„Подравка“ и новооснованата компанија „Подравка агри“ потпишаа договори со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за акционерско вложување во „Подравка агри“, во преземањето на земјоделскиот сегмент на групацијата „Фортенова“, кој ги сочинува „Беље плус“, „ПИК-Винковци плус“, „Вупик плус“, „Енергија Градец“, „Беље агро-вет плус“ и „Феликс плус“.
По трансакцијата, „Подравка“ ќе има 84,99% сопственички удел во „Подравка агри“, додека ЕБОР ќе поседува 15,01%, се вели во соопштението на компанијата.
Договорите потпишани меѓу „Подравка“ и ЕБОР ги дефинираат меѓусебните односи на сосопствениците, правата и обврските на менаџментот на „Подравка агри“, како и начинот и условите за купување на акции стекнати од ЕБОР во новооснованата компанија.
Со потпишувањето на договорот со ЕБОР, направивме важен чекор кон финализирање на стекнувањето на земјоделскиот сегмент на групацијата „Фортенова“. Партнерството со нив ќе овозможи трансфер на најдобрите светски практики во управувањето со земјоделските компании и дополнително зајакнување на корпоративното управување во новооснованата компанија „Подравка агри“. Вработените во овие компании ќе останат во центарот на нашите планови, изјави Мартина Далиќ, претседател на Управниот одбор на „Подравка“.
Преземањето на земјоделскиот сегмент на групацијата „Фортенова“ е значаен стратешки чекор напред за „Подравка“, во која, по финализирањето на трансакцијата, земјоделското производство ќе биде третиот стожер на бизнисот, заедно со прехранбената и фармацевтската индустрија.
Да потсетиме, минатото лето „Подравка агри“ и „Фортенова“ склучија купопродажен договор за стекнување на земјоделскиот сегмент на групацијата, со вкупна вредност од 333 милиони евра. Аквизицијата сè уште чека одобрение од Агенцијата за заштита на пазарната конкуренција.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.