Продажба

Емир Ганибеговиќ: Чук, чук... има ли некој внатре!?

15 мар 2023

Кога искрено ќе си го поставиме прашањето: На што да го посветиме нашето (ограничено) време во животот за да оствариме најголем успех?

Автор: Емир Ганибеговиќ, emirgany@gmail.com

Драги мои,

како сте?

Постигнувате ли? Дали навреме одговарате на повиците и на е-пораките? Се борите ли (успешно) со секојдневните приватни обврски? Кога последен пат бевте на систематски здравствен преглед? Слушате ли секојдневно за зголемен број смртни случаи од различни болести, па уште потешко се одлучувате за детален преглед на „сопствената машина“... Зошто не се цените себеси? Се надевате ли дека без оглед на тоа што сме несериозни за себе, сепак нешто нема да нè стрефи...

Фала богу, здрави и живи сме – таа премиса ја земаме здраво за готово... Одиме понатаму. Колку во таа пеколна и реална динамика на времето имате вистински време за себе? Сигурно го наоѓате, барем за викенд. Но, како да го потрошите и да бидете среќни, а не само да дремете пред телевизорот или да одите на скапи планинарења... Нашиот мизерен и беден систем на вредности одамна е паднат и како последни робови во логорот се (само)изгладнуваме со апатијата на денешната бесмисла. Истовремено, гледаме како нашите „водачи“, тој џган кој е полош од најстрашниот непријател што можевме да го замислиме во нашите (вредни) животи, ни го ограбува тоа малку што ни остана – правото на достоинство да живееме како нормални луѓе во 21 век!

Нè истоштуваат бескрајно со сопствените спинови и ни сервираат коски кои (сè уште) ги гриземе, сè додека не ни ја исцицаат последната капка крв... Нè убија одамна – ни останува само да станеме зомбија и да застанеме во одбрана на револуцијата?! Но, изгледа ни тука немаме „критична маса“, а ниту најважното – организација и знаење! Никогаш не смееме да се помириме со ситуацијата и (ако ништо друго) барем гласно да критикуваме... и да бидеме подготвени! Фраза, но вистинита. Суштината е дека живееме во еден нарушен вредносен систем, кој не го цени тоа што сме, не го цени нашето сопствено знаење. За тоа сме одговорни и ние самите.

Ако знаеш – ќе имаш резултат, ако не знаеш – фала, пријатно. И тој критериум е најчесен. Но, и тука постои замка!

Знаењето е (без)вредно

Дефинитивно, денес знаењето стана безвредно! За тоа сме свесни на секој чекор, во деловната средина, на улица, на кое било јавно место, во сопствениот дом (кога мора да гледаме нешто на локалните ТВ-канали). Нашето опкружување е потонато во океан од незнаење, кој ни се заканува дека ќе нè разнесе како цунами. Водата навлегува од сите страни, а ние се повлекуваме во себе, исплашени за сопствената егзистенција, семејството, кредитите, режиските трошоци, месечната потрошувачка кошница, инфлацијата, војните... Нам одамна водата ни е до грло.

Проблемот лесно може да се препознае, но сè потешко е да се реши. Сите сè знаат, а таквите луѓе се како темпирана бомба, секако, ако не ги знаете доволно долго за да бидете сведок на нивното знаење.

Сите се експерти во сите сегменти: составуваме тимови за спортски екипи, возиме како професионални возачи на формула, дискутираме за светската политика, за нападот на Русија на Украина, за Бог или Дарвин... Сите сме подвижни енциклопедии на човечкото знаење, што ќе ни е „Википедија“? Губитниците веднаш ги препознаваме – тоа сме самите ние. Но, знаете ли кој е најголемиот добитник? Секако, тоа се нашите политичари! Секојдневно нè затрупуваат со глупости и уште повеќе го издигнуваат нивото на цунамито. А, ние? Дали можеме да кажеме дека не знаеме што прават? Не! Аргументирано знаеме, но тоа што го знаеме е последица од нашето колективно незнаење и од нашиот „википедија вирус“.

