
Порастот на дисконтерите во последните неколку години е клучен фактор за експанзијата на приватните трговски марки...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Порастот на дисконтерите во последните неколку години е клучен фактор за експанзијата на приватните трговски марки.
Автор: Кешија Валвин, сениор малопродажен аналитичар, ИГД
Дисконтерите ги проширија своите продажни мрежи и купувачите денес имаат огромен избор од различни приватни трговски марки. Освен тоа, и квалитетот на трговските марки во дисконтните продавници, заедно со нивната цена, помогна да се подобри перцепцијата кај купувачите за овој сегмент на производи.
За да бидат конкурентни, големите трговци сè повеќе го развиваат и подобруваат асортиманот на приватни марки, со што го затвораат ценовниот јаз и бргу реагираат на трендовите на поединечните пазари. За возврат, брендовите се борат да ја одржат лојалноста на купувачите.
Во анализава се идентификувани најважните трендови што го водат порастот на сегментот приватни трговски марки на глобално ниво.
Иновативни производи
Однесувањето на купувачите постојано се развива и се менува, на што малопродажните трговци реагираат со ремоделирање на продавниците и со развој на нови понуди на производи. Тоа се забележува во различни категории производи, а во анализава фокусот ќе биде на сегментот приватни трговски марки:
Со иновативноста и брзата реакција на потрошувачките трендови, малопродажните трговци привлекуваат и нови купувачи. Уникатните асортимани на приватните марки им помагаат на трговците да се разликуваат од конкуренцијата и да обезбедат силна причина за купувачите да дојдат и да купат токму кај нив.
Како добар пример за тоа би го навеле „Карфур“ во Шпанија, каде што беше воведен разновиден асортиман на храна со инсекти, вклучувајќи тестенини, грицки и енергетски барови. Со тој асортиман, за кој се користат органски состојки, трговецот ги зајакнува одржливоста и здравото животно начело. Друг пример е „Албертсонс“ во САД, кој воведе ултра-премиум бренд – Signature Reserve, со фокус на квалитетните состојки и вкусови.
Трговските марки добиваат статус на брендови
Со оглед на тоа што со сопствените приватни марки трговците создаваат лојалност кај потрошувачите, разликата меѓу трговските марки и брендовите сè повеќе избледува. За да го постигнат тоа, трговците користат неколку тактики, како што се: маркетинг-активности во продавницата, специфично пакување, соработка со локалните заедници, ангажман на социјалните медиуми, создавање на таргетирани ниша-брендови и оддалечување од чадор-брендовите.
Развојот и порастот на електронската трговија, исто така, им овозможува на трговците да ги насочуваат купувачите кон приватните марки и да ја градат нивната доверба. На пример, италијанскиот малопродажен трговец „Унес“ ја направи достапна марката Il Viaggiator Goloso низ целиот полуостров преку „Амазон“.
За купувачите, овие производи нужно не претставуваат приватни трговски марки – тие дури можеби не се ни свесни дека тоа се брендови на малопродажните трговци. Сепак, за да го достигнат тоа ниво, неопходно е силно брендирање и промоција на трговските марки како посебни и уникатни.
Помал промотивен простор за брендовите
Трговијата на мало сè повеќе остава поголем продажен простор и премиум простор за промоција на својот асортиман од приватни марки. Тоа значи дека честопати останува помал простор за промоција на брендовите, што води до поголема селективност на трговецот при изборот на брендовите.
„Реве“ во Германија ги користи челните гондоли за изложување на приватните трговски марки и на тој начин создава силно присуство и свесност за нив низ целата продавница. На екраните се истакнуваат цените на различни линии трговски марки, од економичната Ja! до премиум линијата Rewe Feine Welt. Во една од продавниците на „Теско“ во Тајланд, работи „Теско фајнест кафе“, простор каде што потрошувачите може да седнат и да се напијат премиум кафе и да каснат колачи и закуски.
Зголемената видливост на приватните трговски марки може да се забележи во неколку категории, но таа е најголема во категориите здрави и органски производи.
Глобализацијата на малопродажбата во прилог на приватните марки
На повидок е нова верзија на глобализација на малопродажбата, во вид на аквизиции, сојузи, партнерства меѓу физичките и е-трговците... Новите сојузи им овозможуваат на трговците да ја искористат силата на другите членки, да ја надополнат својата понуда и да го развијат асортиманот. Резултатот од овие договори е зголемен обем на продажбата, подобрена ефикасност, пониски цени и подобар квалитет.
Партнерството меѓу „Казино“ и „Диа“ им овозможува на трговците размена на приватни трговски марки, што особено се однесува на регионалните производи. Соработката со интернет-продавниците на трговците им овозможува зголемување на глобалниот дострел на приватните марки. На пример, „Алибаба“ веќе е платформа за многубројни интернационални приватни марки, а како свеж пример би ја навеле соработката со „Кооп“ – Италија.
Партнерства меѓу трговците и доставувачите
Трговците и снабдувачите бараат нови начини за одржување и зголемување на вредноста на брендовите. Соработката со доставувачите може да отвори нови можности за трговците, како што се иновативни производи во асортиманот, приспособени понуди за купувачите и ексклузивитет за одреден бренд.
Соработката со доставувачите на трговците може да им помогне да го прошират асортиманот со нови категории и да стекнат поголема доверба од купувачите. Комплементарните производи и состојки, засилени со свесноста и препознавањето на брендот, се одлична основа за создавање бренд со силен идентитет. За доставувачите, кобрендирањето ќе обезбеди сигурен простор за производите на полиците на трговецот, а партнерството со е-трговците може да ја забрза експанзијата на брендовите на меѓународно ниво.
Во Јапонија, „7-елевен“ има неколку премиум приватни марки, меѓу кои е и чипсот од компири, направен специјално за овој трговец од водечкиот доставувач на грицки „Калби“. Во САД, „Таргет“ соработува со Музејот на сладолед за уникатните вкусови на овој омилен десерт.
Во чекор со трендовите
Инвестирањето во развој на нови производи станува неопходно. Освен тоа, за доставувачите е особено важно да се истакнат во продавницата меѓу другите трговски и А-брендови. И трговците и доставувачите треба напорно да работат за да го привлечат купувачот во и надвор од продавницата.
Различните сојузи и партнерства, исто така, се важен дел од глобалниот малопродажен пејзаж, преку кој може да се обезбедат можности за глобални кампањи и промоции и да се изградат силни меѓусебни врски.