За трговците и производителите што бараат инспирација, игнорирањето на европскиот пазар не е опција.
Автор: Џон Рајт, раководител за малопродажна анализа, ИГД
И покрај тоа што многумина гледаат на исток кон Кина или на запад кон САД како инспирација за идеи за идниот развој на е-трговијата со прехранбени производи, европските трговци сѐ повеќе создаваат нови решенија. Нивните понуди се темелат на увидот и знаењата на поединци и на групи купувачи, создавајќи уникатни решенија што се разликуваат од глобалните идеи.
Велика Британија и Франција со најголем пораст
Следејќи ги прогнозите за неколку европски земји, предвидуваме континуирани можности за пораст на интернет-каналот во развиените пазари во Западна Европа. Анализите покажуваат дека пазарите на Велика Британија, Франција, Германија и на Шпанија ќе забележат најбрзорастечки развој на електронската трговија со прехранбени производи (табела).
Табела
Земја |
Големина на е-пазарот со прехранбени производи (во милијарди евра) |
Вредносен пораст (во милијарди евра) |
Вкупен пораст во проценти |
Сложена годишна стапка на пораст (CAGR) |
Удел на е-пазарот со прехранбени производи во проценти |
||
2018 година |
2023 година |
2018 година |
2023 година |
||||
В. Британија |
13 |
19,8 |
6,7 |
51,8 |
8,7 |
6 |
7,9 |
Франција |
10,4 |
15,4 |
5 |
48,1 |
8,2 |
4,5 |
6 |
Германија |
1,2 |
3,4 |
2,2 |
183,3 |
23,2 |
0,5 |
1,2 |
Шпанија |
0,8 |
1,8 |
1 |
127,8 |
17,9 |
0,7 |
1,4 |
Италија |
0,7 |
1,3 |
0,6 |
85,7 |
13,2 |
0,4 |
0,7 |
Извор: ИГД рисрч
Бариери за купување прехранбени производи преку интернет
Кога станува збор за британските купувачи, резултатите од истражувачката програма ShopperVista покажуваат дека поголемиот број испитаници тврдат дека никогаш не купуваат храна и прехранбени производи преку интернет затоа што повеќе сакаат самите да изберат свежи продукти. Исто така, постојат и значителен број потрошувачи што претпочитаат да купуваат во физички продавници, поради погодната локација и затоа што уживаат во искуството. Конечно, постојат и потрошувачи што го сакаат големиот избор што им го нудат продавниците.
Како трговците да ги надминат предизвиците?
При преобразбата на купувачите што сè уште се сомневаат во набавката на прехранбени производи преку интернет, трговците треба да се фокусираат на нивно убедување за придобивките од онлајн-купувањето. За да се надминат овие предизвици, трговците треба да се насочат кон три главни области:
1. Свежиот асортиман во центарот на вниманието
Со оглед на тоа што локалните компании сè повеќе се фокусираат на купувачите, трговците што ќе ги продаваат свежите производи од малите и средните производители преку интернет, како што тоа го прават и во физичките продавници, ќе бидат во голема предност.
Веќе пет години „Карфур“ – Белгија ги истакнува и ги продава локалните производи во хипермаркетите и супермаркетите. Трговецот соработува со 750 локални производители, кои во физичките продавници нудат повеќе од 11.000 производи, во зависност од сезоната. „Карфур“ одлучил да го отслика концептот „продавница во продавница“ и на интернет-каналот. За да им овозможи на купувачите да ги најдат локалните производи на интернет, трговецот додаде дополнително мени на својата веб-страница, кое ги прикажува производите што се достапни. Сите производи се одгледуваат во радиус од 40 километри од избраната физичка продавница. Купувачите можат да ги нарачаат производите и потоа да ги земат од физичката продавница или да им бидат доставени до домот.
„Амазон“ ја промовира својата заложба за квалитет и за свежина на производите, истакнувајќи – „производите се рачно избрани за вас“. Во меѓувреме, „Амазон“ – Франција го стартува концептот „продавница во продавница“ со „Ла бутик де продуктор“, каде што ги промовира деликатесите и свежите производи од локалните производители и доставувачи. Новиот концепт значи екстензија на свежиот асортиман со нови 2.000 производи, како и вклучување на малите и на средните производители во дигиталната економија.
2. Купувањето преку интернет како погодност
Во земјите со голема концентрација на продавници, купувањето преку интернет како дел од секојдневниот живот на купувачите се чини дека не е толку погодно. Од таа причина, малопродажните трговци треба да ги насочат своите напори кон зголемување на погодноста на интернет-каналот.
„Кооп“ – Данска создаде интернет-решение, слично на концептот „продавница во продавница“, кое ги задоволува потребите на купувачот. Асортиманот во е-продавниците се организира на начин кој ќе му помогне на потрошувачот лесно да најде повеќе производи од една област (на пример, вегански или без глутен). Прецизното означување и сегментацијата им помагаат на купувачите брзо и лесно да го најдат тоа што го бараат, ја зголемуваат можноста за дополнително трошење и ги инспирираат да купат повеќе отколку што планираат.
Уште една иновативна област се и оброците во кутии, кои се одлични за потрошувачите и истовремено им заштедуваат време. Шведскиот трговец „Линас Маткасе“ им нуди можност на претплатниците да додадат или да го отстранат месото од своите оброци, а за дополнителен надомест им овозможува да изберат повеќе органски состојки (минимум 70%) во оброкот.
Од аспект на реализацијата се појавуваат низа решенија, од кои се истакнува „Драјв пието“ (Drive Piéton), лансирано од неколку француски трговци. Услугата им овозможува на потрошувачите во урбаните средини да пазаруваат во хипермаркети, а потоа кога сакаат да ја преземат нарачката од место во близина на своите домови. За купувачите ова значи поевтини цени и поширок асортиман во споредба со купувањето во помалите продавници во соседството, додека за трговците, „Драјв пието“ значи заштеда поради испораката на една локација.
Други позитивни примери се „Франпри“, „Алберт Хеин“ и „Сеинсберис“, кои ги испорачуваат нарачките до домот на потрошувачите, дури и кога тие не се таму.
3. Поголем избор за поголема инспирација
Купувачите очекуваат е-продавниците да задоволат и повеќе од нивните потреби. Тоа подразбира трговците да ги прошират асортиманите со производи што ќе ги задоволат и најпребирливите и специфични вкусови, да обезбедат повеќе нови и возбудливи производи, да додаваат непрехранбени производи, да создаваат повеќе алтернативи...
Претходно споменатиот „Драјв пието“ го проширува изборот на асортиманот што им е достапен на купувачите во центрите на урбаните француски средини. Од друга страна, „Окадо“ го проширува асортиманот на вегански производи, а додава и решенија „продавница во продавница“ со непрехранбени производи, на пример, со канцелариски материјали од „Пејпрчес“. Со оглед на тоа што трговците го прошируваат асортиманот и го комбинираат со побрзи или поудобни опции за купување, се очекува интересен натпревар меѓу интернет-каналот и физичките продавници од различни формати.
Се очекуваат нови иновации
За трговците и производителите што бараат инспирација, игнорирањето на европскиот пазар не е опција. Поголем дел од парите на купувачите се преместуваат и се трошат онлајн, што ги поттикнува малопродажните трговци да инвестираат повеќе во интернет-каналот. Оттука, очекуваме појава на нови иновативни решенија во регионот. Со проширувањето на повеќеканалните стратегии, Европа може да стане клучен извор на инспирација за тоа како порастот на интернет-каналот може да се интегрира со развојот на физичките продавници.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.