Анализи

Глобален преглед на малопродажбата за 2024 година

24 Jul 2024

По пазарните нарушувања што настанаа во текот на пандемијата на ковид-19, трошоците за живот, инфлацискиот притисок и геополитичките тензии низ светот, сосема е разумно што трговците се внимателни во врска со очекувањата за следната година. Но, се чини дека ситуацијата е нешто поинаква.

Извор: „Делоит“

Поттикнати од можностите засновани на технологиите, особено со појавата на генеративната вештачка интелигенција, која може да ги редуцира трошоците, да ја подобри продуктивноста и да го унапреди корисничкото искуство, трговците кои учествуваа во ова истражување дадоа оптимистички поглед за резултатите во секторот, како и за приходите и профитабилноста.

Би било погрешно да се рече дека оваа година ќе биде лесна за трговците. Економските прогнози укажуваат дека 2024 година би можела да биде поделена на две половини. Трговците низ светот истакнуваат дека главен приоритет ќе им биде соочувањето со инфлациските притисоци. Меѓутоа, постои најава дека како што ќе се развива индустријата и ќе се приспособува на променливите пазарни услови, 2024 година ќе донесе и многу можности за пораст.

За да се постигнат целите за пораст, трговците треба да се справат со разновидни системски предизвици, вклучувајќи ги климатските промени, намалувањето на работната сила и притисоците на синџирот на снабдување. Овие предизвици сѐ повеќе доаѓаат до израз и бараат ефикасно управување.

 Приходи и маржи

По долгиот период на ниски потрошувачки трошоци, макроекономска и геополитичка неизвесност, како и брза промена во однесувањето на потрошувачите, глобалната малопродажна индустрија се најде на крстопат. Принудена е да донесува одлуки за долгорочни инвестиции во нови технологии и работни модели, додека истовремено мора да управува со растечките трошоци во работењето и со падот на куповната моќ на потрошувачите.

За да ја процениме целосната состојба во малопродажниот сектор, анкетиравме 200 лидери во малопродажбата низ светот. Ги замоливме да ги споделат своите очекувања во врска со приходите и оперативните маржи, двата клучни показатели за финансиското здравје на компаниите и за индустријата во целина.

Наспроти неизвесноста низ светот, очекувањата на трговците за 2024 година се релативно оптимистички. Индустријата едногласно предвидува нето-зголемување на приходите (графикон 1). Поголемиот број трговци (89%) очекуваат пораст на приходите помеѓу 1% и 9%. Европските трговци се најпозитивни, очекуваат нешто поголем пораст во споредба со другите региони, при што најголемиот процент предвидуваат зголемување помеѓу 5% и 9%.

Глобалната малопродажна индустрија, исто така, има оптимистички очекувања за оперативните профитни маржи (графикон 2). Поголемиот број трговци (74%) предвидуваат скромно зголемување, што укажува на вкупната доверба во финансиските перформанси на секторот. Ниту еден од испитаниците не очекува нето-намалување на приходите во целиот сектор.

Односно, што е тоа што го поттикнува овој оптимистички поглед? Примарните причини за очекуваното зголемување на маржата во малопродажната индустрија го вклучуваат фокусот на профитабилноста на е-трговијата (47%) и диверзификација на изворите на приходи со високи маржи (34%).

         

 Зголемување на оперативните маржи: Е-трговија

Иако е-трговијата е клучен фактор за пораст на приходите, трговците сѐ повеќе се фокусирани на управувањето со предизвиците што таа ги донесува за профитабилноста. Осигурувањето на порастот на нето-добивката преку е-трговијата може да биде предизвикувачко, но постојат јасни можности за подобрување на профитабилноста.

Во малопродажните сектори со мали маржи, дополнителните трошоци поврзани со испораката го намалуваат профитот. Логистиката и инфраструктурата за испорака до крајниот корисник претставуваат посебен предизвик во Европа, каде што прекуграничната е-трговија е вообичаена. На Блискиот Исток, кој е огромно географско пространство со различни нивоа на развој на инфраструктурата, дополнително се зголемуваат трошоците и сложеноста на деловниот модел на е-трговијата.

