Работење

Вали Марсзалек: Жената во време на пандемија

14 Jan 2021

За ефикасен одговор и заздравување од пандемијата на Ковид-19 и за постигнување на целите за одржлив развој, жените мора да имаат клучна улога при донесувањето на одлуките.

Автор: Вали Марсзалек, извршна директорка на мрежата „Глобал компакт“ – Хрватска, vali.marszalek@globalcompactcroatia.hr

Многу се пишува за негативните ефекти што кризата со Ковид-19 ги имаше и ги има и понатаму на различни аспекти од општеството и економијата, секојдневниот живот и бизнисот. Сепак, како и во случаите со претходните епидемии, пандемии, здравствени кризи... ниту сега не наоѓаме посериозни трудови на тема влијанието на глобалните кризи врз положбата на жените во општеството и во економијата.

Во повеќе од 29 милиони трудови објавени за време на епидемиите со вирусите зика и ебола, помалку од 1% го истражуваат влијанието на епидемиите врз рамноправноста на половите, односно влијанието што тие го имаат врз положбата на жената. Станува збор за огромно влијание и тие податоци сигурно би биле релевантни за превенција и спречување на проширувањето на болеста, а би го искристализирале и значењето на женското раководство во време на општествена и економска неизвесност, покрај веќе препознаената општествена зависност од жените, како носители на грижата за децата и за повозрасните.

Економските ефекти од оваа криза силно ги погодија и понатаму ги погодуваат жените, бидејќи поголемиот дел од нив работат на послабо платени и несигурни работни места, а во просек се платени за 16% помалку од мажите.

Кризата со Ковид-19 внесе значајни промени во нашите секојдневни животи. Поради затворањето на училиштата и на градинките, родителите беа соочени со предизвикот на усогласување на работните со обврските кон децата, што најмногу ги погоди токму жените, односно – мајките. Според податоците на УНЕСКО, повеќе од 85 земји ги затворија училиштата на целата територија, што влијаеше врз повеќе од 776,7 милиони деца и млади. Тоа дополнително ги преоптовари жените, кои и претходно извршуваа повеќе домашни работи во споредба со мажите.

Економските ефекти од оваа криза силно ги погодија и понатаму ги погодуваат жените, бидејќи поголемиот дел од нив работат на послабо платени и несигурни работни места, а во просек се платени за 16% помалку од мажите. Тоа ги прави поизложени на загуба на работното место и чувствителност кон економскиот пад. Во поголемиот дел од земјите жените во значително поголем број се здравствени работнички, кои беа на првата линија во борбата против вирусот, со што беа повеќе изложени на зараза во текот на грижата за пациентите. На глобално ниво, жените сочинуваат 70% од вработените во здравствениот и во социјалниот сектор, додека во услужната индустрија се 55,8%. Во групата на седумте најразвиени земји во светот (Г7) жените во просек сочинуваат 88% од оваа работна сила. Многу клучни работни места, на пример, продавачи и хигиеничарки, непропорционално повеќе ги извршуваат жени. Тие работни места најчесто се послабо платени, а воедно се и најважните во време на здравствени кризи.

Услужните работници не се во можност да работат на далечина и мора да бараат дополнителна помош за грижа за децата или за повозрасните членови од семејството. Честопати немаат пристап до сеопфатна здравствена заштита, која вклучува и психолошка помош, платено отсуство за грижа за болните членови од семејството и други погодности, што е особено важно за време на пандемија. Компаниите овде имаат огромна улога – нивна обврска е да им овозможат поддршка на вработените, грижејќи се за здравјето и за благосостојбата на сите работници, а особено за жените.

Компаниите што веќе ја применуваат семејната политика на работното место и практикуваат пофлексибилни ангажмани за вработените родители имаат подобра стартна позиција во текот на актуелните предизвици.

Голем број компании за време на кризата воведоа флексибилни форми на работа, трансформирајќи се во поинклузивни организации, со работни места ориентирани кон семејството. На тој начин покажаа дека овие форми на работа можат да се спроведат и дека токму тоа нè чека во иднина. Некои компании и пред кризата покажаа креативни и иновативни начини на рушење на стереотипите преку маркетинг и огласување, поттикнувајќи ја на тој начин промената на традиционалниот наратив и укажувајќи на потребата од поделена одговорност меѓу мажите и жените. Поделена одговорност во бизнис-лидерството и донесувањето на одлуките, но и во домашните обврски и грижата за децата.

Верувам дека ќе се појавуваат сè повеќе флексибилни работни ангажмани, кои на крајот можат да поттикнат рамноправна распределеност на одговорноста и грижата за децата и повозрасните меѓу жените и мажите, односно дополнително силно да ги поддржат самохраните и родителите на децата со попреченост. Повторно, ова во поголем број се однесува токму на жените, односно на мајките.

Компаниите што веќе ја применуваат семејната политика на работното место и практикуваат пофлексибилни ангажмани за вработените родители имаат подобра стартна позиција во текот на актуелните предизвици. Со свесен труд за создавање инклузивна култура, атмосфера во која луѓето ќе се чувствуваат поддржани, повикани слободно да зборуваат и да разменуваат мисли и идеи, организациите ќе можат да се приспособуваат и да иновираат. А, способноста за приспособување денес, кога компаниите освен со моменталната криза се соочуваат и со други предизвици што силно влијаат врз економијата и иднината на бизнисот (демографски фактори, развој на технологијата и климатски промени), е поважна од кога било. За да ја зачуваат конкурентноста, корпоративните стратегии за одржливост мора да ги земат предвид сите овие предизвици и да ги прогнозираат идните мегатрендови.

Компаниите би требало да позиционираат минимум 30% жени на највисоките позиции во управните и во надзорните одбори, а во време на кризи би требало да ги вклучат во работните групи и тимови за реагирање во вонредни услови.

Поради тоа, од пресудна важност е жените да се најдат на одлучувачката маса. Истражувањата покажуваат дека тимовите што имаат родов баланс донесуваат подобри и поодговорни одлуки. Оваа пандемија преку неколку примери ни ја покажа силата на женското раководство на државно ниво. Зошто тоа да не важи и за бизнис-светот? Според истражувањата, поголемата вклученост на жените во лидерството води кон подобри бизнис-одлуки и резултати, односно до подобар севкупен корпоративен ефект. Компаниите би требало да позиционираат минимум 30% жени на највисоките позиции во управните и во надзорните одбори, а во време на кризи би требало да ги вклучат во работните групи и тимови за реагирање во вонредни услови. На тој начин жените ќе учествуваат во сите процеси на планирање и донесување одлуки во врска со одговорите на кризата.

За ефикасен одговор и заздравување од пандемијата со Ковид-19 и за постигнување на целите за одржлив развој, жените мора да имаат клучна улога при донесувањето на одлуките. Оваа криза бара раководство, солидарност, транспарентност, доверба и соработка меѓу сите чинители во општеството. Мора да ги искористиме потенцијалите, кои се придушени од недоволната застапеност на женскиот глас. Пред појавата на Ковид-19 се проценуваше дека ќе ни бидат потребни повеќе од 250 години, или 10 генерации, за да се постигне економската еднаквост меѓу жените и мажите. Можеме ли толку да чекаме?

Како поттик за големи значајни промени и зголемување на застапеноста на жените во бизнисот, особено на водечки позиции, „Глобал компакт“ на Обединетите нации ја спроведува акцелераторска програма „Target Gender Equality“, која ќе им помогне на компаниите да создадат поинклузивни работни места, да ги рушат пречките на рамноправноста и да ги постигнат амбициозните корпоративни цели.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...