Трговскиот синџир „Хофер“ во Словенија подготвува пилот-проект за нов модел за вработување што ќе им овозможи на вработените во трговија и логистика кои не работат полно работно време, да бидат вработени на полно работно време на договорено работно место со помалку обврски.
Од компанијата соопштија дека на овој начин планираат да го решат проблемот на вработувањата со скратено работно време.
Тео Марсел, директор за финансии во „Хофер“, појасни дека проблемот е во словенечкото законодавство кое не е прилагодено на ваквиот начин на работа. Имено, висината на пензиите и условите за пензионирање не се условени од фактот колку се уплаќа во пензискиот фонд,туку од тоа колку работни часови работи работникот. Поради тоа, работниците со скратено време се во нееднаква положба за одење во пензија и износот на нивната пензија е различен во споредба со вработените на полно работно време.
Работниците во продажба и логистика, кои сега работат скратено (по 30 часови неделно), според новиот модел, ќе бидат вработени на полно работно време(40 часови неделно), од што 10 часа во просек, ќе им биде слободно време, за семејството и за хоби. Вклучените во новиот модел ќе имаат право на целосен регрес, кој оваа година изнесува по 1.700 евра за работник. Работните обврски и висината на платите нема да се променат.
Моделот ќе се спроведува во три фази. Првата ќе почне во септември и ќе опфати 21 продавница и возниот парк на логистиката. Од први јануари во системот ќе се вклучат и други продавници. Доколку моделот е успешен, во третата фаза ќе бидат вклучени сите маркети и сите работници во логистика, од кои сега околу 1.400 исполнуваат услови за ваков начин на работа.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.