Да се вратиме на сегментот на нашата реална продажба бидејќи тука имаме (позитивни) исклучоци. Тоа се нашите продажни планови, бројки, акции, активации и резултати. Ако немаш резултат, нема простор за приказни од типот јас го знам тоа. Особено бидејќи на поголемиот дел од продажните индустрии зад грб им стои странски сопственик/работодавец. Ако знаеш – ќе имаш резултат, ако не знаеш – фала, пријатно. И тој критериум е најчесен. Но, и тука постои замка!

При хроничен недостиг на време, желни побрзо да го научиме тоа што ни треба, често прифаќаме знаења и мислења од други луѓе во кои имаме доверба (без проверка). Тоа е непретпазливо и површно учење. Неопходно е да се обидеме да провериме различни сознанија и да ги направиме свои сопствени.

Луѓето со знаење седат и молчат, а тие со незнаење стојат гордо и ни држат предавања.

Како да го препознаеме вистинското знаење

Мора да бидеме способни да го препознаеме вистинското знаење кај некоја друга личност. Таа личност вреди многу, а кога ќе запознам некој таков, настојувам што повеќе да му се „залепам“ и да добијам дел од тоа знаење. Тој синдром може едноставно да се опише со анегдотата за тоа како Макс Планк, откако ја освоил Нобеловата награда за физика, патувал низ Германија и го држел истото, стандардно предавање за новата квантна механика. Со текот на времето неговиот возач го запаметил предавањето и му рекол: Професоре, дали ќе ми дозволите, бидејќи многу ми е здодевно во целата рутина, но и да видите колку сум научил од вас, да го одржам предавањето во Минхен, а вие да седите и да глумите дека сте мојот возач? Би можело да биде интересно! Професорот Планк одговорил: Зошто да не, сигурно ќе биде интересно. Возачот го одржал стандардното предавање, но од локален професор по физика добил едно многу комплексно и суштинско прашање. На тоа, возачот одговорил: Многу сум изненаден што во ваков напреден град како Минхен слушам толку елементарно прашање! Тоа знае да го одговори и мојот возач, да го прашаме него.

Во тоа се состои и проблемот на денешнината – луѓето со знаење седат и молчат, а тие со незнаење стојат гордо и ни држат предавања.

Разликата меѓу луѓето што си ја работат работата и се занимаваат со сопственото знаење и луѓето што константно го повторуваат своето плитко (не)знаење е огромна. Кога вредно работите, со текот на времето ќе можете сериозно да одговорите на сите важни и комплексни прашања. На економскиот факултет бев опкружен со луѓе кои на сите испитни прашања одговараа без проблеми, им завидував како сè научиле напамет и добиваат 10-ки. Сепак, по студиите се случи чудна работа: многу од тие луѓе не можеа да го применат сопственото знаење на проблеми со кои не се соочиле дотогаш – тие не се прославија баш многу на бизнис-арената. Всушност, тие беа „возачите“ – само знаеја како да го запаметат одговорот. За некои работи и јас бев еден од нив. Сите ние сме „возачи“ во некои аспекти од животот.

Разбирањето на вашиот круг на компетенции е многу важно за квалитетен живот. На пример, ако имаме задача со доволен буџет на дадена локација да отвориме ресторан или аптека, веројатно поголемиот дел од нас би го организирале почетокот на работата. Од друга страна, можат ли поголемиот дел од нас да кажат оти го разбираат функционирањето на микроорганизмите, компјутерите или на нуклеарните електрани?

Еден од најбогатите луѓе во историјата – Ворен Бафет, вели дека не мора нужно да ги разбираме овие, за нас, непознати области. Многу поважно е искрено да го дефинираме тоа што го знаеме и да се држиме до тие области. Нашиот круг на знаење може да се прошири, но само полека и со текот на времето, со активно учење. Грешки секогаш се прават кога ќе излеземе од нашите нивоа на знаења и компетенции.

Мора да сфатиме кои се нашите сопствени способности! Ако играме игра во која другите имаат способност, а ние не – ќе изгубиме!

