Анализи

„Македонија 2025“: Владата да донесе дополнителни економски мерки

02 Apr 2020

„Македонија 2025“ подготви анализа на економските мерки што ги донесоа европските земји, но дадоа и свои предлог-мерки соодветни за опоравување на македонската економија.

Какви економски мерки преземаа земјите членки на ЕУ?

Направена е анализа со краток опис на мерките кои ги преземаа некои земји на ЕУ заради справување со економската криза предизвикана од Ковид-19. Мерките може да се групираат во 9 групи. Иако податоците можеби не се комплетно целосни, засега најголем пакет на мерки за поддршка е донесен во Германија. Постојат варијации меѓу земјите во однос на тоа кон кои компании се насочени пакетите. Во некои земји фокусот е само на секторите кои најмногу ги погоди кризата (туризам, угостителство итн.), а во некои мерките се насочени кон сите компании/сектори кои имаат или ќе имаат загуби.

  1. Државни заеми или гаранции за кредити за компании:
  • Германија – 500 милијарди евра или 0,14% од БДП на државата
  • Франција 300 милијарди евра, 0,13% од БДП на државата
  • Велика Британија 354 милијарди евра 0,15% од БДП на државата
  • Шпанија 100 милијарди евра, 0,08%
  • Хрватска - Мораторуим на отплаќање на кредити од хрватската банка за поддршка на развој
  1. Субвенции на приход на работниците од погодените индустрии
  • Германија – 8 милијарди евра
  • Франција 30 милијарди евра
  • Италија – 500 евра по работник
  1. Одложување или субвенции на обврски за социјално осигурување
  • Хрватска - Одложување од три месеци со можност за +3. Мораториум на плаќање на давачки за плати до крај на 2020 г. (за најпогодените сектори, вклучително и спорт, култура и таксисти)
  1. Мерки за директна помош на земјоделството и сточарството
  • Хрватска - Откуп на вишок на сточарски и земјоделски производи и преработки; Набавка на семе од страна на државата
  1. Посебни мерки за поддршка на извозни претпријатија
  • Хрватска - Проширување на опфатот на гарантниот фонд за извоз, со вклучување на туризмот и на други сектори/компании кои даваат инпути и суровини за извозниците

Помошта за компаниите во ЕУ е всушност поголема, имајќи предвид дека мерки за поддршка донесоа и Европската комисија (ЕК) и Европската централна банка (ЕЦБ). Европската комисија планира да искористи 37 милијарди евра од своите фондови за да помогне во намалувањето на ефектите од вирусот во земјите членки на ЕУ. Исто така, ЕУ ќе гарантира за заеми и кредити на компании во вредност од 8 милијарди евра за да го поддржат корпоративниот сектор.

Опции за економска интервенција во Македонија

Сите мерки претставени погоре може во целост или до одреден степен да се применат и во случајот на Македонија, секако земајќи ги во обзир специфичните околности на македонското стопанство и население.

По одредени првични проценки пренесени во медиумите, Владата во Македонија најавува дека ќе треба да потроши околу 100 милиони евра за да ја санира штетата настаната од вирусот. Тоа е околу 0,9% од бруто домашниот производ (БДП) (износ на БДП од 2019 г.) и е многу помал износ од средствата кои ги вложуваат останатите земји од Европа за да полесно ја пребродат оваа криза.

Сметаме дека издвоениот износ на финансиската поддршка во првиот пакет на мерки е многу мал: со едноставни пресметки, ако просечен износ на кредитот е 16.500 евра, а вкупната поддршка е 5,7 милиони евра, тогаш значи дека издвоените средства може да опслужат околу 345 компании (во малку поразлична пресметка бројот на компании се искачува до 445 компании). Поддршката за платите треба да се дава од април, за март, а не со почеток на априлските плати (односно, од мај). Инаку, Владата има дефинирано одлични услови за користење на оваа мерка. Помошта треба да се прошири, во помал обем, на компаниите од категориите 2 и 3 (види подолу). Мерката за ослободување од аконтациите од данок на добивка е добра, но треба да се прошири и на други сектори (останатите две категории наведени подолу). Од друга страна, предложените намалувања за т.н. парафискални давачки треба да бидат поголеми.

 

Македонија2025 го поддржува воведувањето на прв сет мерки на Владата за поддршка на економијата. Сепак, сметаме дека помошта не е доволна и дека треба да следат и други пакети на мерки.

Македонија2025 ги дава следните предлози за дополнителни антикризни мерки:

  • Зголемување на износот предвиден за поддршка на економијата најмалку на 1,5% од БДП, односно околу 170 милиони евра;
  • Категоризација на секторите според претрпените или потенцијалните загуби: категорија 1 (најтешко повредени сектори, како на пример угостителство), категорија 2 (сектори со загуби над 50%) и категорија 3 (загуба од 30-50%), според податоци за март и април и споредба со минатата година. Потоа, мерките кои ќе се спроведуваат пропорционално да се применуваат за овие категории, согласно степенот на загуби.
  • Државата да се обврзе на многу брз поврат на ДДВ, да не ја попречува ликвидноста;
  • Тримесечно одложување на плаќањето на ДДВ за компаниите;
  • Целосно замрзнување на социјалните придонеси и персонален данок на платите на ниво на минимална плата +20%, барем во период од два месеци (почнувајќи веднаш);
  • Да се укинат дополнителни парафискални давачки, наместо сегашното предложено намалување на 2-3 такви давачки;
  • Намалување на платата на вработените во јавната администрација (одредени сектори кои немаат работа во овој период) за 20% (солидарност) и искористување на овие средства за пакетите на мерки за поддршка;
  • Мораториум на присилна наплата на побарувања во рок од 3 месеци, укинување на затезните камати по основ на доцнење со плаќање на комунални услуги за јавните претпријатија;
  • Замрзување на сите предвидени зголемувања на плати и надоместоци во Буџетот за 2020 г;
  • Замрзнување на реализација на непродуктивни и несуштински расходи во буџетот (вклучително и капитални расходи) за кои е потребен увоз;
  • Замрзнување на плаќање на рати за кредити во март и април за погодените компании/сектори (во договор со комерцијалните банки), и за граѓаните кои ќе изгубат работа или ќе примаат плата помала од 70% од платата во моментот кога земале кредит; 
  • Можност за одложено плаќање на јавни давачки при увоз (дополнителна категорија/листа на производи од оние за кои се укина плаќањето на царина) итн.
  • Поддршка на домашните компании кои произведуваат стратешки производи, да се поттикнат и поддржат набрзо да го зголемат производството (и да се гарантира откупот, во случај кризата да заврши побрзо од очекуваното);
  • Посебни мерки за поддршка на земјоделството, по примерот на Хрватска.

Секако, мошне важно е постојано да се следи кондицијата и ликвидноста на буџетот и да се наоѓаат извори на задолжување. Без задолжување не можеме да ја пребродиме економската криза, без огромни штети.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...