Преку нов пакет економски мерки вреден 470 милиони евра Владата ќе се обиде во третиот квартал од годинава да го спречи падот на БДП од вториот квартал и со зголемена економска активност и јавна потрошувачка да предизвика раст предуслови за раст на економијата од 4,8 проценти во 2021 година.
Со четвртиот пакет, кој има вкупно 31 мерка, како што вчера посочи премиерот Зоран Заев, не е заборавен никој, ни граѓаните ни стопанството за надминување на последиците од здравствено-економската криза. Пакетот мерки е директна поддршка за економската и социјална сигурност на граѓаните и поттикнување на приватната потрошувачка, а вниманието е насочено кон поддршка на работните места, на ранливите категории, невработените…
Прва мерка е продолжување на поддршката за исплата на плата во последните три месеци. Како што рече Заев таа ќе биде скалеста и ќе зависи од падот на приходот кај компаниите. Колку е поголем падот на приходите, толку ќе биде поголема поддршката која ќе се движи од 14.500 денари до 21.776 денари. Со оваа мерка ќе бидат поддржани 250.000 работни места, а вредноста е 70 милиони евра.
Втората мерка е платежна картичка за поголема потрошувачка во износ од 6.000 денари, а ќе ја добијат 5.726 самохрани родители 182.271 пензионер со пензии до 15.000 денари, 85.108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници, граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Оваа мерка е наменета за 280.000 граѓани кои ќе бидат поддржани со 27,6 милиони евра, а платежни картички „Купувам домашно” ќе добијат уште 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички, а поддршка за ученички и студентски стандард од 44 милиони денари за 2020 година добиваат 884 студенти и 347 ученици.
Меѓу мерките е и згоелмување на грејс период на бескаматните кредити од Ковид 1 линијата во траење од три месеци, нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, државна кредитна и царинска гаранција, дополнително одложување на отплата на кредити за компании, намалување на увозни давачки и на парафискални обврски, потоа поддршка на туристичките водичи, туристичките агенции, поддршка за туризмот преку враќање на туристичката такса за 2019 година во износ од два милиони евра, поддршка за угостителските објекти за организирање свадби, дискотеките, игротеките, уметниците, компании, занаетчии, земјоделци….
Оваа мерка предвидува да опфати повеќе од 350.000 граѓани, корисници на апликацијата „МојДДВ”, кои за време на продолжениот викенд на 10-11-12 октомври ќе можат да купат домашни производи и услуги или компјутери и друга ИТ опрема во вредност од најмногу 30.000 денари. Тие во рок од неколку дена ќе го добијат назад на своите сметки целиот ДДВ. Со ова мерка се проектира да се направи промет од 170 милиони евра, пари кои ќе бидат инекција за стопанството, а кон граѓаните ќе бидат вратени околу 17 милиони евра, од повратот на ДДВ, рече Заев.
Вредноста на четирите пакети мерки е една милијарда и 20 милиони евра.
Парите за четвртиот сет мерки вреден 470 милони евра, како што рече, ќе бидат обезбедени од кратења на расходната ставка на Буџетот и додаде дека сите министри работат да ги скратат сите трошења што не се најитни и немаат никакво влијание во позитивно поддршка на стопанството во целиот овој период и дел се кредити.
@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.