Мартина Далиќ, поранешна потпретседателка на владата на Хрватска, е избрана да застане на чело на компанијата „Подравка“, јавија хрватските медиуми. Одлуката треба да биде потврдена денеска, на седница на Надзорниот одбор на „Подравка“.
Далиќ доаѓа на местото на доскорешниот извршен директор Марин Пуцар, кој почина по тешка болест на почетокот на јануари.
Далиќ е избор на државата која е сопственик на дел од акциите на „Подравка“, а веќе подолго време влијанието на државата е клучно при носењето стратешки одлуки околу работењето на компанијата. Најголем дел од акциите поседуваат различни хрватски пензиски фондови, но според законските одредби, тие не смеат меѓусебно да се координираат ниту директно да именуваат претставници кои се вработени во друштвата за управување со фондовите.
Именувањето на Далиќ ќе биде на една година, колку што трае мандатот на членовите на Управниот одбор. Во февруари 2022 година треба да следи потврда на полн петгодишен мандат.
Медиумите во Хрватска пишуваат дека локалните власти на Копривница, каде е лоцирана „Подравка“ имаа свои фаворити, фондовите имаа свој кандидат, но на крај очигледно „пресудил“ премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, кој поставил кандидат во кој има голема доверба.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.