„Унилевер" ја купи бугарската компанија „Сладоледна фабрика", која го произведува брендот сладоледи Denny.
Договорот, чија вредност не е објавена, ќе подлежи на одобрување од Комисијата за заштита на конкуренцијата, пренесува бугарски „Регал".
Бугарската компанија, лоцирана во Велико Трново, е основана во 1993 година од Цветан Цветанов и Румен Данчев. Покрај сопствениците, денес во бизнисот се вклучени и синовите на Цветанов – Александар и Вилијан.
Бугарската единица за сладоледи на „Унилевер" и „Сладоледна фабрика" ќе се спојат и новата структура ќе биде дел од „Унилевер саут централ". Цветан Цветанов ќе биде извршен директор на новата фирма, вели Александар Цветанов, маркетинг-менаџер на „Сладоледна фабрика", во изјава за бугарски „Капитал", кој додава дека иницијативата за трансакцијата била на „Унилевер" и дека преговорите се воделе веќе една година. Тој истакнува дека сите вработени во „Сладоледна фабрика" ќе ги задржат работните места.
Џејмс Симонс, извршен директор на „Унилевер саут централ" вели дека со големо задоволство му посакуваат добредојде на сладоледот Denny во семејството на „Унилевер": Denny е омилениот бренд на бугарските потрошувачи. Освен тоа, особено сме задоволни и што Цветан Цветанов ќе му се приклучи на тимот, бидејќи тој е исклучителен претприемач и ќе има важна улога во создавањето на светла иднина за овој нов бизнис.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.