуваме точност и брзина во царинските процедури.

Ние ја поддржуваме оваа промена бидејќи гледаме на ICS 2 како на можност за понатамошно оптимизирање на нашите логистички процеси и подобрување на безбедноста и ефикасноста на нашата работа. Нашиот тим е подготвен да се адаптира на новите правила и со нашата технолошка инфраструктура обезбедуваме непречено функционирање во согласност со сите нови барања.

Какви технолошки и софтверски решенија применувате во работата на Вашата компанија?

Пред четири години ние се фокусиравме на развој на сопствен софтвер, кој редовно го надградуваме секоја година. Преку практика и искуство, знаеме кои функции недостигаат или треба да бидат подобро оптимизирани. Овој софтвер ни овозможува подобри прегледи во процесот на работата, како и многу побрза организација и пристап до сè што ни е потребно за непречена работа.

Имплементиравме и платформа за менаџирање со проекти во нашето работење, што ни помага да ги споделуваме и следиме секојдневните задачи на секој вработен. Ова е клучен дел од нашата стратегија за подобрување на ефикасноста и за да бидеме подобри во обезбедувањето услуги за нашите клиенти.

Дополнително, платформата Green Route, која ја развиваме и која наскоро ќе ја донесеме на пазарот, претставува сосема ново оперативно решение кое ќе ја подобри нашата работа и ќе понуди иновативни алатки за нашите партнери и клиенти.

Какви иницијативи презема Вашата компанија во делот на општествената одговорност и одржливо работење?

„БЕ-ДА Логистик“ е посветена на имплементација на највисоките стандарди на корпоративната социјална одговорност и постојано ги следи новите регулативи во оваа област. Ние сме свесни за важноста на сертифицирањето како CSRD и други значајни сертификати, кои ќе бидат клучни за нашата иднина и ќе бидат имплементирани наскоро, како дел од нашата стратегија за континуиран развој и усогласување со највисоките етички стандарди.

Наша цел е да изградиме доверливи и одговорни односи со сите наши партнери и да придонесеме во локалните заедници преку хуманитарни и донаторски активности. Веруваме дека одржливото работење не е само дел од нашата корпоративна стратегија, туку и одговорност која треба да ја носиме во сите сегменти на нашиот бизнис.

На крајот сме од 2024 година. Какви резултати оствари Вашата компанија во овој период и кои се Вашите планови за следната година?

И оваа година, како и претходните, можеме да се пофалиме со позитивни резултати. Годината 2024 ќе ја затвориме рекордно, со над 9.000 реализирани утовари и околу 190.000 тони транспортирана стока. Овој успех е резултат на посветеноста и професионализмот на нашиот мотивиран и добро обучен тим, кој секогаш работи коректно со нашите партнери и клиенти.

Нашите идни планови вклучуваат проширување во регионот преку отворање нови канцеларии, како и воведување дополнителни услуги за нашите транспортни партнери и ќе имаат можност „БЕ-ДА Логистик“ да им биде партнер кој ќе ги исполнува сите нивни барања и поддршка за шоферите кога се на пат низ Европа и Балканот, што ќе им овозможи уште поголема поддршка и удобност на нашите клиенти.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...