За некои од трговците, дополнителните инвестиции во логистичката инфраструктура и центрите за исполнување на нарачките се клучни за решавање на овие предизвици и оптимизацијата на синџирот на снабдување во е-трговијата, но тоа значи дека профитабилноста може да остане долгорочна цел. Исто така, појавата на иновативни системи за испорака, како што се автономните возила и дронови, во наредната година веројатно нема да биде имплементирана во големи размери.

Технологијата може да создаде ефикасност и да ја зголеми профитабилноста на е-трговијата во текот на следната деценија, но однесувањето на потрошувачите исто така има големо влијание врз профитабилноста.

Еден од значајните предизвици за трговците се онлајн-враќањата. Потрошувачите сѐ повеќе ја користат политиката за бесплатно враќање и нарачуваат повеќе производи отколку што планираат да задржат, што дополнително ја оптоварува логистиката и ја намалува профитабилноста.

Зголемување на оперативните маржи: Диверзификација во изворите на приходите со повисоки маржи

Во потрагата по алтернативни извори на приходи, трговците сѐ повеќе размислуваат како да ги искористат постојните ресурси. Еден од највредните ресурси се податоците за купувачите. Во комбинација со вредниот рекламен простор, како онлајн така и физичкиот во продавниците, ова претставува огромна можност за развој на работењето во областа на малопродажните медиуми.

 Со оглед на тоа што многу од интернет-пребарувачите постепено ја укинуваат употребата на „колачиња“ од трети страни, способноста на трговците да ги искористат сопствените податоци за да им помогнат на брендовите да се поврзат со потрошувачите, а во согласност со локалните закони и прописи, станува повредна од кога било порано. Трговците можат да ја искористат оваа можност како нов извор на приходи или како опција за намалување на трошоците за рекламирање.

Покрај тоа, присуството на релевантни и целни медиумски канали може да ја зголеми продажбата и да го подобри беспрекорното искуство во повеќеканалното купување.

 Приоритети за 2024 година

Оптимистичниот поглед на вкупниот пораст на приходите и маржите е добар, но за да ги постигнат своите цели, трговците мора внимателно да им дадат приоритет на своите акции и инвестиции. За да можеме да разбереме на што најмногу ќе се фокусираат трговците, ги прашавме лидерите во малопродажбата да ги идентификуваат главните приоритети за своите компании за 2024 година (графикон 3). 

               

Јасно се издвојува една тема: трговците низ светот известуваат дека главниот фокус им е поставувањето на темелите на идниот успех. Препознавајќи ја потребата првин да ги адресираат фундаменталните системски предизвици на своето работење, како што се трошоците, кревките синџири на снабдување и прашањата во врска со климатските промени. Доколку сега се занимаваат со овие прашања, трговците ќе можат да ги постават темелите за идниот пораст. Исто така, треба да се потсетиме на важноста на краткорочните перформанси, со порастот на пазарниот удел, одржувањето на оперативните маржи и другите мерки на перформанси кои се високо рангирани.

 Предизвици и можности

Годината 2024 веројатно ќе донесе многу системски предизвици за секторот малопродажба. Истовремено, променливото однесување на потрошувачите и дисруптивната технологија можат да им помогнат да ги искористат можностите за пораст. Преку анкета ги истраживме овие контрастни теми, анализирајќи како компаниите планираат да се соочат со различните предизвици и каде ги гледаат можностите. Ќе истакнеме три системски предизвици и три можности кои би можеле да ја дефинираат малопродажната индустрија, не само во следната година, туку и во следните децении и понатаму:

 Системски предизвик #1: Климатските промени и кредибилитетот на трговците во врска со зелената транзиција

Трговците можат да претрпат повеќе ризици како последица на климатските промени. Потенцијалната штета на физичкиот имот, како што се продавниците и складиштата, предизвиците во доставата, неизвесните синџири на снабдување и порастот на трошоците за осигурување, се само некои од ризиците. Соочени со овие ситуации, 68% од трговците веруваат дека климатските промени во следните пет години значително ќе ги зголемат трошоците во работењето, а тој процент ќе го достигнува врвот кај 74% од испитаниците од регионот МЕАА.

