Македонија

Во Скопје се отвори втората „Ла фамилиа“

06 Aug 2020

Продавницата „Ла фамилиа“ (La Familia Liquor, Tobacco & Gift Shop) во Скопје беше отворена на 24 јуни, во согласност со сите мерки и протоколи на здравствените власти, со куса и пригодна церемонија.

Продавницата е лоцирана на булеварот Партизански одреди, бр. 47/2, лок. 3, во непосредна близина на Универзалната сала. Ентериерното уредување е тематски конципирано, како реминисценција на 30-те години на минатиот век, кое како контрапункт го има модерното и високата технологија претставени низ опремата. Објектот има 105 м2 продажен простор, поделен на сегменти, а магацинскиот простор од околу 40 м2 е сместен во подрумскиот дел.

Портфолиото го сочинуваат повеќе од 4.500 производи, распределени во неколку групи: пијалаци (безалкохолни, алкохолни, вина), производи од тутун, пакувани производи, подароци, специјализирани секции за свежо цвеќе, книги, грицки и за кафе, како и други FMCG-производи. Двете наплатни каси се позиционирани на влезно-излезната партија, на соодветно поставен пулт, а за услугата се грижат 8 вработени.

Идејата зад „Ла фамилиа“ е да се развива како франшиза. Ова е втората продавницата во Скопје.

Уште пред околу 3 години ја увидовме потребата од воведување нова содржина во малопродажбата. Овој формат го утврдивме како  уникатен концепт, кој нуди фокусирани содржини, со тематско и препознатливо ентериерно уредување. Приказната ја почнавме со отворањето на првата продавница во Велес, а името на брендот асоцира на семејството, топлината, посветеноста и грижата, изјави за InStore Далибор Ѓошевски, сопственик на брендот La Familia Liquor, Tobacco & Gift Shop.

Тој додава дека веќе се прави и достава до дома, со брендирано еколошко возило, а наскоро ќе биде функционална и веб-продавница. Идејата е да отвориме повеќе специјализирани продавници во сите поголеми градови низ Македонија, во неколку инвестициски фази, открива тој.



@InStore.mk
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира. 





Се вчитува следна вест...