
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Компаниите „Колрајт група“ и „Сканија“ започнаа практично тестирање камиони на водород во редовните логистички операции, во рамките на заеднички проект насочен кон одржлив транспорт и намалување на емисиите во товарниот сообраќај.
За „Сканија“, проектот претставува дел од пошироката стратегија за истражување различни технологии и извори на енергија за иднината на транспортот. Иако батериско-електричниот транспорт останува главен правец во развојот на компанијата, „Сканија“ го гледа водородот како потенцијално дополнително решение за одредени транспортни намени.
Од друга страна, „Колрајт група“ преку овој проект продолжува со реализација на својот план товарниот транспорт да го направи целосно без емисии, при што клучна улога имаат електричните возила на батерии и водород.
Иницијативата Pilot Partner, која „Сканија“ ја започна во 2021 година, претставува платформа за соработка со избрани купувачи во развојот и тестирањето нови технологии. Преку програмата се испитуваат различни решенија, вклучувајќи батериско-електрични возила, мотори со внатрешно согорување со помошни електрични системи, како и алтернативни технологии, како водородни горивни ќелии. Целта е да се проценат техничките перформанси, оперативната применливост и комерцијалниот потенцијал на новите решенија.
Во рамките на петгодишниот проект, „Колрајт група“ стана првиот и единствен купувач во Белгија што вклучил два камиони на водород на „Сканија“ во секојдневните транспортни активности. „Сканија“ произвела само околу 20 возила од оваа серија, кои се тестираат во реални работни услови во ограничен број земји.
Новите возила се целосно електрични камиони со водородни горивни ќелии (FCEV). Опремени се со горивна ќелија со максимална моќност од 300 kW, која од водород произведува електрична енергија и ги дополнува батериите за време на возењето.
Електричниот погонски систем испорачува континуирана моќност од 400 kW, додека системот за регенеративно сопирање може да генерира до 480 kW енергија за зголемување на ефикасноста. Камионот е конфигуриран како триосовинско возило 6x2 со управлива задна оска, што овозможува голема носивост и добра маневрирачка способност.
Максималната дозволена маса на композицијата изнесува 50 тони, што го прави погоден за тежок транспорт на подолги релации. Водородот се складира во резервоари со вкупен капацитет од 56 килограми, под притисок од 700 бари. Полнењето ќе се врши на постојните и идните водородни станици во белгиските градови Хале и Олини.
Комбинацијата на батериско-електричниот погон и водородната горивна ќелија овозможува автономија до приближно 800 километри, со нулта емисија на издувни гасови.
Камионот дополнително е опремен со специјална кабина на „Сканија“, која ги исполнува барањата на европската IVD директива за зголемени димензии на возилата. Тоа овозможува поголема вкупна должина на композицијата без намалување на носивоста, при што дополнителниот простор се користи за подобрување на аеродинамиката, безбедноста и енергетската ефикасност.
„Како малопродажна групација во која одржливоста е составен дел од работењето, чекор по чекор го правиме и нашиот товарен транспорт поодржлив. Нашата цел е до 2030 година сопствениот транспорт на стоки да биде целосно без емисии, со користење батериски и водородни електрични возила. До 2035 година сакаме целокупниот транспорт да функционира исклучиво на зелена електрична енергија и зелен водород“, изјави Лизелот Рукарт, директорка за транспорт во „Колрајт група“.