Со Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од Министерството за економија се зголемува инсталираната моќност на постројката за производство, Министерството ќе субвенционира до 30%, а се очекува и скратување на временскиот период за инсталација на фотоволтаици.
Приреди: Алма Растодер, alma@instore.mk
Македонија има од 1.400 до 2.000 сончеви часови и зависно во кој регион, средната вредност се пресметува околу 1.750-1.850 сончеви часови годишно. Факт е дека енергијата од сонцето е бесплатна, а Македонија, како земја на сонцето, е на многу поволна географска локација со многу голема инсолација. Енергијата (моќноста) од сонцето измерена на хоризонтална површина на локација на Македонија изнесува околу 1 кW/m2.
Од друга страна, технологијата за производство на фотоволтаични панели постојано се унапредува, производството и ефикасноста на панелите се зголемуваат, а цените се намалуваат во споредба со години наназад.
Според Илија Насов, претседател на Асоцијацијата за соларна енергија, битни се два фактори за искористување на сончевата енергија, а тоа се добрите климатски услови и можностите кои државата ги нуди за нивно искористување. Според него, Европската комисија веќе го има донесено најригорозниот план REPowerEU со кој се поставува цел за поголемо зголемување на соларната енергија и тоа за два до три пати. Oбврзувачката заложба на ЕУ за обезбедување на обновливата енергија e 45% од целокупното снабдување со енергија до 2030 година (за разлика од претходната цел од 40%) и нова заложба за соларна енергија. Со ова, соларната енергија станува „крал на енергијата“. Од друга страна, според него, со новиот Правилник за обновливи извори на енергија Македонија им нуди на граѓаните и на бизнисите подобри услови за производство на енергија од сонцето. Се зголемува можноста за поголемо производство, а вишокот струја може да се продаде.
Со Правилникот за обновливи извори на енергија донесен од страна на Министерството за економија, согласно Законот за енергетика во 2019 година се воведуваат производителите-потрошувачи како нови учесници на пазарот. Согласно Правилникот, потрошувач-производител е домаќинство, мал потрошувач, буџетски корисник кој може да изгради постројка за производство на електрична енергија од обновлив извор на енергија, при што произведената електрична енергија ја користи за сопствена потрошувачка, а вишокот го предава во електродистрибутивната мрежа.
Со измените се овозможува потрошувач-производител да постави производна постројка со поголема инсталирана моќност за целосно да ја задоволи својата потрошувачка и воедно да пласира поголемо количество во мрежата, со што за одредени категории субјекти целиот концепт станува поатрактивен. Па така, наместо досегашните 4kW, инсталираната моќност на постројката за производство не треба да биде поголема од 6kW. И наместо досегашните 20kW, се предлага инсталираната моќност на постројката за производство да не е поголема од 40kW, за мал потрошувач, буџетски корисник и единка корисник.
Воедно, Министерството за економија ја донесе Програмата за промоција на обновливи извори на домаќинствата за 2022 година. Средствата за реализација на оваа програма се во износ од 60.000.000 денари и ќе се користат за надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија. Државата ќе субвенционира до 30%, но не повеќе од 62.000 денари по домаќинство за 2022 година. Согласно тоа, Министерството за економија во наредниот период ќе распише јавен оглас за аплицирање. Воедно, Министерството за економија предложи до Министерството за транспорт и врски да се направат измени во Законот за градење, односно да се избрише одредбата со која општината издава решение за поставување фотонапонски системи на покрив за потрошувачите-производители. Добивањето градежна дозвола од општините за инсталирање фотоволтаици досега беше еден од најголемите проблеми за граѓаните што одлучуваа да инвестираат во сопствено производство на електрична енергија. Тие што сакаат да инвестираат, наместо да бараат решение, ќе треба да направат проект и соодветен надзорен орган, кој пред сè ќе биде лиценциран од државата и кој веќе постои, ќе треба да даде само констатација дека фотоволтаикот е во ред и не прави никакви проблеми. На овој начин процедурата ќе трае многу пократко.
Стопанска комора на Северна Македонија
Кои се придобивките од инсталирањето фотоволтаици од страна на компаниите? За колку време може да се врати инвестицијата?
Во услови на скапа струја и на неизвесност на цената, фотоволтаиците може да придонесат за обезбедување дел од потребното количество електрична енергија на две основи – кога компаниите сами ќе инвестираат за сопствени потреби или преку инвестирање во производство за други потрошувачи. Но, и во едниот и во другиот случај мора да се почитува постапката за реализирање на инвестицијата, која бара одреден период и определени финансиски средства како влог. Постои зголемен интерес од компаниите и од инвеститорите за вложување во изградба на фотоволтаични електрани. Повратот на инвестицијата за фотоволтаична електрана во овие услови е многу прифатлив за компаниите, што се отсликува преку интересот за инвестирање во нив.
Кои се најчестите проблеми при инсталирањето фотоволтаици со кои може да се соочи една компанија? Кои се најчестите причини за застој во процесот кои институциите можат лесно да ги решат?
Во случај кога се произведува на покрив за сопствени потреби, компаниите треба да имаат предвид дека постојат шест чекори што треба да се изодат:
Во случај кога се произведува електрична енергија за продажба од фотоволтаици поставени на земја, треба да се затворат четири прашања:
Имајќи ги предвид двете опции, секој стопанственик што сака да инвестира за сопствени потреби треба да го направи тоа, но да ги има предвид чекорите што мора да ги спроведе и тоа дека таа инвестиција не се прави преку ноќ, туку дека е потребен одреден временски период. А секој што сака да инвестира во производство за продажба на струја треба да ги има предвид сите 4 прашања образложени погоре.
