Локално

Симе Станчески и Горан Цуцулески: Традиционални производи и за новите генерации

30 May 2020

Симе Станчески и Горан Цуцулески, сопственици на „Кривогаштани промет“

Разговараше: Алма Растодер, alma@instore.mk

„Кривогаштани промет“ ги пласира своите производи под брендот Gurmano, кои се продаваат во Македонија и се извезуваат во 23 земји во светот. Компанијата минатата година освои две признанија - „Претприемач на годината“ и „Македонски квалитет 2019“. Имавме повод, 30 години работење, но и многу теми за разговор со сопствениците  Симе Станчески ​ и Горан Цуцулески.

Работата на „Кривогаштани промет“ почнува пред 30 години. Која е тајната на работењето на компанијата? Со кои поголеми предизвици се соочивте во текот на работењето?

СС: Се самовработивме во 1990 година кога ја регистриравме нашата фирма „Кривогаштани промет“. Почнавме со малопродажба, а потоа дејноста ја проширивме и со нудење угостителски и сметководствени услуги. Од 1997 година почнавме и со откуп на земјоделско-градинарски производи, со главен акцент на пиперките. Откупот повеќе беше насочен кон пазарите од поранешна Југославија, но напоредно станувавме и главни доставувачи кај поголемиот број преработувачи во домашната конзервна индустрија.

Од 2010 година станавме и препознатлив пакинг-центар, а со тоа успеавме да пласираме свежи пиперки на многу европски пазари, како скандинавскиот, англискиот и словенечкиот пазар.

Бидејќи како фирма веруваме во постојан напредок и сериозна работна етика, следниот чекор во нашето работење дојде доста природно. Во 2013 година официјално станавме преработувачи на пиперки и производители на најделикатесните производи од пиперки. Денес, 7 години подоцна, нашите производи се присутни во повеќе од 20 држави низ светот.

Предизвици во работењето имало многу, и секогаш ќе ги има. Со нив се справуваме со пресметан ризик, евалуација на претходни искуства, непокорливи принципи за квалитет и силна верба во нашата работа.

Нашите производи се деликатеси и бројот на произведени тегли годишно (во различни големини) изнесува околу 2 милиони единици. Од нив повеќе од 90% се наменети за извоз, а останатиот дел се продаваат на домашниот пазар.

На почеток бевте фокусирани на извоз, но решивте да ги пласирате производите на домашниот пазар. Кои промени се направени во работењето и колку е инвестирано во производството во овој период?

СС: Бидејќи станува збор за традиционални македонски производи и вкусови, од самиот почеток имавме огромна желба да ги пласираме производите и дома. Притоа, целевме само кон врвен квалитет и задоволен купувач, а квантитетот не ни беше примарна цел.

Производите Gurmano беа веднаш препознаени и одобрени и од најпребирливите консументи на оваа храна, а во маркетите го зазедоа највисокото место на полиците како премиум производи. Фидбекот во Македонија е многу позитивен и потрошувачката се зголемува од година на година. Сето тоа нам ни дава позитивна енергија и желба да продолжиме да работиме уште посериозно.

Колку вработени има во „Кривогаштани промет“ и дали е тешко да се најдат работници?

ГЦ: Бројот на редовно вработени се движи околу 70. За време на сезоната на печење пиперки таа бројка се зголемува и двојно со сезонско ангажираните работници.

Понудата на сезонска работна сила постепено станува проблем, од година на година, но за редовно вработување засега немаме тешкотии. За секој вработен во „Кривогаштани промет“ ние се трудиме да обезбедиме најдобри можни работни услови, простор за напредок и солидна плата бидејќи сме свесни колку се важни тимската работа, почитта и мотивацијата за работа.

Кои се главните карактеристики на брендовите под капата на КП, по што се одвојуваат од другите во истата категорија присутни на пазарот?

ГЦ: Во овој момент брендот Gurmano зазема околу 20% од вкупното производство. Останатиот дел на производството е под брендовите на нашите купувачи од странство. Разлика во квалитетот на производите за различните брендови нема.  

На странските пазари примарни консументи се луѓето што потекнуваат од овие простори и лесно ги препознаваат домашните вкусови, но на наше големо задоволство, се покажува дека нашите производи ги купуваат и консументите што не се запознаени со балканската храна.

Дали новите производи прават компанијата да биде во тек со барањата на новите генерации потрошувачи? На кој начин стигнувате до помладите потрошувачи со оглед на тоа што во асортиманот на Gurmano има традиционални производи?

ГЦ: Во Македонија би рекле дека и не постои човек што не знае што е (квалитетен) ајвар, малиџано и лутеница. Тој аспект на запознавање на купувачите со производите воопшто не е проблематичен. Младите луѓе денес кај нас и во светот се социјално и еколошки освестени потрошувачи, а ние како фирма и како бренд ги практикуваме истите принципи.

Ги користиме најквалитетните, локални суровини, не додаваме штетни хемиски додатоци, пакуваме во стакло, вработените ги почитуваме и наградуваме, и наскоро планираме производството да функционира целосно на сончева енергија.

