
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево, Скопје и во Подгорица.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Доколку во претходните години најважно беше да се задржи производството и да се обезбеди континуитет во снабдувањето, денес фокусот сè повеќе се префрла кон ефикасноста, автоматизацијата, подобрувањето на продуктивноста и управувањето со профитните маржи.
Во услови на геополитички тензии, нестабилни цени на суровините, повисоки трошоци за енергија и логистика и притисок врз куповната моќ, глобалната прехранбена индустрија во 2025 година продолжи да балансира меѓу порастот и профитабилноста. Производителите сè повеќе се насочуваат кон оперативна ефикасност, автоматизација, оптимизација на трошоците и создавање производи со повисока додадена вредност бидејќи порастот на приходите веќе не е единствен показател за успех.
Слични трендови се забележуваат и во регионот. Иако производителите продолжуваат да растат преку извоз и инвестиции во модернизација, финансиските резултати покажуваат дека профитните маржи се под сè поголем притисок. Дел од компаниите го зголемуваат прометот, но бележат пад на добивката, додека други преку подобра контрола на трошоците успеваат да остварат подобри резултати. Овие движења сè појасно се одразуваат и кај македонската FMCG-индустрија.
Во анализата за производители на македонскиот пазар даваме преглед на финансиските резултати на 43 компании, кои во Централен регистар се заведени во секторот преработувачка индустрија, оддел: 10. производство на прехранбени производи, групи: од 10.1 до 10.9 и класи и поткласи: 10:11, 10:12:,10:13; 10:20; 10:31; 10:32; 10:39; 10:41; 10:39; 10:41; 10:42; 10:51; 10:52; 10:61; 10:62; 10:71; 10:72; 10:73; 12:00. Потоа, оддел: 11. производство на пијалаци и класи и поткласи: 11:02; 11:03; 11:04; 11:05; 11:06; 11:07 и оддел: 20. производство на хемикалии и хемиски производи, група: 20.4 производство на сапуни и детергенти, препрати за чистење и полирање, парфеми и тоалетни препарати и класи и поткласи: 20:41; 20:42. Износите се во денари според официјалните податоци на компаниите, добиени преку biznismreza.mk.
Финансиските извештаи на домашните производители за 2025 година испраќаат прилично јасна порака – македонската FMCG-индустрија и понатаму расте, но сè потешко ја претвора продажбата во профит. Речиси кај сите најголеми компании приходите се зголемени или остануваат стабилни, но профитабилноста покажува многу поразлична слика. Зголемените трошоци за суровини, енергенти, транспорт и работна сила продолжуваат да ги притискаат производителите. Доколку во претходните години најважно беше да се задржи производството и да се обезбеди континуитет во снабдувањето, денес фокусот сè повеќе се префрла кон ефикасноста, автоматизацијата, подобрувањето на продуктивноста и управувањето со профитните маржи.
Стабилност на врвот
И покрај различните стапки на пораст и промените во профитабилноста, врвот на листата според остварените приходи од продажба на производи останува непроменет. Истите десет компании што беа лидери во 2024 година ги задржаа своите позиции и во 2025 година, што укажува на стабилна структура на македонската прехранбена индустрија и на силна пазарна позиција на најголемите производители.
На врвот повторно се наоѓа „Пивара Скопје“, која во 2025 година остварила вкупни приходи од 8,97 милијарди денари, што претставува пораст од 5,4% во споредба со претходната година. Уште поважно е што компанијата успеала истовремено да го зголеми и профитот за 13,4%, достигнувајќи 1,66 милијарди денари. Со профитна маржа од 18,5% и принос на сопствениот капитал од 45%, „Пивара Скопје“ останува компанијата што најуспешно го претвора порастот во финансиски резултат.
На втората позиција е „Витаминка“, која е една од компаниите што најсилно го зголемија прометот. Вкупните приходи пораснале за речиси 27%, достигнувајќи 4,75 милијарди денари, а продажбата за 25%, што е втор најголем пораст меѓу анализираните производители. Сепак, и покрај силниот пораст на продажбата, добивката се намалила за повеќе од 42%, а профитната маржа паднала на 0,8%. Тоа е показател дека зголемените трошоци значително влијаеле врз профитабилноста.
„Тиквеш“ останува меѓу најстабилните компании во секторот. Со вкупни приходи од 3,78 милијарди денари компанијата бележи скромен пораст на продажбата од околу 2%, но успева добивката да ја зголеми за повеќе од 31%. Токму овој баланс меѓу порастот и профитабилноста ја издвојува компанијата меѓу најуспешните домашни производители.