Дали е доволна инсталација само на фотоволтаици за да се произведе доволно енергија за потребите на производствените компании? Што може да се направи дополнително за да се задоволат потребите? И, обратно, што доколку се произведе вишок енергија? Дали освен продажба, може да се искористи на поинаков начин?
Инвестирањето во изградба на фотоволтаици за сопствени потреби значи намалување на трошоците за енергија на компаниите, но тоа не значи решавање на проблемот со високите цени на електрична енергија. Значајно е дека интересот за вложување во фотоволтаични електрани во следните години може да создаде вишок струја во одредени периоди од денот и од годината, што доведува до намалување на цената на струјата и до промена на планот за враќање на инвестицијата.
За надминување на ваквата состојба, потребно е инвестирање во големи енергетски капацитети, кои би го зголемиле домашното производство, а тоа би предизвикало намалување на увозот на електрична енергија, што би влијаело врз домашниот пазар на електрична енергија.
Жарко Качаков, директор на секторот за развој и за инвестиции во „Витаминка“
Како се одлучивте за оваа инвестиција, дали искористивте финансиска поддршка од институции?
Можноста за инвестирање во фотоволтаични системи за сопствено производство на електрична енергија ја разгледуваме одамна, уште пред 8-9 години, но тогаш анализата за поврат на инвестицијата не беше поволна бидејќи цената на тие системи беше околу 90% повисока од денешната, а и цената на електричната енергија беше над 10 пати пониска од денешната пазарна цена. Кога пред 4 години почна трендот на пад на цените на фотоволтаичните системи, а истовремено почна да расте цената на електричната енергија на слободниот пазар, инвестирањето во тоа стана попримамливо. Во тој период, во 2018 година, претпазливо влеговме во нашата прва инвестиција во оваа област и ја пуштивме во работа првата централа за сопствено производство на електрична енергија, која комплетно ја искористуваме за наши потреби, со инсталирана моќност од 184 kW. Повратот на оваа инвестиција, според тогашните цени на пазарот, беше проектиран на 6-7 години, што веќе имаше добра економска логика. Тој процес на инвестирање не е сопрен до денес. До овој момент имаме инвестирано во оваа област околу 870.000 евра, а по разни основи од државата имаме добиено финансиска поддршка за околу 10% од оваа сума.
Како се одвиваше процесот за инсталирање на фотоволтаиците (со кои тешкотии се соочивте и како ги решивте)?
Влегувањето во инвестирање во нешто ново секогаш е проследено со многу прашања и сомнежи. Процесот почнува со проектирање, анализа на исплатливост, аплицирање за согласност до Општината за инсталирање на централата на сопствен покрив, договарање изведувач на работите, добивање согласности од ЕВН, МЕПСО, МЕМО, и добивање Лиценца за производител на електрична енергија од Регулаторната комисија за енергетика и на крај пуштање во работа на централата и потпишување договори со овластен снабдувач на електрична енергија за откуп на енергијата на слободниот пазар. Сите овие процедури траат неколку месеци и во заеднички интерес е да се работи на зголемување на ефикасноста во работењето на сите споменати институции.
Кои се досегашните придобивки од инсталирањето, за колку проценти е намалено користењето на енергија од други извори за сметка на сопственото производство на енергија?
Ако ја земеме предвид и последната наша инвестиција, која е при крај со реализација, имаме инсталирано сопствено производство на електрична енергија од фотоволтаици со моќност од 1,5 MW. Ова покрива некаде 20% од нашата потрошувачка. Веќе имаме проектирано и чекаме согласност од Општината за уште дополнителни 700 kW, со што до крајот на оваа година би требало да достигнеме до 2,2 MW, со што би покривале околу 30% од нашите потреби.
Според вашите пресметки, за колку време очекувате поврат на инвестицијата?
Според денешните цени на електричната енергија на слободниот пазар, каде што и ние сме учесници, повратот на инвестираните средства во производство на електрична енергија од фотоволтаици е околу 2 години.
Искористеноста на сонцето во бројки
Во 2020 година обновливите извори учествувале во вкупните потреби од енергија со 349 ktое, од кои 217 ktoe биомаса, 109,8 ktое биле обезбедени од хидроелектрани, 10 ktoe од ветерна енергија, 2 ktoe од соларни електрани, 5,1 ktoe oд електрани на биогас. Учеството на обновливите извори во финалната енергија изнесувало 18,5%, а во вкупните потреби од енергија 13,5%. Учеството на обновливите извори, во финална потрошувачка на енергија во 2021 година е проценето на околу 18,4%, додека учеството во вкупните потреби од енергија е проценето на 13,4%. Има зголемување на учеството во споредба со 2020 година затоа што има поголема потрошувачка на биомаса и поголемо производство од хидроелектраните. Вкупните потреби во 2021 година се проценети на 369,7 ktoe од кои 3 ktoe од соларна енергија за производство на електрична енергија.
Според Државниот завод за статистика, вкупното бруто-производство на енергија во мај 2022 година е 412.169 MWh, од нив производството од соларни електрични централи е 3,135 MWh.
Според Агенцијата за енергетика, употребата на соларната енергија во Македонија е ограничена на многу мал број системи за загревање вода.
Според енергетскиот биланс, учеството на енергија произведена од сончева енергија, во вкупната потрошувачка на енергија изнесува 7,4 GWh, односно 0,04%.
Во РС Македонија постојат околу 16.000 м2 инсталирана вкупна сончева површина за греење вода. Сончевите колектори се користат во резиденционалниот сектор, хотели, кампови, домови и сл.
Заклучно април 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика има издадено 36 лиценци за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали со инсталиран капацитет од 12,7 MW.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.