Сите знаеме сè за вакцините за ковид-19, зарем не? Едноставно, надвор од кругот на реалното знаење влегуваме во кругот на потенцијалниот проблем поради нашето незнаење. Треба искрено да си го поставиме прашањето: На што да го посветиме ограниченото време во животот за да оствариме најголем успех. Рецептот е едноставен: мора да сфатиме кои се нашите сопствени способности! Ако играме игра во која другите имаат способност, а ние не – ќе изгубиме! Мора да сфатиме до каде ни се ограничувањата во знаењето и секогаш да ја играме играта во сопствениот круг на компетенции.

Играј во сопствениот круг

Ако сакате да бидете најдобар тенисер на светот, може да се обидете и да се трудите, но набргу ќе дознаете дека тоа е безнадежно – сте задоцниле. Но, ако сакате да станете најдобар продавач (sales representative) во градот – тоа веројатно го можат повеќето од нас. Потребни се волја и работа. Потребна е и интелигенција. Постепено, по некое време, ќе знаете сè за работењето во градот и ќе го совладате продажниот занает. Тоа, со доволна дисциплина, е остварлива цел.

И тие што никогаш не успеале да освојат шаховски турнир или да играат на централниот терен на тенискиот турнир, може многу да успеат во животот. Потребно е полека, но постојано да го развиваат кругот на компетенции, во овој случај продажни. Тоа малку зависи од вродената умешност (талентот), повеќе зависи од она што дополнително се развива низ деловниот живот.

Едноставните отстапувања овде се јасни. Ако сакате да ги подобрите вашите шанси за успех во животот и во бизнисот, тогаш дефинирајте го опсегот на вашиот круг на компетенции и работете во него. Со текот на времето, работете на проширување на тој круг, но никогаш не залажувајте се за тоа каде сте денес и не плашете се да кажете: Не знам, но би сакал да научам... Никогаш не било полесно да лажете за тоа што го знаете: и себеси и другите! На тој начин штедиме енергија. Зошто да се трудиме да научиме нешто ако можеме да поминеме без учење? Зошто да го прочитаме целиот документ, кога може само да го преземеме резимето и да се извлечеме со тоа? На крај, нашата интелектуална мрзливост ќе ја платиме со „животниот трошок“. Колку повеќе си отежнуваме себеси залажувајќи се дека го знаеме тоа што не го знаеме, толку е потешко да ја откриеме разликата меѓу тоа што мислиме дека го знаеме и она што навистина го знаеме. На крај, самите ја плаќаме сметката! Постои рецепт за тоа како да го проверите неукиот или тој за кого се сомневате дека знае што зборува. Едноставно, го прашувате: Како да го направам тоа? А, кога некој ќе побара од нас објаснување за нашата работа, сфаќаме дека:

  • Не сме толку „паметни“ колку што сме мислеле. Во тој случај ќе го ревидираме нивото на знаење и ќе станеме поотворени кон гледната точка на другиот. Затоа во продажбата, како и во животот, многу е важно да знаеме што не знаеме и да се потрудиме да го научиме тоа, секако, во нашето ниво на компетенција.
  • Да ги увериме сите и да им покажеме дека навистина го знаеме тоа што се бара од нас.

И во двете опции, секогаш учете понатаму. Во првата опција подетално запознајте ја работата за која работодавецот ве плаќа (или самите се плаќате), а во втората опција учете за да го проширите нивото на компетенции (знаења).

Артуро Граф, познат италијански книжевник (1848 – 1913 година), напишал неколку врвни цитати што се многу применливи и денес. Со два од нив го завршуваме овој текст:

Човек останува вџашен кога ќе помисли колку е мала користа од вистината на овој свет.

Знаењето и разумот зборуваат, додека незнаењето и заблудата врескаат.

Останете со здравје!

Срдечно ваш,

Емир

Емир Ганибеговиќ по професија е дипломиран економист кој професионалната кариера ја гради во секторите за продажба на корпоративни брендови како Kraft, Varta, Jacobs и General Electric. Низ кариерата бил и на функцијата национален продажен менаџер за Boss, Max Factor и Gucci, како и за компаниите „Проктер & Гембл“ и „Марс“ (за регионот на БиХ, Македонија и Албанија). Од 2017 година во сопствената фирма „Про конс“ активно се занимава со консалтинг за продажба и успешен пласман на стоки и услуги на FMCG-пазарот. Живее и работи во Сараево.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...