Приспособувањето на климатските промени и исполнувањето на барањата на купувачите и регулаторните тела за одржлива практика во малопродажбата бараат од компаниите да ги усвојат ЕСГ практиките кои даваат транспарентност и следливост на нивните синџири на снабдување. Тоа вклучува користење на технологии како блокчејн за подобрување на целосна видливост на синџирот за снабдување. Следењето на трансакциите и на движењето на производите во синџирот на снабдување им го намалува ризикот од измами и неетички практики на компаниите. Не е изненадувачки што 52% од трговците очекуваат широка примена на блокчејн-технологиите во следните години.

Меѓутоа, ова не е единствената регулаторна директива за ЕСГ практиката. Како што одржливоста станува сѐ поважна за потрошувачите, така еколошките барања и ознаки се во пораст. За да се избегне ризикот од „гринвашинг“ и да се засили довербата кај потрошувачите во брендовите, новите прописи стриктно ги дефинираат еколошките тврдења и комуникации.

Покрај сѐ, поголемиот број трговци (62%) се согласуваат дека одржливоста претставува можност за пораст, очекувајќи во следните пет години повеќето од приходите да доаѓаат од циркуларните деловни модели.

 Системски предизвик #2: Недостиг на работна сила

Според прогнозите, глобалната малопродажба оваа година ќе надмине 30 милијарди американски долари. Истовремено, напредните економии во светот се соочуваат со недостиг на работна сила. Во последните неколку години пандемијата на ковид-19 дополнително го влоши овој проблем, предизвикувајќи изненаден пад на учеството на работната сила и намалување на миграциите. Иако учеството и миграциите повторно растат, понудата на работната сила и натаму не е доволна. Не е само присуството на долгорочните последици од ковид-19 тоа што ја ограничува работната сила, туку и падот на поголемиот дел од работоспособната популација во некои земји, поради стареењето на популацијата и опаѓањето на стапката на наталитет во одредени региони, како што е Европа. Со тоа компаниите се принудени повеќе да инвестираат во автоматизација и технологии кои заштедуваат работна сила и оние што на надградуваат, со што се забрзува порастот на продуктивноста.

Со трајниот недостиг на работна сила во пошироката економија, конкуренцијата на пазарот на труд со недоволен број вработени ќе се засилува. Анализирајќи за 2024 година, трговците веќе предвидуваат зголемување на конкуренцијата за квалификувана работна сила на глобално ниво.

Како одговор на динамичното работно опкружување, трговците им даваат приоритет на хибридните работни политики за да ги задржат талентите, додека истовремено го препознаваат потенцијалното влијание на недостигот на персонал врз искуството на купувачите.

Меѓутоа, со оглед на тоа дека потребата за автоматизација станува очигледна, индустријата би требало стратешки да се фокусира на обука и надградба на вештините на вработените за да бидат во согласност со новите технолошки трендови. Трговците, особено во Европа, ја прифаќаат ВИ како стратешка алатка за подобрување на управувањето со работната сила, процесот на вработување и обуката на вработените, нагласувајќи ја својата посветеност во користењето на напредните технологии за одржлив пораст и конкурентност.

 Системски предизвик #3: Синџири за снабдување под притисок

Во текот на пандемијата глобалните синџири за снабдување беа нарушени од наглиот пораст на потрошувачката на стоки, во комбинација со пандемските ограничувања во производството и дистрибуцијата. Тоа нарушување го нема повеќе, но искуството ги увери глобалните компании дека нивните синџири на снабдување се кревки и ранливи повеќе од порано.

