Регионално

Мирослав Мишковиќ, „Делта холдинг“: Да создаваме поголем економски простор

18 Feb 2020

Во организација на магазинот InStore и неделникот НИН, на 4 декември минатата година во „Краун плаза“ беше одржан првиот CEO summit, на кој присуствуваа 410 учесници. Меѓу говорниците и учесниците беа и некои од најзначајните бизнисмени во регионот. На самитот на бизнис-лидерите од регионот, Мирослав Мишковиќ, претседател на „Делта холдинг“, одговори на прашањата на Милан Ќулибрк, уредник на НИН.

Разговараше: Милан Ќулибрк, уредник на НИН

Неодамна најавивте дека „Делта холдинг“ ќе почне со изградба на нови деловни згради од 23.000 м2, кои ќе чинат околу 40 милиони евра. Своевремено „Делта банка“, „Делта осигурање“ и „Делта макси“ ги продадовте за околу 2 милијарди евра, а државава за 2.287 приватизирани претпријатија доби 2,9 милијарди евра. Во што е тајната? Кој е вистинскиот момент да се продаде дел од бизнисот или потребно е да се има малку среќа?

Пред разговорот споменавте дека основниот бизнис на „Делта холдинг“ се аграрот, недвижностите и дистрибуцијата на стоки. Сепак, пред тој бизнис, посуштински ни е создавање и продажба на компании. Тоа е нешто што го работат мал број компании во Европа. Тргнавме по тој пат, ги продадовме тие компании за малку повеќе од 2 милијарди евра, кои беа внесени во Србија. Тоа е како профит за земјава бидејќи тие компании постојат и денес, а некои се и уште поголеми. Нормално, заработи и „Делта“ и продолжи да развива нови бизниси.

Како ги донесувате клучните одлуки – се потпирате на сопственото чувство или правите детални анализи?

Во нашиот крај велат: Девојката се мажи кога ќе ја побараат, а не кога таа сака да се омажи. Секоја компанија има свои циклуси и обично сите ја продаваат фирмата кога е долу, а тогаш нема вредност. Компанијата мора да се продаде кога е горе. Како што девојката се подготвува за мажење, така и компанијата се подготвува за продавање. Ние ги користиме искуството и знаењето што постојат во Европа и во светот и врз таа основа, успешно го направивме тоа во претходниот период. Веќе подготвуваме уште две компании за продажба, за кои ќе ги почнеме преговорите. Прашање на време е дали ќе ги продадеме наредната година или следната. Ги советувам и другите така да постапуваат. Некои ме послушаа, а некои не.

Сте биле потпретседател на Владата на Србија, која сте ја напуштиле поради несогласувањата со Слободан Милошевиќ за процесот на приватизација. Доколку сега би биле во можност, што би им сугерирале за економската политика на Ана Брнабиќ и на Александар Вучиќ?

Основното што би имал да им го предложам е да разговараат со српските стопанственици. Тие разговараат само со странски инвеститори. Треба да разговараат колку што е можно повеќе и да ги слушнат реалните проблеми, насоката по која треба да се движи бизнисот во Србија. Основата на сè е „знаење на незнаењето“, за што напишав и книга. Мислам дека тие немаат доволно знаење за функционирањето на стопанството и што да преземат за да биде подобро.

Конечно почнувате да градите нешто во Србија. Дали тоа е знак за помирување меѓу Вас и извршната власт или е само изолиран случај?

Не знам што мислат тие, но би ми било мило да биде знак за помирување. Многу ми е мило што ја добивме првата дозвола и што почнуваме да ја градиме зградата. Но, нашите други инвестиции што сакаме да ги градиме во Белград се многу позначајни од таа зграда, а тоа е Автокоманда со 250 милиони евра, тоа е „Делта центар“. Од моментот кога ќе ни дадат дозволи, ние сме подготвени во рок од три месеци да почнеме со нови инвестиции од 500 милиони евра во Србија.

Со обновувањето на договорот ЦЕФТА под закрила на ЕУ и одредувањето надлежен суд веднаш би можеле да се решат споровите што ќе избијат меѓу одредена компанија и одредена држава.

Во последните години „Делта“ неспоредливо повеќе инвестира во Словенија, БиХ и во Бугарија отколку во Србија. Зошто? Дали тоа беше Ваша одлука како реакција на тоа што Ве држеа на принуден одмор пред неколку години или станува збор за нешто друго?

„Делта“ е голема компанија и немаше да биде таква ако инвестиравме само во Србија. Инвестиравме во целиот регион, каде што наидовме на добредојде, особено во Словенија. Тука се и Црна Гора и Бугарија, во која и претходно имавме малопродажен синџир. Тука е и Република Српска во БиХ. Имаме и една голема локација во Сараево, каде што сме подготвени, доколку властите ни дозволат, уште утре да ја почнеме инвестицијата од 80 милиони евра. Доколку имавме можност да вложуваме во Србија, секако дека би било поинаку, но тоа не би ги намалило инвестициите во регионот.

