Истрагата во малопродажбата и големопродажбата на храна откри „загрижувачки“ знаци во профитот на трговците, соопшти шведскиот регулатор за заштита на трговската конкуренција, додавајќи дека сè уште ја анализира врската со наводните високи трошоци.
Забележуваме одредени причини за загриженост во развојот на маржите во трговијата на мало и големо. Очекуваме развојот на маржите да биде поврзан со зголемување на трошоците, инаку би можеле да бидеме прилично загрижени, изјави за Ројтерс Мартин Мандорф, раководител на единицата за злоупотреба на пазарот во регулаторната агенција.
Агенцијата го истражува целиот синџир на снабдување со храна, од производители и трговци на големо до малопродажниот сектор, и собира податоци од водечките супермаркети во Шведска за цените и маржите.
Во шведскиот прехранбен сектор доминираат три големи компании. Прехранбениот синџир ИЦА имаше пазарен удел од 53 проценти во 2022 година, според податоците од регулаторот, а остатокот речиси целосно го покриваат „Аксфуд“ и „Куп“. Германски „Лидл“ влезе на шведскиот пазар во 2018 година, а во 2022 година имаше само 5,7 отсто од пазарниот удел.
До неодамна високите цени го зголемија притисокот на конкуренцијата, а дисконтите земаат дел од пазарот од водечките играчи.
Во почетокот на годината министерката за финансии Елизабет Свантесон повика на разговор три големи синџири супермаркети, барајќи објаснување за високите цени. По средбата супермаркетите привремено ги намалија цените на некои производи.
Аксфуд соопшти дека ја поздравува истрагата на агенцијата.
ИЦА нагласи дека сопствениците на нејзините 13.000 продавници се независни трговци што се натпреваруваат меѓу себе. Цените се дефинирани на ниво на продавница, објаснуваат оттаму и додаваат дека се намалени цените на секојдневните производи и дека се работи и на долгорочни намалувања.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.