Младите луѓе денес, кај нас и во светот, се социјално и еколошки освестени потрошувачи, а ние како фирма и како бренд ги практикуваме истите принципи.

Дали се соочувате со проблем со суровините во поглед на количество, но и потребниот квалитет?

СС: Не, за среќа, не се соочуваме со такви проблеми. Со нашите кооперанти имаме долгогодишна успешна соработка и доверба и успеваме заеднички да се договориме и да ги оствариме нашите цели.

Колкаво количество суровини откупувате и колкаво е количеството на производи? Колкав процент од нив се наменети за макeдонскиот пазар, а колкав за извоз?

Во периодот кога бевме само откупувачи и доставувачи за домашната и странската индустрија количеството изнесуваше до 5 милиони килограми. Сега ние откупуваме околу 3 милиони килограми, од кои 2 милиони ги преработуваме, а 1 милион извезуваме како свежи пиперки.

Нашите производи се деликатеси и бројот на произведени тегли годишно (во различни големини) изнесува околу 2 милиони единици. Од нив повеќе од 90% се наменети за извоз, а останатиот дел се продаваат на домашниот пазар.

Со оглед на Вашето долгогодишно работно искуство во овој сектор, колку се сменети условите за работа во преработувачката индустрија во Мaкедонија?

ГЦ: МАП - Македонска асоцијација на преработувачи е асоцијација која многу солидно функционира. Постои коректност во односите меѓу членовите, постои консензус по многу прашања, заедно често настапуваме на светските саеми и секако меѓусебно соработуваме. Условите за работа се менуваат константно, но на подобро, а простор за развој секако дека има. Нам, како мала држава, ни е потребен извозот, а преработувачката индустрија има голем потенцијал во тој дел.

Можете ли да ни ја доловите сликата на FMCG-секторот во Македонија? Во поглед на трендовите, кој ги наметнува правилата на игра - трговците, производителите или потрошувачите?

СС: Потрошувачите се тие што се главна алка во синџирот. Синџирите маркети ги креираат правилата на игра, а улогата на дистрибутерите е клучна во посредувањето меѓу производителите и малопродажбата. Комбинацијата од посветен дистрибутер и добар маркетинг е полн погодок.

За наша среќа, ние го имаме „Кола“ како дистрибутер за Македонија и одлично соработуваме со „Кликер маркетинг“, компанијата со која заедно го креиравме и нашиот бренд Gurmano.

Какво е Вашето искуство во поглед на соработката со компаниите во странство? Колку е тешко македонски производител да ги задоволи нивните критериуми?

ГЦ: Нашите производи се продаваат во многу престижни синџири маркети во странство, но ние немаме директна соработка со нив. Наши купувачи во странство се увозниците, односно дистрибутерите, кои подоцна соработуваат со големите синџири маркети. Како и во повеќе области во работењето, така и во овој нашето размислување е секој нека биде професионалец во својата работа.

А како производители од држава што не е членка на ЕУ, секако дека има многу дополнителни чекори и услови што треба да ги исполниме. Меѓу другото, ние го имаме имплементирано и највисокиот стандард за безбедност на храна (IFS). Покрај тоа, нашите соработници и редовно доаѓаат во аудит кај нас во производство.

Нам, како мала држава, ни е потребен извозот, а преработувачката индустрија има голем потенцијал.

Гледано ретроспективно, колку македонскиот потрошувач ги следи трендовите и дали е подготвен да плати повеќе за омилените производи?

СС: На секој пазар има категорија купувачи кои си дозволуваат да платат повеќе за квалитетни и вкусни производи, па така и кај нас. Покрај квалитетот, наша цел беше да ги задоволиме и потребите што ни ги наметнува брзиот живот сега. Сакавме да понудиме опција за луѓето што немаат време или не сакаат да прават зимница, а притоа максимално да го приближиме квалитет и вкусот на домашните рецепти.

Како компанијата се справува со Ковид-19? Дали се планира приспособување на буџетите за огласување?

ГЦ: Како и целиот свет, ситуацијата со Ковид-19 нè изненади, но не нè затекна неподготвени. Нашата фирма ги презеде сите можни превентивни мерки за да го заштити здравјето на вработените, дури и пред тие да бидат задолжителни. Во периодот кога се очекуваше пандемијата да го достигне врвот, привремено го прекинавме производството.

Дали со прекинот на производството претрпевте загуби? Дали е почнато производството?

Прекинот на производството заедно со сите наметнати мерки од Владата резултира со одредени загуби. Ситуацијата во која се наоѓаме сите беше крајно непредвидлива и секој човек трпи некакви последици од неа. Ние сме свесни дека постојат многу бизниси и индивидуалци кои се далеку позасегнати од нас и пробуваме да останеме позитивни, трпеливи и да помогнеме каде што можеме. Сега веќе работењето е речиси стабилизирано и се надеваме на непрекинато и континуирано остварување на предвидените активности.

Што по пандемијата, кои се плановите на компанијата до крајот на 2020 година?

ГЦ: Ситуацијата е доста непредвидлива, така што сè што сега можеме да кажеме е дека ние ќе работиме по планот, а во меѓувреме ќе се приспособуваме на тековните случувања и препораки.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...