Во првите пет компании според вкупни приходи се „Млекара Битола“ со 2,88 милијарди денари и „Прилепска пиварница“ со 2,37 милијарди денари. Интересно е што и покрај благото намалување на приходите, двете компании ја подобриле нето-добивката.
Кој најмногу порасна?
Ако се гледа исклучиво порастот на приходите, годинава рекордер е „МЛ-Гари“, носител на брендот вода Maya, со пораст од речиси 294%. Сепак, подеталната анализа покажува дека овој резултат не е последица на продажбата на производите, бидејќи приходите од продажба се намалени за речиси 7%, туку произлегува од други категории приходи.
Меѓу компаниите чиј пораст се темели на основната дејност најсилен исчекор направија „Витаминка“, „Тргопродукт“, „Бестфуд“, „Лакталис МК“ и „Макпрогрес“. Сите тие бележат двоцифрен пораст на вкупните приходи, што укажува на успешно проширување на пазарот и зголемен обем на работа.
На спротивната страна се „Хит 73“ и „Жито Полог“, кои забележаа пад на вкупните приходи поголем од 40%, како и „Везе Шари“, „Свислион Агроплод“, кај кои исто така има намалување на прометот. Сепак, кај дел од овие компании падот на приходите не резултира и со пад на добивката, што повторно упатува на тоа дека контролата на трошоците станува клучен фактор за успешноста.
Профитабилноста под лупа
Според остварената нето-добивка, убедливо води „Пивара Скопје“ со 1,66 милијарди денари. Втора е „Тиквеш“ со 362 милиони денари, следуваат „Цермат“ со 249 милиони денари, „Млекара Битола“ со 184 милиони, „Дием-ГП“ со 167 милиони и „Прилепска пиварница“ со 153 милиони денари.
Најголем пад на добивката бележат „Лион“ (-93,2%), „Кристал 1923“ (-91,8%) и „Свислион Агроплод“ (-77,6%). Во анализата има и компании што од добивка преминале во загуба. Најизразен е примерот на „Жито Полог“, кој од добивка од 11 милиони денари во 2024 година преминува во загуба од над 54 милиони денари. Загуба бележи и „Галафарм“. Истовремено, „Осогово милк“ успешно преминува од загуба во добивка, а „Лакталис МК“, по негативниот резултат во 2024 година, ја завршува 2025 година со позитивен финансиски резултат.
Профитната маржа (ROS) и понатаму останува еден од најрелевантните показатели за успешноста на производителите бидејќи покажува колкав дел од остварените приходи се претвора во нето-добивка. Анализата за 2025 година открива значителни разлики меѓу компаниите. Дел од производителите успеваат да одржат двоцифрени профитни маржи, што укажува на висока оперативна ефикасност и добра контрола на трошоците, додека кај други, и покрај порастот на приходите, профитната маржа останува многу ниска или е негативна.
Ако се изземе специфичниот случај на „МЛ-Гари“, која има највисока профитна маржа од 59,4%, највисоки профитни маржи бележат „Нехо“ (27,9%), „Пивара Скопје“ (18,5%), „Цермат“ (16,8%), „Хит 73“ (16,5%), „Техноалат комерц“ (15,6%), „Вивакс“ (15,1%), „Кривогаштани промет“ (14,5%), „Бовин“ (13,8%), „Тиамо“ (11,4%) и Дием-ГП (11,2%).
Според бројот на вработени, „Витаминка“ е најголем работодавец меѓу анализираните компании, со 641 вработен во 2025 година, при што нето-добивката по вработен изнесува 59.397 денари. Следува „Макпрогрес“ со 504 вработени и нето-добивка по вработен од 255.332 денари. „Пивара Скопје“ со 480 вработени остварува убедливо највисока нето-добивка по вработен, во износ од 3.451.199 денари. „Европа“ има 374 вработени и нето-добивка по вработен од 115.534 денари, додека „Свислион Агроплод“, со 346 вработени, бележи најниска нето-добивка по вработен меѓу овие компании, во износ од 25.938 денари.
Различни стратегии – различни резултати
Финансиските извештаи за 2025 година покажуваат дека успешноста на домашните производители не може да се оценува само преку висината на приходите. Дел од компаниите избираат стратегија на агресивен пораст и освојување нови пазари, додека други се насочуваат кон подобрување на профитабилноста и оптимизација на трошоците.
Резултатите потврдуваат дека македонската FMCG-индустрија и понатаму останува еден од најзначајните столбови на домашната економија. Во новата фаза на развој, конкурентската предност нема да се мери само според големината на производството, туку според способноста секој ресурс поефикасно да се претвори во вредност и во профит.
Целосната анализа, заедно со табелите и финансиските показатели, прочитајте ја на стр. 22 од специјалното издание Мапа на FMCG-индустријата, достапно на следниот линк