Како последица на тоа, глобалните компании кои и натаму се фокусирани на ниските трошоци и големата брзина, сѐ повеќе се насочени на отпорноста на синџирите за снабдување. Резултат на сето тоа е поголемо инвестирање во диверзификација на синџирите на снабдување, со цел да се намали изложеноста на Кина. Глобалните компании одговараат на геополитичките тензии и ги преместуваат процесите од Кина во Југоисточна Азија, Индија, Мексико и во другите региони.

Трговците ја препознаваат потребата од справување со системските предизвици на своето работење, како што се притисоците на трошоците, кревките синџири на снабдување и климатските промени. Помалку од половина од трговците велат дека ефикасно управуваат со нарушувањата во синџирот на снабдување. Како резултат од тоа, особено во Европа, се тежнее кон подобрување на оперативната ефикасност на синџирот на снабдување, намалување на ранливоста и помош во осигурување агилни одговори на нарушувањата. За таа цел, еден од четири трговци планира да ги прошири своите логистички капацитети.

 Можност #1: Растечки тренд на здравјето и велнес

Здравјето и велнесот стануваат сѐ поважни трендови за потрошувачите, што произлегува од нивното сѐ посвесно однесување и зголеменото внимание што му го посветуваат на своето здравје. Осум од десет потрошувачи изјавиле дека бараат храна која им нуди нутритивни профили приспособени на нивните потреби.

Исто така, според „Делоит глобал консумер сигналс“, дигиталната потрошувачка на производи и услуги кои се однесуваат на здравјето и велнес, како што се апликациите за телездравство и следењето фитнес, претставува нова категорија во потрошувачките буџети. Речиси еден од десет потрошувачи потрошил на производи и услуги во оваа категорија во текот на последниот месец, при што младите (помеѓу 18 и 34 години) се најголеми потрошувачи од сите генерации.

Како резултат, трговците очекуваат пораст во користењето уреди од страна потрошувачите преку кои го следат здравјето и интегрираната персонализирана исхрана во нивниот купувачки избор, со посебен акцент кај американските трговци (68% во споредба со 61% за европските трговци и 60% за трговците од МЕАА). Ова би можела да биде можност за трговците да инвестираат во дигиталната функционалност која ќе им помогне на потрошувачите да донесуваат здрави одлуки.

 Можност #2: Технологијата го поддржува преминот од масовно кон микро

Во денешно време потрошувачите се сѐ поразлични во своите преференции при купувањето од она што го очекуваат од трговецот. Тоа ја наведува индустријата да размислува за премин од масовна кон микропродажба, односно од продажба водена од понуда на продажба водена од побарувачка. Трговците би требало да ги гледаат своите потрошувачи како индивидуи, што би довело до прецизни цели во маркетингот, промоциите и процесите.

Преминот од масовно кон микро подразбира создавање персонализирани искуства за купувачите и приспособување на услугите на различни канали за продажба. Се очекува асортиманите во комбинација со дигиталните и физичките искуства во продавниците подобро да одговараат на индивидуалните потреби. Со ваквиот премин, исто така, нема да постои еден универзално успешен формат, туку ќе биде поголемо спојувањето на дигиталните и физичките достави и купувањето во продавница, пониски понуди и поголем волумен, приспособени на различните приоритети на потрошувачите (на пример, квалитет, вредност, избор, погодност итн.).

Во оваа еволуција клучна улога има технологијата. Трговците имаат високи очекувања во врска со главните технолошки промени што ќе се случат во следните пет години, особено во врска со подобрувањето на ефикасноста, предвидувањата и унапредувањето на вкупното искуство во купувањето.

 Можност #3: Искористување на целосниот потенцијал на вештачката интелигенција и модернизација на работата

Постои широко прифатено очекување дека генеративната вештачка интелигенција (ВИ) ќе биде клучна во отворањето на деловните вредности, зголемување на ефикасноста и продуктивноста, како и во отворањето на вратите за новите производи, услуги и деловни модели. Според податоците на Институтот за вештачка интелигенција на „Делоите“, во САД 79% од деловните лидери од различните индустрии очекуваат ВИ да ги трансформира нивните организации во следните три години (графикон 4).