Велите дека би вложиле 500 милиони евра во Србија доколку Ви дозволат. Можете ли да направите паралела меѓу условите овде и во опкружувањето, дали гледате некакви пречки и доколку постојат, како може да се надминат?

Мој предлог е да се обнови договорот ЦЕФТА, но да биде под закрила на ЕУ и Брисел. Во обновениот договор да се наведе надлежен суд за ЦЕФТА – Брисел или Виена и ако имаме проблем ние стопанствениците што инвестираме во некоја земја, да можеме да ја тужиме таа земја за инвестицијата или за редовното работење. Многу е грдо кога инвестираме и планираме, а тогаш некои политичари ќе се испокараат меѓу себе и прво што ќе забранат е увозот. Со обновувањето на договорот ЦЕФТА под закрила на ЕУ и одредувањето надлежен суд веднаш би можеле да се решат споровите што ќе избијат меѓу одредена компанија и одредена држава.

Тоа значи дека го поддржувате т.н. мини-шенген?

Да. Поддржувам сè што значи проширување. Имаше многу компании во поранешна Југославија, но сега не треба да правиме политичка Југославија, туку да создаваме поголем економски простор во кој ќе се вклучат што повеќе земји. Во разговори со бизнисмени од Албанија и од Косово, ги прашувам дали навистина мислат дека можат да извезуваат стоки во Финска, Норвешка и сл. Секако дека не можат, нивниот извоз е во регионот. Затоа, неопходно е да имаат претставништва во Белград и во регионот и да соработуваат, бидејќи бизнисот не познава граници. Основно е народот да живее подобро. А, ако се држиме само во рамките на границите, народот не може да живее подобро бидејќи нема нови инвестиции, програми, вработувања и вредности.

Ќе напишете ли продолжение, втор дел од книгата „Јас, тајкунот“ со повеќе детали за некои од најинтересните случувања во последните години?

Засега не планирам. Можеби подоцна, не знам. Во моментов ми е окупација, но сè уште не сум донел одлука, да напишам книга што говори за знаењето. Размислете колку знаењето е значајно за една земја!? Малку се зборува за тоа. Знаење на ниво на држава, компанија и поединец... Сè што ни се случува е само затоа што имаме големо незнаење. Тоа е мој личен предизвик и ако решам да го прифатам, барем три години би работел на книгата. Во неа сакам да го напишам тоа што е основно – едуцирајте се што повеќе и примајте млади луѓе. Оваа земја може да ја променат само младите. Годинава ја примаме седмата генерација млади лидери – примаме 20 од 4.000 пријавени. Имаме повеќе од 20 кандидати што се школуваа во Америка, Франција и во Велика Британија, тоа е одлична база што не само „Делта“, туку и Србија треба да ја искористи. Тие ќе ни донесат нешто ново и попрогресивно.

Размислете колку знаењето е значајно за една земја!? Малку се зборува за тоа. Знаење на ниво на држава, компанија и поединец... Сè што ни се случува е само затоа што имаме големо незнаење.

Бевте личен пријател со Ивица Тодориќ. По крахот на неговата бизнис-империја, стравувате ли барем малку да не ви се случи нешто слично и Вам? Во што е разликата меѓу поранешен „Агрокор“ и „Делта“?

Нема никакви заеднички точки во економските показатели меѓу „Агрокор“ и „Делта“ затоа што имаме капитал од речиси милијарда евра. Капиталот не го внесуваме исклучиво преку профитот, туку и од продажба на компании. Не може компанија што има 25% кредит од капитал да има каков било проблем.

Постојат ли делови од „Агрокор“ што сакате да ги видите во составот на „Делта“?

Секако. Има делови за кои сме заинтересирани, но „многу бабици – килаво дете“. Тука е големиот проблем меѓу руската „Збербанк“ и американскиот фонд, вклучена е и хрватската држава... Воопшто не е важно кој ќе биде сопственикот на таа компанија. Важно е сите делови да функционираат добро, што е значајно за целиот регион.

Доколку, хипотетички, би станале министер за економија, со кои мерки би овозможиле заздравување на домашното стопанство?

Најпрвин би согледал колку знаење има нашето стопанство. Оперативно би соработувал со стопанствениците – да имаме повеќе домашни инвестиции и поголема сигурност, бидејќи не се чувствуваме доволно сигурни за да инвестираме. Второ, би морало да се донесе стратешки план. Тој не треба да биде како планот на Југославија од 1945 година за развој на тешката индустрија, туку да се донесат најискусните познавачи од Европа, кои во краток рок ќе согледаат и ќе предложат кои гранки во Србија може да се развиваат. Со тие знаења би се давале стимулации и различни погодности не само за странците, туку за сите што ќе ги развиваат областите што ги препорачале најумните луѓе од економската наука.

Повеќе погледнете во видеото тука. 

 



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...