Клучните луѓе се на клучни позиции. Нивната одговорност е поголема. Нивното влијание е посилно. Да, и нивните бенефиции се поголеми. И така имаме клучни и неклучни и сите живеат среќно и хармонично, не можат едни без други, а фирмата не може ни без едните ни без другите. Нема проблеми... Крај. Сепак, има....
Пишува: Ениса Селмановиќ - Салкиќ, основач и извршна директорка на „Консултор“, www.consultor.ba
Нема работа без луѓе. Луѓето се најголема вредност. Луѓето се најважниот ресурс. Нема фирма без луѓе. Нема успех без луѓе. И така натаму, и така натаму. Луѓето се најважни. Го знаеме сето тоа од претходно. Сепак, не придонесуваат сите еднакво. Немаат сите еднакви улоги. Ни еднакво влијание на успех или неуспех. Немаат сите ни иста одговорност. Затоа некои луѓе ги нарекуваме клучни луѓе. А некои, не ги нарекуваме.
Клучните луѓе се на клучни позиции. Нивната одговорност е поголема. Нивното влијание е посилно. Да, и нивните бенефиции се поголеми. И така имаме клучни и неклучни и сите живеат среќно и хармонично, не можат едни без други, а фирмата не може ни без едните ни без другите. Нема проблеми... Крај. Сепак, има....
Што ако некои од овие клучни луѓе одлучат дека сето тоа не е доволно. Ни таа одговорност, ни тие бенефиции, ни тоа место во хиерархијата. Па ќе си замине некаде. А вие ќе останете со отворена уста и сериозно десеткувани. Настрана емотивната штета (предавник, како се осмелува), а имате и поголема штета – негативен ефект врз работата. Иако во првиот момент емотивната штета се чини како пропаст од која нема да оздравите, сепак, тоа е само ваше субјективно доживување. Штетата за работата е многу поголема.
Што да се направи за да се спречи штетата? И емотивната и материјалната. Па, подгответе резервна клупа и по можност тоа да не го претставите како да е нешто лошо. Бидејќи не е. Што може да биде лошо во фактот дека тој што е клучен и оптоварен со одговорност пренесе дел од својот товар на уште некој. Што може да биде лошо во фактот дека некој што е потенцијален и сака да учи, научи нови работи од некој со големо искуство. Или дека овој клучен може, да кажеме, да отиде на годишен одмор без да му се вжари телефонот. Предностите се многу и за едниот и за другиот. Предност е и за бизнисот – ок, емотивната штета нема да се спречи, но оваа другата, сериозната, ќе се спречи. Бидејќи, кога овој клучниот ќе одлучи дека му е премногу и ќе си оди, тогаш тој од резервната клупа кој знае и научил може да влета и да работи без проблем. Така што, бизнисот не трпи, а вие имате време за оплакување на лошата судбина и да фрлате клетви врз домашните предавници.
Сега можеме да преминеме на клучниот дел – како да направите резервна клупа што не е резервна клупа.
Прво, направете список со клучните луѓе и клучните работни места. Без што не се може, каде не смее да се застане, каде ќе биде тешко или невозможно да се најде замена на пазарот. Е, тоа се „клучните“.
Второ, направете список со потенцијалните таленти што ги имате во организацијата, а кои би можеле да им бидат замена на тие, клучните. Не мора да биде тоа затоа што ќе си заминат, туку можеби ќе напредуваат, па да има кој да ги замени на старата позиција. Кои се талентите? – па, тие што се најдобри. Најголем придонес, инвентивност, оние што ја тресат земјата кога одат. Оние што сакаат, знаат и можат. Тоа се таленти. И не, ни ве се сите таленти – погледнете малку подобро.
Трето, зборувајте и со едните и со другите. И со клучните и со талентите. Кажете им ги сите планови и за едните и за другите. За тоа како ќе се реализираат тие планови. И за тоа што тие мислат. Транспарентната комуникација е мајка на успехот. Подобро сите веднаш да знаат сѐ и да одлучат дали ќе прифатат или не.
Четврто, ставете на лист кои се клучните знаења и вештини потребни за тоа клучно работно место. Или што би рекле старите жени – компетенции. Потоа измерете на кое ниво на компетенции е овој наш талент кој допрва треба да се претвори во клучен лебед. Кога тоа ќе го спознаете и ќе се освестите, тогаш направете план како патчето да стане лебед и кој ќе го научи на тоа. И за колку време. И како ќе знаеме дали сме успеале.
Петто, реализирајте го планот. Редовно следете дали планот се остварува. Понудете ја својата помош и помогнете ако е потребно. Набљудувајте како се чувствуваат и што мислат. Дали се задоволни со напредокот. Има ли некои нови моменти. Интензивно комуницирајте.
И на крај, планот е успешно реализиран, имате два лебеди и штетата за бизнисот е спречена. Емотивната штета не може да се спречи, ама тоа е жртва што треба да ја поднесете. Или можеби дури и да се научите да ги раздвоите бизнисот и суетата. Но, тоа е тема за другпат.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.