                 

Можностите во малопродажбата се исклучително големи. Една од способностите на генеративната ВИ е автоматското креирање атрактивни содржини на барања во големи количини. Со текстовите, сликите, маркетиншките кампањи, понудите на производи и други содржини кои ги креира генеративната ВИ, трговците можат да ги хиперперсонализираат ангажманите на купувачите преку многуте пазари и канали. Покрај тоа, генеративната ВИ претставува само уште една моќна алатка која може да помогне во подобрувањето на анализата на податоци, препознавањето на обрасците и предиктивното моделирање. Исклучително е ефикасна во изработката на огромни количини податоци со голема брзина, извлекување увид и идентификација на можностите. Брзото темпо за донесување одлуки во малопродажната индустрија и во другите сектори бара брза анализа на деловните податоци, вклучувајќи ги и структурираните информации (на пример, продажбата) и неструктурираните информации (на пример, повратните информации за купувачите и трендовите за дизајн). Со оглед на обемот на податоците, како и фактот што податоците понекогаш се изолирани или географски расфрлани, генеративната ВИ може да им помогне на компаниите побрзо и полесно да пребаруваат по собраните податоци за да ги најдат одговорите на прашањата и да го разберат својот пазар детално и со брзина која порано беше незамислива.  

За анкетата

Глобалниот преглед за малопродажбата за 2024 година на „Делоит“ се заснова на истражувањето кое го спроведе независната агенција на истражувања на пазарот „Колеман – Паркес“ во име на „Делоит глобал“. Анкетирањето е извршено преку телефон и интернет помеѓу 200 експерти од малопродажбата, вклучувајќи директори и високи раководители со директна одговорност за стратешките иницијативи во своите организации. Анкетата траеше од 10 ноември до 7 декември 2023 година.

 Приоритети на компаниите во 2024 година:

  • Управување со инфлациските притисоци и намалување на трошоците. Со оглед на континуираната економска неизвесност, постои силен фокус на решавање на предизвиците на инфлацијата и примената на строги мерки кои ќе придонесат за намалување на трошоците. Во деловните операции, намалувањето на трошоците може да ја унапреди примената на новите технологии, вклучувајќи ја и вештачката интелигенција, па дури ако тоа подразбира и подолг период на враќање на инвестицијата.
  • Подобрување на отпорноста на синџирот на снабдување. Помалку од половина од трговците истакнуваат дека ефикасното управуваат со нарушувањата во синџирот на снабдување. Како резултат на тоа, компаниите, особено во Европа, целат кон подобрување на оперативната ефикасност на синџирот на снабдување, намалување на ранливоста и осигурување агилни одговори на нарушувањата. За таа цел, еден од четири трговци планира да ги прошири своите логички капацитети.
  • Да се биде еколошки одржлив. Како одговор на интересот на потрошувачите и регулаторните промени, трговците годинава ќе им дадат приоритет на ЕСГ (еколошки, социјални и управувачки) прашањата. Поради тоа, се забележуваат инвестиции во развојот и спроведувањето на оваа стратегија.
  • Зголемување на пазарниот удел. Покрај овие предизвици, постои и непрекината посветеност во поттикнувањето на порастот на работата и ширењето на пазарниот удел на пошироки географски подрачја. Ова не е само прашање за надминување на предизвиците, туку и стратегиско позиционирање на компаниите за долгорочен успех и конкурентност. Исто така, се подразбира и истражување на дополнителни приходи во сродните индустрии.
  • Одржувањето или зголемувањето на оперативните маржи. Променливите пазарни услови и постојаните инфлациски притисоци создаваат дополнителен поттик за трговците да реинвестираат во својата работа. Без оглед дали се работи за одржување на ниските цени или инвестирање во технологиите поради осигурување на иднината на работењето, приоретизацијата на оперативните маржи им овозможува на трговците поголема флексибилност во носењето инвестициски одлуки.

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...